Европа
(Фото) Што сè се наоѓа во катедралата Нотр Дам?
Катедралата Нотр Дам во Париз е дом на бројни артефакти, уметнички дела и реликвии собирани со векови и секое од нив раскажува различна приказна. По страшниот пожар што вчера изби во готската катедрала, постоеја стравови дека овие вредни предмети можеби веќе заминале во историјата, објави Си-ен-ен.
„Пожарот се засили откако зафати една дрвена решеткаста конструкција по што се запали и препознатливата кула, а потоа и покривот, чијашто конструкција датира од 13 век“, вели ректорот на катедралата, Патрик Шовет.
Ова се само две структури на историската градба која е препознатлива по својата архитектура и други обележја.
Што сè има во познатата катедрала:
– Розетни прозорци – три извонредни кружни прозорци со витражи ја красат секоја од трите главни порти на катедралата кои датираат од 13 век.
– Оригиналната Голема оргула – еден од најпознатите светски инструменти, кој датира од средниот век. Низ годините изработувачите на оргули ја реновирале оваа оргула и додавале нови елементи, додека биле задржани и оригиналните цевки од средниот век. Титулата на главен свирач на оргула е голем престиж во Франција, но и во светот.
– Голем број скулптури, статуи и слики во катедралата на кои се отсликани библиски сцени и светци.
Една серија од 76 слики, секоја од нив висока најмалку 4 метри, претставува комеморација на Делата на Апостолите од Новиот Завет, меѓу кои се наоѓа и распнувањето на Св. Петар и преображението на Св. Павле. Овие дела се изработени помеѓу 1630 и 1707 од страна на членови или соработници на Кралската академија за сликарство и вајарство.
Меѓу останатите дела се наоѓа серијал на слики од Жан-Баптист Жувене, на кои е отсликан животот на Девицата Марија. Сите шест слики се наоѓаа во катедралата, но беа преместени во музејот Лувр во 1860-тите, а од нив само сликата насловена „Привидение“ беше вратена во Нотр Дам.
Ѕидовите од катедралата ги красеше и портрет на Св. Тома Аквински, насликан во 1648.
– Камбанариите близначки беа највисоките градби во Париз, сè до изградбата на Ајфеловата кула при крајот на 19 век.
Северната камбанарија беше завршена во 1920, додека, пак, јужната во 1250 година.
Главната камбана, Емануел, се наоѓа во јужната камбанарија. Таа е гласник на некои од најзначајните настани во француската историја, како крајот на Втората светска војна, а ѕвони и за празници и други специјални пригоди.
– Во трезорот на катедралата се наоѓаат и бројни артефакти кои се свети и многу значајни за христијанството, како што е Венецот од трња, фрагмент од Вистинскиот крст, како и еден од Светите клинци.
Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, изјави дека од катедралата се спасени Венецот од трња, Туниката на Луј IX Светиот, како и други важни дела.
– Од надворешноста на катедралата се наоѓа менажерија од гарголи и химери кои „чуваат стража“. На надворешната страна од ѕидот се наоѓа систем од контрафори кои служат за потпора.
– Археолошката крипта се наѓа под катедралата. Таа е изградена со цел да ги сочува реликвиите од 19 век кои биле откриени за време на ископувањата во 1965. Криптата за првпат е отворена за јавноста во 1980 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.