Европа
Штрахе со намера да напише книга за аферата „Ибица“ која ја стресе Австрија
Поранешниот австриски вицеканцелар и некогашен лидер на Слободарската партија на Австрија (ФПО), Хајнц Кристијан Штрахе, најави дека ќе пишува книга за аферата „Ибица“, која доведе до негово политичко пропаѓање.
Штрахе, откако кон крајот на мај беа објавени снимки од вечера на Ибица од пред две години, каде на наводна внука на руски милијардер ѝ нуди државна работа за финансиска поддршка на неговата партија, беше принуден да поднесе оставки од сите политички функции.
Со книгата тој има намера да придонесе за расветлување на настаните во Ибица.
Штрахе книгата нема да ја пишува сам, туку тоа ќе им го препушти на, како што вели, познати истражувачки новинари.
Според него, само искусни новинари може да ја разберат далекусежноста на видеото од Ибица и да докажат кој стои зад распадот на успешната влада, која ја сочинуваа неговата партија и партијата на канцеларот Себастијан Курц.
Штрахе по оставката веднаш објави дека ќе ја расветли целата афера, а потоа има намера да се врати на политичката сцена во Австрија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Писториус: Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за војната во Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус тврди дека Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за да ја продолжи својата специјална воена операција во Украина.
Во интервју за телевизијата „АРД“, тој беше прашан дали го дели стравот на балтичките земји дека Русија ќе може да ја нападне територијата на НАТО за неколку години, тој одговори дека нема кристална топка за да ја предвиди иднината, пренесе ТАСС.
„Но, она што го велат воените експерти и специјалистите за оружје е дека Русија го зголемува производството на оружје“, рече тој.
Писториус истакна дека поголемиот дел од произведеното не се испраќа на фронт, туку оди во магацини. Според германскиот министер за одбрана, во случај на ескалација ќе биде вклучено целото НАТО.
„Во тој случај треба да можеме да се одбраниме, да водиме војна која ќе ни биде наметната. Затоа не штедиме напори за соодветно опремување на вооружените сили во Европа, во НАТО“, додаде тој.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.