Свет
Јапонија ги откажа вежбите за евакуација во случај на напад од Северна Кореја
Јапонија одлучи да ги суспендира вежбите за евакуацја на цивили чија цел е подготовка за евентуален ракетен напад од Северна Кореја. Вежбите почнаа минатата година кога Северна Кореја тестира лансирање проектили во близина и над јапонските острови, пренесува „Тајм“.
Девет вежби за подготовка на јапонските граѓани требаше да се одржат подоцна годинава.
Оваа одлука е донесена по неодамнешниот историски самит на претседателот на САД и лидерот на Северна Кореја кој ги ублажи тензиите, јави агенцијата „Кјодо“. Владиниот Секретаријат за кризен менаџмент посочи дека официјалната најава за прекинот на вежбите се очекува набргу. Неименуван јапонски владин претставник изјави за „Ројтерс“ дека в петок ќе даде изјава во врска со воените вежби.
Информацијата за прекинатите вежби излезе вчера кога неименуван официјален претставник во Јаити, во северниот дел на Јапонија, рече дека префектурата Точиги ги известила градските власти дека централната влада одлучила да ги откаже планираните вежби земајќи ја предвид меѓународната ситуација.
„Кјодо“ наведе дека уште неколку префектури се исто така известени за одлуката да се прекинат вежбите. Последователно се одложени и вежбите во префектурите Кагава, Токушима, Нигата, тојама и Ишикава.
Секретаријат за кризен менаџмент посочи дека вежбите ќе бидат ставени на пауза сè додека тензиите останат со намален интензитет.
Минатата година Пјонгјанг лансира два проектила што прелетаа над Јапонија, а ја изведе и шестата нуклеарна проба. Токио својата прва вежба на евакуација ја спроведе во јануари, а помали јапонски градови и села одржаа слична вежба кога Северна Кореја продолжи со развој на своите ракетни и нуклеарни програми за вооружување.
Инаку, јапонскиот премиер Шинзо Абе сака да се сретне со Ким за да разговараат за јапонските државјани што севернокорејските агенти ги киднапирале пред повеќе децении. Имено, во 2002 година Северна Кореја призна дека нејзините агенти киднапирале 13 Јапонци во 70-тите и 80-тите. Јапонија, од друга страна, пак, наведе дека 17 државјани се киднапирани, од кои пет се вратени дома. Абе ова прашање го постави како столб на својата политичка кариера и вети дека нема да се смири сè додека сите киднапирани јапонски граѓани не бидат вратени во својата земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Разузнавачки извор за „Си-ен-ен“: Директните напади меѓу Израел и Иран завршија
Регионален разузнавачки извор рече дека директните напади меѓу Израел и Иран се завршени.
Изворот разговарал за Си-Ен-Ен под услов да остане анонимен околу два и пол часа по објавувањето на нападите. Изворот вели дека, според неговите сознанија, не се очекува Иран да одговори на нападот, но не наведе причина.
Претходно и висок ирански функционер изјави за Ројтерс дека „Иран нема план за итна одмазда против Израел“.
Израел се уште не потврдил дека го извршил нападот врз Иран, а тврдењата за нападот дојдоа од Вашингтон.
Од друга страна, од Иран доаѓаат контрадикторни информации, но нема официјален извештај.
Пред само еден час, ирански аналитичар изјави за иранската државна телевизија дека „мини-дроновите соборени од противвоздушната одбрана во Исфахан биле управувани од инфилтратори од Иран“.
Претходно, пак, ирански функционер изјави за Ројтерс дека немало ракетен напад и дека експлозиите биле резултат на активирање на иранските системи за противвоздушна одбрана.
Свет
Украина тврди дека соборила руски бомбардер
Украинските воздухопловни сили денеска соопштија дека собориле руски стратешки бомбардер првпат од почетокот на руската инвазија, а Москва објави дека авионот се урнал поради технички дефект и дека еден член на екипажот загинал.
„Првпат противвоздушните ракетни единици на Военото воздухопловство во соработка со одбранбеното разузнавање на Украина го уништија стратешкиот бомбардер со долг дострел ‘ту-22М3’, кој носи крстосувачки ракети ‘Х-22’“, изјави командантот на украинските воздухопловни сили на „Телеграм“.
Украинската воена разузнавачка служба (ГУР) соопшти дека рускиот авион „бил соборен благодарение на специјалната операција спроведена од украинското одбранбено разузнавање во соработка со воздухопловните сили“.
Руското Министерство за одбрана не потврди дека украинската страна нападнала еден нејзин авион, но воен извор изјавил за новинската агенција ТАСС дека бомбардерот „туполев-22М3“ се урнал во регионот Ставропол по борбена мисија додека се враќал во базата. Според овој извор, авионот не носел оружје.
Свет
САД ставија вето на приемот на Палестина во ОН
Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации „Државата Палестина да биде прифатена како членка на ОН“.
Воздржани беа Велика Британија и Швајцарија, а „за“ гласаа Словенија, Сиера Леоне, Русија, Јужна Кореја, Мозамбик, Малта, Јапонија, Франција, Гвајана, Еквадор, Кина и Алжир.
Претходно вчера, заменик-портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател, потврди дека Вашингтон ќе стави вето на гласањето во Советот за безбедност на ОН наведувајќи дека нема едногласно мислење меѓу членовите на комитетот за тоа дали Палестинците ги исполнуваат критериумите неопходни за да бидат дефинирани како држава.
Палестинската управа (ПА) го осуди потегот нарекувајќи го „нефер, неетички и неоправдан“.
Кабинетот на претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, го нарече американското вето „еклатантна агресија …туркање на регионот преку работ“.
Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, го пофали американското вето додавајќи: „Срамниот предлог беше отфрлен. Тероризмот нема да биде награден“.