Свет
„Њујорк тајмс“: Џина Хаспел е жената што го убедила Трамп да го убие Сулејмани
Заканата што ја претставува иранскиот генерал е поголема од заканата од реакција на Иран ако тој биде убиен, му рекла директорката на ЦИА, Џина Хаспел, на американскиот претседател Доналд Трамп неколку дена пред да буде убиен иранскиот генерал Касем Сулејмани, пишува „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на неименувани американски официјални лица. Хаспел успеала и целосно да ја предвиди реакцијата на Иран, односно таа го предвидела ракетниот напад врз базите со американски трупи како најверојатна реакција на Иран, а токму тоа и се случи во вторникот.
Иако Хаспел формално не зазела став ни „за“ ни „против“ Сулејмани да биде убиен, лицата што ја сослушале нејзината анализа биле убедени дека ЦИА верува оти неговата ликвидација само ќе ја зајакне, а нема да ги ослаби позицијата на САД и безбедноста на Блискиот Исток, пишува „Њујорк тајмс“.
Предупредувањето на американските разузнавачи дека ирански ракетен напад врз американските трупи е речиси извесен стигнало во вторникот во два часот попладне по локално време. Претходно се нижеле разни сценарија за можна одмазда на Иран за убиството на Сулејмани: ракетни напади, терористички напади врз Американци на Блискиот Исток, па дури и дека стотина припадници на милицијата што ја поддржува Иран би можеле да ја нападнат воздухопловната база Ал Асад.
Но, последното предупредување на разузнавачите го испратил потпретседателот Мајк Пенс и советникот за национална безбедност, Роберт О’Брајан, директно во подрумот на западното крило на Белата куќа, каде што набргу им се придружил и Трамп.
Три часа подоцна балистички ракети паднале на две бази во Ирак, вклучувајќи ја и Ал Асад. Весникот наведува дека во базите Ал Асад и Ербил била причинета материјална штета, без жртви или повредени.
Трамп и неговите соработници ја поминале ноќта заедно со воените стратези разгледувајќи ја можноста да се осветат на Иран ако има мртви американски војници.
„Њујорк тајмс“ оценува дека навремените предупредувања на разузнавачките служби донекаде придонеле ракетите да уништат празни хангари и хаварисани авиони и да нема загинати американски и ирачки војници.
По нападите, Трамп во обраќање до нацијата наведе дека, по сè изгледа, Иран се повлекува.
Американскиот претседател рече дека иранските напади направиле толку мала штета затоа што биле преземени мерки на претпазливост, имало прераспоредување на силите и имало навремено предупредување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.