Свет
Џорџ Сорос: Германската пресуда за ЕЦБ може ѝ стави крај на ЕУ каква што ја знаеме
Германскиот Уставен суд минатата недела донесе пресуда дека Централната банка на еврозоната (ЕЦБ) го пречекорила мандатот кога купила државен долг во рамките на програмата за квантитативно олеснување (QE) и се закани дека ќе ги блокира новите купувања германски обврзници од страна на Банката.
Унгарско-американскиот милијардер Џорџ Сорос верува дека институционалната пресметка во ЕУ може да ѝ стави крај на Унијата каква што ја знаеме.
„Особено сум загрижен за опстанокот на ЕУ затоа што е нецелосна унија“, рече Сорос во интервју за „Индипендент“.
Тој додаде дека процесот на создавање на ЕУ никогаш не бил завршен, а тоа ја прави Европа исклучително ранлива – поранлива од САД не само затоа што е нецелосна унија туку и затоа што се заснова на владеењето на правото.
Сорос изрази сериозна загриженост поради Уставниот суд на Германија, кој минатата недела ја оспори Програмата за масовно купување долгови на ЕЦБ и ѝ даде на Банката тримесечен ултиматум за да ја оправда пропорционалноста на своите набавки на обврзници или да ризикува да ја изгуби Бундесбанк како учесник.
Како одговор на тоа Европската комисија се закани дека ќе ја тужи Германија иако официјалните претставници на ЕУ во понеделникот соопштија дека непосредното правно дејство против Берлин е малку веројатно.
„Пресудата претставува закана што може да ја уништи ЕУ како институција заснована врз владеењето на правото токму затоа што ја донесе германскиот Уставен суд, кој е најпочитуваната институција во Германија“, предупреди Сорос.
Тој рече дека епизодата може да постави преседан за другите земји членки на ЕУ, како Полска и Унгарија (кои веќе се судрија со Брисел за нивното владеење на правото) за да се доведе во прашање законитоста на одлуките на Европскиот суд на правдата.
„Ако пресудата на германскиот суд спречи ЕУ да се спротивстави на овие случувања, тоа ќе биде крај на ЕУ каква што ја знаеме“, заклучи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Фокс њуз открива“: САД потрошиле најмалку 113 милијарди долари за војната во Украина
Американската влада потрошила најмалку 113 милијарди долари за војната во Украина, но таа сума може да се смета за многу поголема поради трошоците за замена на оружјето и муницијата испратени во Киев, процени Пентагон, дознава „Фокс њуз“.
„Фокс њуз“ во септември објави дека САД потрошиле вкупно 101 милијарда долари за војната во Украина.
Според документите од Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа испратени до сенаторот Џ. Д. Венс од американската сојузна држава Охајо, до која имал пристап „Фокс њуз“, САД потрошиле најмалку дополнителни 13 милијарди долари од септември за војната во Украина.
Директорката на Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа, Шаланда Јанг, во писмо до Венс рече дека американскиот Конгрес обезбедил 111 милијарди долари дополнителни средства како одговор на војната во Украина вклучувајќи безбедносна, економска и хуманитарна помош.
Јанг истакна дека вкупните средства вклучуваат и средства „кои не отишле директно во Украина“, туку се користат за поддршка на таа земја поради што понекогаш се појавуваат разни бројки за американската помош за Киев.
Регион
Завршено вештачењето на мобилниот телефон на мајката на Данка, биле бришени пораки и повици, објавија српските медиуми
Мобилниот телефон на мајката на Данка Илиќ бил испратен на вештачење по исчезнувањето на девојчето. Неофицијалните податоци говорат дека мајката избришала многу пораки и повици ден пред и на денот на исчезнувањето на Данка, објави српски „Блиц“.
Според неофицијални сознанија од истрагата, вештачењето на мобилниот телефон на Ивана Илиќ покажало дека се избришани многу пораки и податоци за повици, пишува српски „Информер“.
„На ден пред исчезнувањето и на денот на исчезнувањето на Данка Илиќ многу пораки и повици се избришани од телефонот. Ова го утврдиле инспекторите за високотехнолошки криминал. Пораките и повиците може да се избришат од телефонот, но да останат во базата на податоци“, рекол изворот.
Како што се дознава, пред исчезнувањето на Данка Илиќ мајката трипати го фотографирала детето од разни агли.
Да потсетиме, мајката на Данка Илиќ, Ивана, денеска повторно е во полициската станица во Бор, каде што е на распит за околностите на својата исчезната ќерка. Таткото помина на полиграфското тестирање.
Регион
„Клучот е кај родителите, тие мора да одговорат на едно прашање“, вели поранешен шеф на белградската полиција за случајот со исчезнувањето на Данка
Родителите се тие што имаат многу да објаснат. Прво, зошто чекаа да го пријават исчезнувањето? Колку што знам, чекаа два часа. Познато е дека кога ќе исчезне дете, веднаш се пријавува за да се реагира бргу, изјави Марко Ницовиќ, поранешен началник на белградската полиција, за „Телеграф.рс“.
Според Ницовиќ, полицијата оди во добра насока бидејќи ја проверува секоја педа од земјата, но се надеваат и дека темелно се проверуваат граничните премини бидејќи не ја исклучуваат можноста за киднапирање.
„Би можело да биде сè, не е исклучена никаква можност. Ако мајката рече дека го оставила девојчето на минута, го поставуваме прашањето каде би можело да оди двегодишното дете? Колку далеку, без мајка му да го најде? Второ, зошто чекаа два часа? Има простор и за киднапирање, а знаеме дека границата е блиску, но и за многу повеќе. Отворени се многу прашања и останува да се почека истражните органи да си ја завршат работата“, вели Ницовиќ за српски „Телеграф“.
Да потсетиме, потрагата по двегодишната Данка Илиќ влезе во четвртиот ден. Во потрагата од утрово се вклучени уште 18 пожарникари и кучето Зиги.
Багери вчера цел ден копаа и вадеа ѓубре и шут од куќата, а пред куќата каде што последен пат беше видена исчезнатата Данка по која трага цела Србија, пристигна тешка механизација, која ќе продолжи да работи денес за да се расчисти теренот.