Свет
Според Бучковски, заклучоците на ревизорот се избрзани

Премиерот го отфрла ревизорскиот извештај за незаконско работење во Министерството за одбрана
Премиерот го отфрла ревизорскиот извештај за незаконско работење во Министерството за одбрана
Премиерот вели дека извештајот не бил лажен, туку тенденциозни биле заклучоците на медиумите
БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ
Актуелниот премиер и ексминистер за одбрана, Владо Бучковски, го отфрли извештајот на државниот ревизор во кој беа наведени податоци за серија неправилности во Министерството за одбрана во последната година од неговиот мандат, а заклучоците во него ги оценува за избрзани.
"Државниот ревизор не упатува дека некој проневерил пари. Обвинувањата се претешки. Некој да обвините дека проневерил пари, тоа треба да го докажете. Од друга страна, може да се расправа дали процедурите се почитувани, а во краен случај, јас тврдам дека ниту еден денар не е ненаменски потрошен. Ние следиме како се одвиваат извештаите на државниот ревизор до оној момент кога ќе се во парламентарна процедура. Овој за 2004 година, не само за Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи, туку и за другите министерства ќе се најде пред пратениците. Потоа, согласно почитувањето на поделбата на власта, другите институции што сметаат дека има какво било основано сомневање дека некој ненаменски потрошил пари, тоа треба да се докаже. Во овој момент, според нашите укажувања и според она што го гледаме, нема такви злоупотреби", рече Бучковски.
Бучковски единствено се согласува со извештајот на ревизорот во делот во кој се спомнуваат огромните трошоци за патувања исплатени на туристичката агенција "Орфеј". Тие 300 илјади евра исплатени на "Орфеј" во 2004 година, според премиерот, не ги потрошиле тој и неговите соработници, туку новинарите, па затоа тој најавува дека би можеле да се прифатат дел од препораките што се однесуваат за начинот на кој се покриваат трошоците на дел од новинарите за време на службените патувања. "Мора да се регулира тој однос и ние се обидуваме да го регулираме тоа", изјави Бучковски.
Преостанатиот дел од извештајот премиерот де факто го отфрла, оценувајќи дека "било работено врз основа на начелото за одговорност, дека процедурите се докрај почитувани и оти нема ненаменско трошење на парите". Бучковски вели дека и бојадисувањето на касарните би можело да се подведе под државна тајна, како што било правено во периодот на неговото министерување. "Оцените дека под превезот на државна тајна се правени реконструкции на некои апартмани, се паушални. Нема такви апартмани. Во конкретниот случај станува збор за една хотелска соба каде што живееше тогашниот началник на Генералштабот, генералот Бојаџиев. Дури ако вулгаризираме, бојадисување на некоја касарна не дава можност кој било да учествува во такво нешто. И ако се следат сите други стапки, да не говорам поединечно, ќе се види дека нема ненаменско трошење на парите", објаснува премиерот.
Тој смета дека дел од заклучоците во извештајот на Државниот ревизор, кои, како што рече, и овој пат предизвикаа бурни реакции во јавноста, се избрзани, затоа што, според него, улогата на државниот ревизор не е да пресудува, туку да укажува и да дава препораки. "По дадените препораки за конкретната работа за Министерството за одбрана не се опфатени само 2004 и 2003 година, туку дел од препораките се однесуваат и на финансиското работење дури од 1992 година", вели Бучковски.
Според него, никој не може да тврди дека податоците се лажни, бидејќи, во краен случај, како што рече, ќе има расправа и во парламентот, кој го усвојува извештајот. "Можеме да спориме и затоа врз основа на препораките што ги дава државниот ревизор се преземени определени активности. Во Министерството за одбрана е останата само една нереализирана препорака, тоа е како ќе бидат регулирани односите помеѓу она што имавме како специјален статус на ‘Јасен’ и Министерството за одбрана. Сите други препораки се прифатени. Извештајот не е лажен, но тенденциозни се заклучоците што дел од медиумите ги изнесуваат. Во краен случај, јас прифаќам дека би требало да изградиме еден поинаков вид на култура и почитување на правото. Секој оној што се сомнева во спротивното, треба да го докаже и институциите кои се надлежни за тоа да ги расчистат сите овие случаи", рече Бучковски.
Државниот ревизор во извештајот за работата на Министерството за одбрана во 2004 година констатираше серија неправилности и незаконитости. Министерството ја избегнувало можноста да распишува јавни тендери, а со склучување договори во четири очи, на овој начин, на човек-фирми или на новоформирани фирми без бонитет им биле исплатени повеќе од 900 илјади евра. Исто така, исплатени се преку 50 милиони денари за договори за дело, издавани се објекти на МО за многу ниски цени, исплатени се речиси 35 милиони денари отштета за физичко лице, по основ на штета настаната од гранатирање на бачило во 2001 година, итн.
Ревизорот, сомневајќи се дека во случајот би можело да има елементи на кривична одговорност, извештајот го испрати и до Јавното обвинителство и до Антикорупциската комисија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Вие сте глупави луѓе“: Трамп за Путин и Зеленски доколку ги отфрлат преговорите за прекин на огнот

Американскиот претседател Доналд Трамп ги потврди зборовите на американскиот државен секретар Марко Рубио во врска со повлекувањето од преговорите доколку руската и украинската страна не постигнат договор наскоро.
Трамп понуди помек пристап, велејќи дека Рубио бил „во право“, но во исто време покажа поголем оптимизам во врска со изгледите за постигнување договор.
На прашањето за временската рамка во која САД би можеле да се повлечат, Трамп одговори:
– Нема конкретен број на денови, но сакаме брзо да го завршиме. Ако, поради некоја причина, една од двете страни го отежни тоа многу, ние само ќе кажеме: „Вие сте глупави, вие сте глупави. Вие сте ужасни луѓе“ и едноставно ќе се откажеме. Но се надевам дека нема да мораме“, продолжи тој.
Трамп не сакаше да каже дали е подготвен целосно да ги напушти преговорите или дали ќе продолжи воено да ја поддржува Украина доколку преговорите не успеат.
На прашањето каков напредок би требало да види за да ги продолжи преговорите, Трамп рече дека „ќе мора да види ентузијазам за заклучок“ од двете страни, предвидувајќи дека ќе знае „наскоро“.
– Мислам дека имаме навистина добри шанси да го постигнеме тоа. „Сега сè завршува“, рече тој.
Претходно американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека ако не е можно да се стави крај на војната во Украина, Соединетите Американски Држави треба да се откажат од своите напори и да продолжат понатаму, според написите во светските медиуми.
Свет
Русија: Украинците подготвуваат крвава провокација во пресрет на Велигден

Украинските вооружени сили и специјалните служби подготвуваат провокација во пресрет на Велигден во Харковската област со цел да ги дискредитираат руските војници, тврди Виталиј Ганчев, шеф на сепаратистичката администрација на Харковската област.
„Според оперативните информации што ги добивме, украинската страна подготвува крвава провокација со цел да ја дискредитира Русија во пресрет на Велигден. Имајќи ги предвид горенаведените информации, ги повикувам сите сериозно да ја сфатат оваа изјава и, доколку е можно, да не ги напуштаат своите домови на 19 и 20 април и да не одат на празнични настани и места за масовно собирање на луѓе“, изјави Ганчев за ТАСС.
Според него, слични провокации се подготвуваат и во Дњепропетровската и Полтавската област.
Овој потег доаѓа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија подготвува нови напади врз енергетската инфраструктура на Украина пред и по Велигден, повикувајќи се на информации од украинските разузнавачки служби, пренесуваат светските медиуми.
Свет
Зеленски за системите за воздушна одбрана од САД: Христијански е да се помага

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека украинскиот народ заслужува заштита од руските ракетни напади, исто како и сите други, и го повтори барањето за американски системи за воздушна одбрана „Патриот“ во контекст на рускиот ракетен напад врз Харков.
„Кога се обраќаме до нашите партнери, првенствено до Соединетите Американски Држави, за системите „Патриот“, кои можат да заштитат од ова руско зло, од крстосувачки ракети, од балистика, бараме заштита што ја заслужува секоја нација. И не треба да биде така што некои луѓе заслужуваат повеќе помош, а некои помалку. И ова е христијански начин да се помогне“, напиша Зеленски на „Телеграм“.
Коментирајќи ги руските ракетни напади, тој истакна дека „не треба да биде случај терористот некако да може да ги избегне последиците, иако уништува животи исто како и другите“.
„Русија заслужува, во најмала рака, строги санкции, кои се одмазда за сè што прави“, нагласи украинскиот лидер.
„Претходно, ова беа крстосувачки ракети – Искандери. Една од ракетите експлодираше во воздух веднаш над станбена зона, другата ја погоди територијата на компанија до станбена зграда. Мора да си целосно никаков и да го презираш животот за да извршиш такви ракетни напади врз обичен град – на Велики петок, во пресрет на Велигден“, рече тој.
Зеленски потсети дека Украина ги прошири санкциите на речиси стотина физички и правни лица од Руската Федерација и Народна Република Кина, од кои повеќето се вклучени во производството на вакви ракети.
„Ќе продолжиме да работиме со партнерите за да обезбедиме синхронизација на нашите санкции. Секој што работи на убивање и продолжување на војната мора да биде одговорен за ова. И им се заблагодарувам на сите во светот што ја поддржуваат оваа позиција“, рече Зеленски.
Утрово, руските вооружени сили лансираа три крстосувачки ракети со високоексплозивни фрагментациски боеви глави, кои се аналогни на американските ракети „Томахавк“, кај Харков.
Едно лице загина во рускиот ракетен напад, а 103, меѓу кои осум деца, беа повредени, од кои четири се во тешка состојба, јавува Танјуг.