Свет
Топлотен бран во Европа
Топлотен бран го зафати европскиот континент, а луѓето од Урал во Русија, до западните делови на Германија бараат начин да се разладат
Топлотен бран го зафати европскиот континент, а луѓето од Урал во Русија, до западните делови на Германија бараат начин да се разладат.
Британската метеоролошка служба соопшти дека температурите во Европа се за пет до 10 степени повисоки од очекуваните за овој период од годината.
Во Русија луѓе во костими за капење се сончаат во парковите и се капат во фонатаните, а во Москва се измерени 34 степени. Вонредна состојба е прогласена во 18 руски региони, каде беснеат пожари на над 26 илјади хектари шуми.
Пожар има и во Грција, во атинското предградие Политија, каде температурата достигна 40 степени.
Во Естонија постарите лица бараат спас од горештината во црквите, а во Финска, каде температурите достигнаа 34,2 степени, најмногу во изминатите 75 години, во продавниците нема повеќе клима уреди.
Температура од 37 степени е измерена во Унгарија и во Германија, каде поради горештината се заканува недостиг од крв, бидејќи крводарителите не излегуваат од дома.
Горештината не го заобиколи ниту Балканот, а метеоролозите во Србија, очекуваат температурите до 36 степени да се задржат до 25 јули.
Во Црна Гора температурата се искачи до 40 степени, а во Хрватска до 39.
Во јужните делови на Македонија температурата се искачи до 38 степени, а во Скопје до 35.
И додека Европа и Балканот се под топлотен бран, германската истражувачка станица на Јужниот пол ја измери најниската температура во изминатите 29 години од минус 50,2 степени.
Рекордно ниската температура ги збуни научниците, бидејќи за време на зимата на Антрактикот вообичаени се температури од околу минус 30 степени.
Толку ниски температури германската станица во изминатите 29 години измерила само 10 пати, но сега за прв пат таа е под минус 50.
Најниската температура на Земјата досега ја измерила руската станица на јужниот пол. На 3000 метри надморска височина на Антарктикот температурата се спушта до минус 89,2 степени./крај/блиц/ста/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.