Свет
Се обновува идејата за гасовод низ Авганистан
Авганистан и Туркменистан остануваат посветени на изградбата на долгоодложуваниот гасовод, со кој би се пренесувал природниот гас до потрошувачите во Пакистан и во Индија и покрај тековното талибанско востание, пренесува Асошиејтед прес
Авганистан и Туркменистан остануваат посветени на изградбата на долгоодложуваниот гасовод, со кој би се пренесувал природниот гас до потрошувачите во Пакистан и во Индија и покрај тековното талибанско востание, пренесува Асошиејтед прес Според соопштението на авганистанското Министерство за рудници, ресорните министри од Авганистан и од Туркменистан потпишале договор со кој ги повикуваат надлежните од сите четири засегнати држави да ги утврдат детаљите за проектот пред средбата на претседателите на Авганистан и на Туркменистан во Обединетите нации идниот месец. Тие, исто така, повикаа да се завршат геолошките студии по должината на нивната заедничка граница и да ги изведат подготвителните работи за продолжување на железничката линија од северниот авганистански град Мазар-е-Шариф до туркменистанската граница, во должина 225 километри. Договорот предвидува конечен пакт помеѓу четирите држави кои би можел да биде потпишан на средба во престолнината на Туркменистан во септември. Проектот, вреден неколку милијарди долари и финансиран од Азиската банка за развој, веќе проби неколку вакви крајни рокови. Идејата за овој гасовод е обновена во 2001 година, по падот на талибанскиот режим и требаше да започне во 2006 година, но упорно се одложува поради безбедносните проблеми во Авганистан. Гасоводот долг повеќе од 1.600 километри ќе почнува од наоѓалиштето на гас Даулетабад во Туркменистан, до индиското погранично село Фазилка. Цената на изградбата на гасоводот се проценува на 3,3 милијарди долари, со годишен капацитет на дотур на гас од 33 милијарди кубни метри. Туркменскиот природен гас веќе се транспортира преку гасоводи до Иран, Кина и до Русија. /крај/ап/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.
Свет
Принцот Вилијам проговори за Кејт Мидлтон: „Жал ми е што не е тука со нас“
При посетата на едно училиште во Велика Британија, принцот Вилијам се извини што неговата сопруга Кејт Мидлтон не била со него.
Конечно се врати на обврските откако извесно време беше на пауза поради приватни причини.
Во разговор со член на персоналот, Вилијам накратко ја спомна сопругата Кејт.
„Жал ми е што Кејт не може да биде тука со нас. Таа сакала”, рекол Вилијам.
Медиумите потсетуваат дека минатиот месец принцезата Кејт Мидлтон објави дека се бори со рак, но во видеото кое го објави не прецизираше за каков вид на рак се работи.
По Божиќ се повлече од јавноста, а во јануари имаше операција на абдоменот.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.