Свет
Почнува втората рунда на израелско-палестинските преговори
Во египетското летувалиште Шарм ел Шејк започнува втората рунда од директните мировни преговори меѓу Израел и Палестина.
Во египетското летувалиште Шарм ел Шејк започнува втората рунда од директните мировни преговори меѓу Израел и Палестина. Делегациите се предводени од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас. На состанокот ќе присуствува и американската државна секретарка Хилари Клинтон, која ги повика двете страни и повтори дека Израел мора да продолжи со привремениот мораториум за градење на нова еврејска населба на Западниот брег. Клинтон најпрво ќе има одвоени средби со шефовите на двете делегации, а потоа и ќе претседава со тројниот состанок. Следната средба ќе се одржи утре во Ерусалим. По доаѓањето во Египет, Клинтон изјави дека не постои алтернатива за директните преговори и дека без нив Израел нема да биде безбеден, а нема да има ни формирање на Палестинска држава. Првата рунда на преговори што се одржа во Вашингтон се окарактеризира како позитивна, но и јасно стави до знаење дека Израелците и Палестинците сега мораат да се воздржат од било какви активности кои би влијаеле негативно на преговорите. И генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки Мун, го повика Израел да се придружи на мораториумот за изградба на нова еврејска населба. „Не треба да биде препрека за продолжување на преговорите и дијалогот на израелските и палестинските страни треба да се базира врз меѓусебна доверба и поволна политичка клима“, рече Ки Мун. Израелскиот премиер Нетанјаху по средбата со Тони Блер рече дека забраната за градење на населбата треба привремено да биде укината, а палестинската страна мора да го признае Израел како еврејска држава. Од друга страна пак, Палестинците бараат замрзнување на изградбата на градењето на новата населба на Западниот брег и по истекот на рокот што е на 26 септември. Портпаролот на палестинската влада Гасан Катиб смета дека на тој начин Израел дал шанса за преговори кои би се воделе разумно. Тој подразбира дека тоа би било крај на израелската окупација на палестинска територија и враќање на мирот. „Тоа е основата за мировниот процес. Градењето на нова израелска населба претставува закана за обновување на директните преговори на двете страни“, смета Катиб. Израелците и Палестинците ја обновија иницијативата на директни мировни преговори на американскиот претседател Барак Обама, прв пат после 20 месеци./крај/ртрс/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.
Свет
Принцот Вилијам проговори за Кејт Мидлтон: „Жал ми е што не е тука со нас“
При посетата на едно училиште во Велика Британија, принцот Вилијам се извини што неговата сопруга Кејт Мидлтон не била со него.
Конечно се врати на обврските откако извесно време беше на пауза поради приватни причини.
Во разговор со член на персоналот, Вилијам накратко ја спомна сопругата Кејт.
„Жал ми е што Кејт не може да биде тука со нас. Таа сакала”, рекол Вилијам.
Медиумите потсетуваат дека минатиот месец принцезата Кејт Мидлтон објави дека се бори со рак, но во видеото кое го објави не прецизираше за каков вид на рак се работи.
По Божиќ се повлече од јавноста, а во јануари имаше операција на абдоменот.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.