Свет
Обложувачниците ја изиграа државата
Спортските обложувачници ја делат добивката што треба да ја исплатат за повеќе ливчиња за да не и платат персонален данок на државата.
УПРАВАТА ЗА ЈАВНИ ПРИХОДИ НЕМА КОНТРОЛА
Радмила Ј. Николовска
Спортските обложувачници ја делат добивката што треба да ја исплатат за повеќе ливчиња за да не и платат персонален данок на државата. Во Управата за јавни приходи го признаваат овој вид криминал, но велат дека тешко се справуваат со него бидејќи не можеле истовремено да ги следат уплатите и исплатите во обложувачниците што се уште не се фискализирани. УЈП не знае ни колку данок плаќаат обложувачниците бидејќи даночните приходи ги собираат на куп од сите правни субјекти.
Овие даночни малверзации ги посочуваат и граѓани што редовно пополнуваат ливчиња за спортска прогноза.
– Неколкупати сум добил по 18.000 денари и добивката ми ја поделија на четири ливчиња за фиктивно да ја намалат. Во тој случај не ми задржуваат пари – вели скопјанецот Н.В..
Во УЈП тврдат дека редовно ги контролираат обложувачниците, но не кажуваат колку од нив пријавуваат реална годишна добивка и колку данок и плаќаат на државата.
Овие субјекти се обврзани да плаќаат данок на додадена вредност од 18 отсто, ако во годината остварат добивка од 1,3 милион денари, и персонален данок од 18 отсто за секоја исплатена добивка поголема од 10.000 денари.
– Даночните инспектори забележале вакви појави при контролите во обложувачниците. Но, овој проблем не може да се реши се додека не се фискализираат обложувачниците. Сега се изработува фискален апарат што кој ќе ги евидентира уплатите и исплатите – изјавија во Управата.
Сопствениците на спортските обложувачници тврдат дека работат според законските прописи и дека им ги исплаќаат целосно добивките на граѓаните. Во скопската "Вил Хил" тврдат дека пред три години ја исплатиле најголемата добивка од 25.000 евра за облог на фудбалски натпревар.
– Луѓето се обложуваат од навика, но има и такви што го прават тоа заради забава, без разлика дали губат. И ние сме дел од игрите на среќа, во кои некогаш губиш, а некогаш добиваш – вели Александар Јовичиќ, шеф во "Вил Хил". Тој признава дека имаат и клиенти што се обложуваат за да заработат бидејќи сметаат дека тоа е најлесен начин.
Социолозите укажуваат на уште еден проблем од манијата за спортски прогнози – создавањето зависност кај граѓаните во земјите во кои е изразена материјално-егзистенцијална криза. Социологот Илија Ацевски, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, вели дека во вакви транзициски земји, во кои кризата трае со години, граѓаните сакаат да заработат на најкраток начин или решаваат да го прават тоа нелегално.
– Кај нас таа сфера се уште не е регулирана. Веќе десетина години се трага по модел што ќе спречи луѓето да се навлекуваат на обложување кога немаат пари. Не треба со провокативни реклами и со ветувања за исплата на големи добивки постојано да се регрутираат нови армии зависници. Во населбата каде што живеам нема дете над 18 години што не се обложува. Младата генерација од 18 до 20 години особено е на удар на оваа појава – објаснува Ацевски.
Тој вели дека овие игри на среќа не може да се забранат бидејќи на тој начин ќе станат мистични и уште попривлечни за граѓаните.
Ова го потврдуваат и граѓаните, кои сметаат дека обложувачниците и другите игри на среќа им овозможуваат за кратко време да заработат пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.
Свет
Украинската војска објави видео: Го освоивме градското собрание во Купјанск
Украинските одбранбени сили ја вратија контролата врз зградата на Градскиот совет на Купјанск, објави Вториот корпус на Националната гарда на Украина (НГУ), познат како Хартија.
„Хартија воспостави контрола врз зградата на Градскиот совет на Купјанск. Единицата за пребарување и уништување на Хартија и тактичката група Купјанск ги завршуваат операциите за расчистување во градот, кој беше деблокиран за време на успешната операција предводена од командата на Вториот корпус на НГУ“, се вели во соопштението.
Корпусот објави снимка од GoPro камера за која тврди дека е направена од борци од 4-тиот баталјон Хартија за време на упадот во зградата на Градскиот совет на Купјанск. Војниците од извидувачката и ударна група на баталјонот го кренаа украинското знаме над градскиот совет во центарот на Купјанск.
„Операцијата во Купјанск докажува дека благодарение на планирањето, стручноста на командантот и штабот и висококвалитетната подготовка на единиците – сето тоа го нарекуваме метод на Хартија – е можно успешно да се запре и уништи непријателот“, рече полковник Ихор Оболенски, командант на Вториот корпус.
Свет
Белата куќа: Трамп не се плаши да употреби воена сила против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „покажал дека не се плаши да употреби воени опции“ кога смета дека е потребно.
„Мислам дека едно нешто во што претседателот Трамп е многу добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте, многу опции што се на маса“, изјави Ливит пред новинарите.
Во исто време, таа додаде дека „дипломатијата е секогаш првата опција“ за Трамп.
„Претседателот ви кажа на сите синоќа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим е многу различно од пораките што администрацијата ги добива приватно“, рече Ливит.
„Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога смета дека е потребно, а никој не го знае ова подобро од Иран“, заклучи таа.
фото/депозитфотос

