Свет
Зад тендерот се крие продажба на ЕСМ во четири очи
Владата и идниот газда на "ЕСМ дистрибуција" во четири очи ќе ги решаваат спорните прашања за приватизацијата на компанијата, а конечниот купопродажен договор нема да биде објавен.
ПРИВАТИЗАЦИЈАТА е СЃ ПОЗАМРСЕНА
Слободан Содиќ
Владата и идниот газда на "ЕСМ дистрибуција" во четири очи ќе ги решаваат спорните прашања за приватизацијата на компанијата, а конечниот купопродажен договор нема да биде објавен. Продажбата на ЕСМ, всушност, нема да заврши со изборот на најдобрата понуда на меѓународниот тендер, туку ќе продолжи со дополнителни непосредни преговори. Никој од членовите на тендерската комисија вчера не сакаше да коментира кои се спорните точки, за кои треба дополнително да се дискутира.
Прашањето беше отворено на четвртата трибина за продажбата на ЕСМ, која ја организира невладината организација "Транспарентност Македонија".
Според Симон Узунчев од Секторот за енергетика во Министерството за економија, кој е и член на тендерската комисија, ова не е ништо ново и не би требало да ја засега јавноста.
– Станува збор за технички прашања, кои ќе станат дел од купопродажниот договор за ЕСМ – изјави тој.
И Никола Черепналковски, претседател на тендерската комисија, смета дека е неблагодарно да се зборува за прашањата за кои Владата дополнително ќе се договара со новиот газда на ЕСМ. Двајцата потврдија дека купопродажниот договор за ЕСМ нема да биде објавен зашто така сакале странците.
Експертите предупредуваат дека Владата не смее сама да ги договара спорните прашања со купувачот на ЕСМ. Тие посочуваат дека на тој начин се направени штетните купопродажни договори за "Окта" и за "Македонски телекомуникации", поради кои граѓаните плаќаат високи цени, а државата казни. Според стручњаците, со ваквите најави од Владата се губи логиката на тендерската постапка.
Узунчев дополни дека Владата ќе инсистира продажбата да заврши со тендерот. Но тој не гледа причина Владата да не прифати преговори ако новиот сопственик на ЕСМ инсистира на нив.
Според експертите, во услови кога не се донесени куп законски и подзаконски акти, како што се, на пример, правилникот за мрежно поврзување и тарифниот модел, со кои целосно треба да се уредат правилата на игра на реформираниот енергетски пазар, нормално е странците да инсистираат на дополнителни гаранции, со кои ќе го намалат ризикот на вложувањето. Затоа стручњаците инсистираат договорот за купопродажбата на "Дистрибуција" да биде обелоденет.
Зоран Јачев, претседател на невладината организација "Транспарентност Македонија", досегашната постапка за продажба на ЕСМ ја оцени како недоволно отворена за јавноста, но го пофали Министерство за економија дека годинава се потрудило да го поправи впечатокот.
Советникот за енергетика во Министерството за економија Никола Черепналковски не сакаше да ги коментира зачестените лицитирања со цената на ЕСМ.
– Постои меѓународно утврден модел за пресметување на приближната цена на дистрибуцијата, а тоа е 250 евра за бројач. Но во практиката се покажа дека тој не функционира секогаш и затоа е најдобро да почекаме до 1 март, по што ќе ја знаеме и пазарната вредност на ЕСМ – изјави Черепналковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русија се обиде да го блокира WhatsApp: промовира апликација во државна сопственост
Американската технолошка компанија Мета соопшти дека руските власти се обиделе да ја блокираат нејзината апликација за пораки WhatsApp во обид да ги принудат корисниците да се префрлат на конкурентска услуга контролирана од владата.
„Руската влада се обиде целосно да го блокира WhatsApp со цел да ги насочи граѓаните кон апликација контролирана од државата“, рече Мета.
„Правиме сè што можеме за да ги одржиме нашите корисници поврзани“, се додава во соопштението.
Фајненшл тајмс претходно објави дека руските власти го отстраниле WhatsApp, кој има околу 100 милиони корисници во Русија, од онлајн регистарот на апликации што ги води Роскомнадзор, државниот регулатор за комуникации.
Овој потег се смета за дел од пошироката стратегија за ограничување на пристапот до платформи што не се директно контролирани од руските безбедносни служби. Рускиот регулатор веќе воведе ограничувања за Telegram претходно оваа недела, објави Франс Прес.
Руските власти вршат притисок за префрлување на MAX, за кој критичарите велат дека овозможува надзор на корисниците, објави Ројтерс.
Европа
Киев повторно цел на голем руски ракетен напад
Украинскиот главен град Киев повторно беше погоден од голем руски ракетен напад рано утрово, при што беа погодени неколку згради, соопштија локалните власти. „Масовниот напад врз главниот град е сè уште во тек“, изјави градоначалникот Виталиј Кличко на платформата Телеграм.
Тој рече дека се погодени згради од двете страни на реката Днепар. Нема непосредни извештаи за жртви, но на местото на настанот се испратени екипи за итна медицинска помош. Тимур Ткаченко, шефот на воената администрација во Киев, потврди најмалку еден удар во источните предградија, додека сведоци на Ројтерс пријавија силни експлозии што одекнуваа низ целиот град.
Југоисточниот град Днепар, исто така, беше погоден, изјави регионалниот гувернер Олександр Ганжа. Неколку приватни домови и автомобили беа оштетени, но немаше непосредни извештаи за жртви. Воздушните напади останаа на сила во Киев и Днепар долго по полноќ.
Регион
Косово доби нова влада, Курти повторно е премиер
Парламентот на Косово ја изгласа новата влада, повторно предводена од премиерот Албин Курти, по повеќе од една година политички ќорсокак во најмладата земја во Европа.
Новата влада на Курти беше потврдена со 66 гласови „за“ во парламентот со 120 места. Неговата партија „Ветевендосје“ (Самоопределување) освои 57 места на декемвриските избори, а тој успеа да добие поддршка од неколку мали партии на етничките малцинства.
Новата влада се соочува со итни задачи за одобрување на буџетот за 2026 година и обезбедување меѓународни заеми и пакети за помош во вредност од стотици милиони евра, пишува Ројтерс.
„Во следните четири години, ќе ги зајакнеме сојузите и ќе инвестираме една милијарда евра во одбрана“, им рече Курти на пратениците пред гласањето.
„Ќе ставиме во употреба фабрика за муниција, ќе ја развиеме воената индустрија на Косово и ќе произведуваме домашни борбени беспилотни летала.“
Земјата со 1,6 милиони луѓе одржа предвремени избори во декември 2025 година по неубедливите резултати во февруари.
Курти кратко беше премиер во 2020 година, сè додека не беше изгласан за разрешување од функцијата. Потоа беше премиер од 2021 до 2025 година, а изминатата година ја помина водејќи привремена влада.
Косовскиот парламент сега мора да избере и нов претседател до 5 март, процес што ќе се покаже како предизвикувачки бидејќи бара двотретинско мнозинство. Без таква поддршка, на Курти ќе му биде потребна поддршката од опозицијата или ќе се соочи со уште едни предвремени избори, објави Ројтерс.

