Свет
Владата ќе го чува во тајност договорот за продажба на ЕСМ
Владата нема утврдено долен лимит под кој не може да ја продаде "Дистрибуција", но верува дека ќе добие добра цена
Се подготвува нацрт-верзијата на купопродажниот договор за ЕСМ "Дистрибуција"
Владата нема утврдено долен лимит под кој не може да ја продаде "Дистрибуција", но верува дека ќе добие добра цена
МАЈА ТОМИЌ
Владата не сака да обелодени што ќе содржи купопродажниот договор што ќе го потпише со идниот сопственик на "Дистрибуција", како и со која постигната цена би била задоволна, но е подготвена да направи извесни отстапки во документот за кои не кажува од каква важност се. Оваа Влада покажува подготвеност да го потпише договорот за продажба, но сў уште не е подготвена да даде одговор на прашањето, кој во иднина ќе ги сноси последиците од евентуално штетните клаузули во договорот, бидејќи оваа година е изборна.
До крајот на неделава, посебна владина комисија заедно со консултантот Мајнел банк треба да ја изготви нацрт-верзијата на купопродажниот договор, со сите забелешки и коментари на четирите странски компании што учествуваа во тендерот за "Дистрибуција": "Чез", "Енел", РВЕ и ЕВН, а кои минатата недела завршија со длабинското снимање на компанијата. "Купопродажниот договор нема да биде јавен документ, бидејќи тој е од доверлива природа. Сў што ќе биде оценето дека јавноста треба да го знае, ќе биде кажано. Нема причина сите одделни елементи на овој сложен, правен документ да бидат обелоденети, туку само она што е најбитното", изјави Симон Узунов, помошник-раководител на Секторот за енергетика во Министерството за економија, на вчерашната трибина "Тендерски процедури за приватизација на ЕСМ Дистрибуција" во организација на "Транспарентност".
Според него, јавноста нема причина да се плаши дека купопродажниот договор ќе биде сличен со оној на "Телеком", бидејќи "Дистрибуција" е природен монопол и нејзината услуга е од јавен карактер, што значи дека нема да подлегнува на пазарни услови, а сў ќе биде регулирано од Комисијата за енергетика, согласно со Законот за енергетика. Узунов појасни дека дел од документот ќе има фиксни, а дел променливи клаузули, но во рамките на утврдените критериуми. Кои се тие, Узунов не сакаше да обелодени, велејќи дека станува збор за флексибилни промени во договорот, кои нема да бидат незаконски и сў со цел да се избегне ситуацијата на отфрлање на поповолниот понудувач. Она што со сигурност се знае е дека во фиксните клаузули за инвеститорот е веќе склучениот договор меѓу Владата и ЕБОР, со кој ЕБОР станува сопственик на 19,9 отсто од капиталот на "Дистрибуција" . "Во овој момент не може да се дискутира за содржината на договорот кој има 50 страници, а Владата сў уште нема одлука кои делови од него се подложни на натамошни преговори со инвеститорот. Доставените забелешки од страна на инвеститорите се во насока на дополнителни гаранции за нивниот капитал и на намалувањето на евентуалниот ризик на инвестиции", рече Узунов.
Владата нема утврдено долен или максимален лимит под кој не може да ја продаде "Дистрибуција". Во секој случај, верува дека ќе добие добра цена. Според државниот советник за енергетика, Никола Черепналковски, доставените понуди ќе ја кажат цената на "Дистрибуција". "Лично очекувам дека ќе добиеме висока цена, бидејќи компаниите што учествуваат на тендерот се сериозни и реномирани во европски рамки. Во Бугарија, на пример, се очекуваше многу пониска цена од продажбата на дистрибуциите , но се доби за 70 отсто повеќе од очекуваното", изјави Черепналковски.
Инаку, во соседна Бугарија се доби цена од 200 евра по броило. Ако се претпостави дека по истата логика ќе се продаде и нашата "Дистрибуција", според извори во оваа компанија, тогаш ќе може да се смета дека државата ќе инкасира околу 160 милиони евра, бидејќи во Македонија има околу 70.000 броила. Некои експерти оваа бројка ја толкуваат како ниска, а повеќето мислат дека е превисока.
Според изјавата на министерот за финансии, Никола Поповски, дадена пред два дена, вредноста на "Дистрибуција" нема да биде пониска од 80 до 100 милиони евра, но би можело поради протестите, странците да ја намалат висината на понудата. Тој рече дека Владата сў уште не разговарала за тоа која е прифатливата цена "Дистрибуција", но и дека не може да каже, бидејќи неа ќе ја одреди пазарот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шест нови имиња откриени од архивата за Епстин, расте притисокот за целосна транспарентност
Откриен е идентитетот на шест лица oд досиејата за Џефри Епстин, чиишто имиња досега не биле објавени. Информацијата ја објави конгресменот Ро Кана, демократ од Калифорнија, наведувајќи дека станува збор за Салватор Нуари, Зураб Микеладзе, Леоник Леонов, Никол Капуто, Султан Ахмед бин Сулајем и милијардерот и претприемач Лесли Векснер, пренесува „Њузвик“.
Кана и републиканскиот конгресмен Томас Меси од Кентаки го обвинија американското Министерство за правда (DOJ) дека неосновано ги криело овие информации од јавноста.
„Моето прашање е зошто Томас Меси и јас моравме лично да одиме во Министерството за правда за имињата на овие шестмина да станат јавни“, изјави Кана за време на расправа во Претставничкиот дом. „Ако за два часа откривме шест имиња што ги криеле, замислете колку уште лица прикриваат во три милиони документи.“
Министерството за правда неодамна објави повеќе од три милиони страници документи, како и илјадници фотографии и видеа од истрагите поврзани со Епстин, финансиски магнат и осуден сексуален престапник кој во 2019 година изврши самоубиство во затвор додека чекаше судење за трговија со луѓе за сексуална експлоатација.
Иако властите тврдат дека со тоа ги исполниле обврските од Законот за транспарентност на досиејата на Епстин, и натаму трае расправата околу тоа кои податоци се затемнети, од кои причини и дали ќе биде потребно дополнително објавување документи.
Кана и Меси побараа целосно објавување на сите документи поврзани со Епстин, тврдејќи дека Министерството го прекршува Законот за транспарентност. Шесте објавени имиња, според нив, се сметаат за потенцијални соучесници.
Најпознатото име на листата е Лесли Векснер.
„Не гледам ниту една одредба во законот што дозволува имињата на овие мажи да бидат затемнети“, изјави Меси. „Станува збор за список од дваесет лица. Максвел и Епстин се наведени, можеби уште едно или две лица, а сите останати се скриени.“
Меси додаде дека имињата „веројатно се инкриминирачки“, наведувајќи дека едно лице наводно има висока позиција во странска влада.
„Едно од другите имиња е многу истакната личност“, додаде Кана.
Според него, дополнителна загриженост предизвикува фактот што многу делови од досиејата и понатаму се затемнети. Тој тврди и дека Министерството наводно „масовно ги затемнило“ сите женски имиња, што отвори нови прашања за можни учесници во мрежата на Епстин.
Пред донесувањето на Законот за транспарентност на досиејата на Епстин во ноември, претседателот Доналд Трамп и високи претставници на неговата администрација изразуваа скепса кон целосното објавување на документите. Белата куќа и Министерството за правда првично беа воздржани, но Трамп подоцна го промени ставот и го потпиша законот.
Заменик-државниот обвинител Тод Бланш минатиот месец изјави дека Министерството не се обидува да го заштити Трамп при објавувањето на документите. Трамп повеќепати негираше каква било поврзаност со кривичните дела на Епстин и никогаш не бил обвинет во тој случај.
Анализа на „Њујорк тајмс“ покажала дека во објавените документи Трамп, Меланија Трамп, неговиот клуб Мар-а-Лаго и поврзани теми се спомнуваат повеќе од 38.000 пати. Тие наводи не имплицираат кривична одговорност и вклучуваат новински текстови, интерни расправи во Министерството, летни дневници, електронски пораки и непроверени пријави.
Сè поизвесно е дека Министерството за правда би можело да биде принудено да објави дополнителни информации, вклучително и претходно задржани имиња на потенцијални соучесници. Сè уште не е јасно кои податоци се заштитуваат и од кои причини, што предизвикува сè поголем јавен и политички притисок за целосна транспарентност.
Свет
Трамп најави можност за ново воено засилување кон Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за „Аксиос“ изјави дека размислува да испрати втора ударна група носачи на авиони на Блискиот Исток, доколку пропаднат преговорите со Иран.
Тој рече дека САД веќе имаат „армада“ во регионот и дека опциите се јасни: „Или ќе постигнеме договор или ќе мора да направиме нешто многу остро, како и минатиот пат.“
Во моментов во регионот е распоредена ударната група околу носачот „USS Abraham Lincoln“, а американски претставник потврдил дека се воделе разговори за дополнително засилување.
Иако воено го засилува присуството, Трамп изразил оптимизам дека Иран сега посериозно пристапува кон преговорите, кои беа обновени во Оман.
Спорна точка останува иранската позиција дека нема да преговара за ништо освен за нуклеарната програма, и тоа без откажување од збогатување ураниум. Трамп изјави дека евентуален договор треба да го опфати нуклеарната програма и иранските балистички ракети.
Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пристигнува во Вашингтон на разговори, додека Иран ја засилува дипломатската активност преку Оман и Катар.
Свет
Пилотите и кабинскиот персонал на „Луфтханза“ најавија целодневен штрајк
Пилотите и кабинскиот персонал на германскиот авиопревозник „Луфтханза“ во четврток ќе почнат целодневен штрајк поради спор околу платите и условите за работа.
Синдикатот „Vereinigung Cockpit“ бара повисоки пензии за пилотите, додека синдикатот на кабинскиот персонал „UFO“ сака да го принуди работодавачот на преговори за различни колективни договори.
На патниците им е порачано да се подготват за откажувања и доцнења на летовите, а се очекува штрајкот да ги погоди сите поаѓања од Германија. Ќе бидат засегнати и товарните летови.
Засега не е познато колку летови ќе бидат откажани. Портпаролот на компанијата изјави дека очекуваат подетални информации од синдикатите.
Пилотите минатата година со мнозинство гласови одлучиле да преземат индустриска акција поради барањата за повисоки придонеси од страна на работодавачот за пензии.
Синдикатот „UFO“ со штрајкот, кој е свикан без гласање, сака да го натера работодавачот на преговори за колективните договори во матичната компанија Луфтханза и во регионалната подружница „CityLine“. Само во „CityLine“, наводно, околу 800 работни места се загрозени поради овој потег.
Според билтенот на синдикатот, управата одбива преговори. Во матичната компанија досега безуспешно се чекало отворање на разговори за колективен договор.

