Свет
Таинствениот јавувач „по казна“ стана советник на Бучковски!

Митко Андреевски, сегашен советник во кабинетот на премиерот Владо Бучковски, е таинственото лице со иницијали А. М., кое наводно самоиницијативно ги злоупотребило службените телефони на министерството за одбрана за да ја намести анкетата на емисијата „Чуму“, дознава „Време“.
Емил Зафировски
Митко Андреевски, сегашен советник во кабинетот на премиерот Владо Бучковски, е таинственото лице со иницијали А. М., кое наводно самоиницијативно ги злоупотребило службените телефони на министерството за одбрана за да ја намести анкетата на емисијата „Чуму“, дознава „Време“.
Тоа е името што Министерството за одбрана во својот извештај го доставило до антикорупциската комисија, по внатрешната истрага. Претходно беше обелоденето дека анкетата на „Чуму“ за новата територијална организација, во која гостуваше тогаш министерот Бучковски, била наместена во полза на Владата, и тоа од службени телефони на МО. Според истрагата, од два телефони во МО имало 2.605 јавувања во прилог на Законот за територијална поделба.
Министерството пред комисијата доставило документ во кој е подвлечено дека Митко Андреевски е лицето вработено во МО, кое „самоволно злоупотребило два службени фиксни телефони, за што ќе мора да надомести штета од 52.000 денари и ќе биде казнет со 30 отсто од платата за време од 6 месеци“.
Дознаваме дека во времето кога се местела анкетата, Митко Андреевски не бил вработен во МО, како што првично соопшти Министерството кога најави дека против нивниот вработен А. М. ќе следуваат дисциплински казни, туку дека тој работел со договор на дело, и тоа во кабинетот на министерот Владо Бучковски.
Неофицијално дознаваме дека Митко Андреевски ноќта на 20 јули минатата година, додека траела емисијата „Чуму“, во зградата на Генералштабот на АРМ не влегол сам, туку со уште едно машко лице, кое тогаш исто така било вработено во МО со договор на дело. Со нив имало и две девојки. Вратите на канцелариите од каде што се вртело им ги отклучил редовен војник на АРМ, кој таа ноќ бил дежурен во зградата на Генералштабот.
По скандалозното откритие дека анкетата се местела од телефони на МО, Бучковски, тогаш министер за одбрана, изјави дека виновниците ќе бидат откриени и соодветно казнети. Но, освен иницијалите на лицето А. М. и тврдењата дека тоа самоиницијативно ги злоупотребило службените телефони, случајот остана забошотен. Ниту тогашното раководство на МО, ниту сегашното не сакаа да откријат кој се крие зад иницијалите А. М.. И покрај проверените и потврдени информации на „Време“ дека зад иницијалите А. М. се крие името на Митко Андреевски, сегашен советник на премиерот Бучковски, од кабинетот на премиерот и од Министерството за одбрана и вчера одбија да разговараат за тоа.
МО преку портпаролот Билјана Аврамовска одби да одговори дали лицето Митко Андреевски минатата година работело во МО и дали во моментов имаат вработен со исто име и презиме.
– За МО тој случај е затворен. Нови информации немаме – кратко одговори Аврамовска.
И Марјан Ѓуровски, шеф на кабинетот на премиерот Владо Бучковски, не сакаше да ги коментира информациите.
– Не можам ништо да кажам за тој случај. Обратете се во Министерството за одбрана – изјави Ѓуровски.
Антикорупциската комисија утврди дека во анкетата на „Чуму“ биле злоупотребени службени телефони на МО и дека биле потрошени државни пари заради манипулација на јавното мислење во полза на владин предлог. Комисијата заклучи и нагласи дека телефонирањето не било спонтано, туку однапред смислено. Целиот извештај, сработен врз основа на членот 49 од Законот за спречување корупција, комисијата го достави до Јавното обвинителство. Таа од Обвинителството побара кривично да ги гони и да ги казни службените лица во МО и во Агенцијата за спорт и млади за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањата, според членот 353 од Кривичниот законик.
Во јули лани беше откриено дека од службени телефони на МО и на владината Агенција за спорт и млади биле потрошени околу 106.000 денари, или повеќе од 1.600 евра државни пари, за да се намести анкетата во полза на владиниот предлог за новата територијална поделба. Владо Бучковски и тогашниот премиер Хари Костов беа владините претставници што на таа емисија јавно го бранеа предлогот на Владата додека се одвиваше анкетното прашање дали сте „за“ или „против“ новата територијална организација.
********
Андреевски: „Јас не можам ништо да кажам, прашајте го Ѓуровски“,
„Време“ завчера телефонски го доби Митко Андреевски во неговата советничка канцеларија во кабинетот на премиерот Владо Бучковски.
Еве како се одвиваше разговорот:
Андреевски: Јас не можам ништо да кажам за тоа. Подобро јавете му се на Марјан Ѓуровски
„Време“: Но, Вашето име е посочено кај антикорупциската комисија од страна на МО. Обвинет сте дека самоволно сте злоупотребиле службени телефони.
Андреевски: Сега сум на состанок и имам многу работа. Не можам да разговарам. Јавете се подоцна.
Подоцна тој не беше достапен за разговор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Американските лекари предупредуваат: Четворица починати на Флорида од бактерија што „јаде месо“

Редок тип на бактерија, која предизвикува некроза на ткивото (позната како бактерија што јаде месо) усмртила најмалку четири лица на Флорида оваа година, соопштија здравствените власти на оваа американска сојузна држава.
Во изминатите неколку месеци се пријавени најмалку 11 случаи на инфекција со бактеријата Vibrio vulnificus во округите Беј, Брауард, Хилсборо и Сент Џонс – области во централна Флорида, популарни кај туристите и крајбрежните заедници.
„Во разни води живеат многу видови бактерии“, изјави инфектологот Даниел Иган од болницата „Орландо хелт“. Vibrio vulnificus е бактерија што сака солена вода. Властите засега не откриваат повеќе информации за починатите.
Иако ретка, инфекцијата со оваа бактерија може да биде многу сериозна. Центарот за контрола и превенција на болестите (CDC) годишно бележи помеѓу 150 и 200 пријави. Бактеријата може да предизвика некротизирачки фасцитис – сериозна инфекција, при што ткивото околу отворена рана бргу умира. Многу пациенти завршуваат на интензивна нега, а во некои случаи е потребна и ампутација.
Стапката на смртност изнесува приближно 20 отсто, а доколку бактеријата навлезе во крвотокот, може да достигне и до 50 проценти. Во многу случаи смртта настапува во рок од два дена по појавата на првите симптоми. Бактеријата се развива во топли, солени и мешани (солено-сладководни) води.
Лекарите предупредуваат дека со глобалното зголемување на температурите бактеријата може да се прошири и на области во кои претходно не постоела. Најактивна е од мај до октомври кога температурите на морето се највисоки.
Симптомите вклучуваат повраќање, дијареја, висока температура, треска, забрзано чукање на срцето и дезориентација. Кај здрави лица инфекцијата може да помине без сериозни последици, но многу поранливи се лицата со хронични заболувања или ослабен имунитет, вклучувајќи и болни од рак.
Во 2024 година CDC регистрирал 82 инфекции и 19 смртни случаи – речиси двојно повеќе од претходната година. Порастот се поврзува со невообичаено големиот број доцносезонски урагани на Флорида и на југоистокот на САД.
Бројот на случаи нагло се зголемил по ураганите Милтон и Хелена кога водите од поплавата потиснале топла солена вода кон копнените населени места, што довело до поголема изложеност на луѓето на бактеријата. Научниците предупредуваат дека климатските промени дополнително ќе го зголемат бројот на вакви инфекции. Потоплите океани создаваат посилни бури и подолги урагански сезони – идеални услови за ширење на Vibrio vulnificus.
Министерството за земјоделство на САД проценува дека годишните трошоци за лекување инфекции од вакви бактерии ќе достигнат 6,1 милијарди долари до 2090 година во споредба со 2,6 милијарди долари во 1995 година.
Свет
Што стои зад историскиот воен сојуз меѓу Германија и Велика Британија?

Во Музејот „Викторија и Алберт“ во Лондон германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер го потпишаа таканаречениот договор за пријателство: 27 страници, кои не само што треба да го потврдат туку и да го прошират германско-британското партнерство.
Целта на договорот е двете земји „да бидат водени од желбата, во пресрет на фундаменталните промени во геополитичката средина, да ги здружат силите со цел да обезбедат иднина карактеризирана со просперитет, безбедност и одржливост за своите граѓани, како и за нивните отворени демократски општества“, пишува „Дојче веле“.
По брегзитот, Германија и Велика Британија сакаат повторно да соработуваат потесно. Што предвидува таканаречениот договор за пријателство и кои области ги опфаќа? Преглед на главните точки:
Безбедност
Германија и Велика Британија потврдуваат тесна соработка во оваа област. Забележливо е дека се преговара за клаузула за заемна помош, која треба билатерално да го надополни член 5 од договорот за НАТО. Таму се вели:
„Свесни за блиското совпаѓање на нивните фундаментални интереси и верувајќи дека не постои стратешка закана за едната страна што не е исто така стратешка закана за другата, договорните страни како блиски сојузници ја потврдуваат својата длабока посветеност на заемна одбрана и си обезбедуваат меѓусебна помош во случај на вооружен напад врз другата договорна страна, вклучително и воени средства“.
Ова треба да важи и за нови области, како што е сајбер-безбедноста.
Политика за оружје
Беше договорен развој на ракета со дострел од повеќе од 2.000 километри. Германија и Велика Британија веќе ја објавија оваа цел кон средината на мај. Таков систем на оружје сè уште не постои во европско производство.
Планирана е и поблиска соработка во развојот на беспилотни воздушни системи, проекти, како што е оклопното транспортно возило „Боксер“, на источното крило на НАТО и во областа на подводната безбедност во Северното Море. Треба да се прошири соработката во извозот на оружје.
Треба да се олесни извозот на заеднички произведена воена опрема. Досега, Германија честопати ги блокира ваквите проекти поради многу строги правила. Британците се надеваат дека промената во насоката ќе донесе дополнителен извоз во вредност од неколку милијарди.
Украина
Двете земји ветија дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина – во нејзината одбрана од Русија, но и во нејзината реконструкција.
Западен Балкан
Велика Британија исто така сака да учествува во таканаречениот берлински процес, кој треба да ги приближи земјите од Западен Балкан до Европската Унија преку засилена меѓурегионална соработка.
Миграциска политика
За да се потисне нерегуларната миграција, двете земји сакаат да воспостават свој акциски план. Борбата против трговијата со луѓе ќе се подобри, меѓу другото, преку меѓусебна правна помош, поддршка во гонењето на криминалците и ефикасна гранична контрола.
Повеќе од 20.000 бегалци го преминале Ла Манш од почетокот на годината. Германија се смета за транзитна точка за гумени чамци и друга опрема и застанување за мигрантите.
Треба да се зајакне и соработката во борбата против прекуграничниот криминал. Ова особено се однесува на перење пари, нелегални финансиски текови и трговија со дрога.
Патувања
До крајот на годината училишните групи треба да може да патуваат без виза помеѓу Обединетото Кралство и Германија. Во моментот проблемот е што учениците без германски пасош, на пример, од Сирија или Авганистан, мора да аплицираат за виза за Велика Британија, што често е комплицирано. За да не бидат овие деца де факто исклучени од училишните екскурзии, некои училишта во моментот целосно се откажуваат од размени со Велика Британија.
Од крајот на август на Британците ќе им биде полесно да патуваат во Германија преку терминалите Е-порти на граничните премини. Причината за сегашната регулатива е тоа што Велика Британија не само што ја напушти ЕУ туку никогаш не ѝ се приклучи на шенген-зоната – создавајќи значителни тешкотии за Британците при патување во ЕУ.
Економија
Договорен е германско-британски економски форум. Соработката треба да се прошири во областите на високата технологија и деловните финансии.
Енергетика
Двете земји сакаат да соработуваат во снабдувањето со енергија преку Северното Море и во изградбата на инфраструктура за водород и CO₂.
Сообраќај
За десет години, првите директни возови од Германија до Велика Британија треба да сообраќаат – под Ла Манш. Во моментот, поради пасошката контрола, ова е можно само со префрлање. Ќе се формира работна група за реализација на железничката врска.
Свет
Орбан: Војната во Украина нема да заврши додека Трамп и Путин не седнат на преговарачка маса

Унгарскиот премиер Виктор Орбан повика на директна средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп опишувајќи го тоа како единствен реалистичен начин за завршување на конфликтот во Украина, објавува „24.ху“.
Во интервју за јутуб-каналот Ultrahang објавено вчера Орбан го нарече Трамп човек на мирот, но изрази скептицизам во врска со искреноста на другите западни влади и функционери во Киев.
„Сите велат дека сакаат мир, но војната сè уште трае. Тоа значи дека некој лаже“, рече тој обвинувајќи ги некои страни дека имаат свои интереси во продолжувањето на војната.
„Тие сакаат војната да продолжи, без разлика што велат. Договорот нема да дојде од Киев. Мора да дојде од Вашингтон и од Москва. Дотогаш нема да има мир. Конфликтот нема да заврши сè додека рускиот и американскиот претседател не седнат на преговарачка маса“, рече Орбан.
Тој изрази надеж дека таков состанок би можел да постави основа за широк договор, што би ја опфатил не само Украина туку и глобалната трговија и контролата на оружјето.
Претходно оваа недела, Трамп изјави дека е многу, многу незадоволен од Путин и им се закани на трговските партнери на Москва со сериозни секундарни тарифи ако нема дипломатски напредок во рок од 50 дена.
Будимпешта постојано ги критикува напорите за вооружување на Киев и се спротивставува на неговите амбиции за членство во ЕУ и НАТО предупредувајќи дека тоа го продолжува конфликтот на сметка на европската економија и даночните обврзници.
По враќањето на функцијата во јануари, Трамп имаше неколку телефонски разговори со Путин и размени изјави за тоа кој е одговорен за недостигот на напредок – Москва или Киев.