Свет
Патник успешно спуштил авион, откако починал пилотот
Откако пилотот починал среде лет над југозападна Флорида, командите на двомоторниот авион ги презел еден патник и спасил пет животи.
Авионот од типот Кинг Ер, како што јавија локалните гласила, во моментот на смртта на пилотот се наоѓал на височина од околу три илјади метри и бил управуван од автопилот.Кога видел што се случило, неименуваниот патник, кој има дозвола за управување со мали едномоторни воздухоплови, ги презел командите.Храбриот патник, добивал упатства за управување со авионот од контролор на летот, кој пак добивал инструкции по телефон од свој пријател што работи во компанијата производител на тој тип воздухоплови.Патникот успеал да го спушти авионот за дваесетина минути на аеродромот во Форт Мајерс.Драмата во воздух се одвивала во неделата, а имињата на пилотот и патникот не се соопштени
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Најмалку деветмина повредени во силниот земјотрес во Јапонија
Најмалку девет лица се повредени во земјотресот со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала што доцна во средата погоди широка област на западна Јапонија, а нема предупредување за цунами, јавија утринава јапонските медиуми.
Земјотресот во 23 часот и 14 минути по локално време беше почувствуван најсилно во префектурите Ехиме и Кочи во регионот Шикоку.
Официјални лица велат дека земјотресот бил со јапонска сеизмичка скала од нула до седум степени, што го прави најсилниот земјотрес во областа од воведувањето на сегашниот систем за мерење во 1996 година, според Јапонската метеоролошка агенција, пренесува Кјодо.
Според локалните власти и противпожарните служби, шест лица во префектурата Ехиме и едно лице во префектурата Кочи се здобиле со полесни повреди, додека двајца се повредени во префектурата Оита во регионот Кјушу во југозападна Јапонија.
Железницата соопшти дека утрово се откажани брзите возови на некои линии.
Во Сукум привремено се евакуирани 23 лица, додека водоснабдувањето во градот е прекинато поради пукање на цевки на многу локации.
Нуклеарните централи во областа се стабилни и не се забележани поголеми проблеми.
Властите повикаа на претпазливост, велејќи дека регионот најверојатно ќе биде погоден од нови потреси во наредната недела, јавува јапонската јавна телевизија NHK.
Силен земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтер вчера во 16:14 часот ја погоди јужна Јапонија, а епицентарот на земјотресот бил каналот Бунго, теснецот што ги дели јапонските острови Кјушу и Шикоку.
Земјотресот е регистриран на длабочина од 26 километри, на 17 километри од Уваџима.
Свет
ЕУ воведе нови санкции за Иран
Лидерите на Европската унија вчера одлучија да ги зголемат санкциите против Техеран додека светските сили се обидуваат да спречат поширок конфликт на Блискиот Исток откако Иран го нападна Израел со беспилотни летала и проектили.
Самитот во Брисел е првиот состанок на 27-те лидери на ЕУ по нападот во саботата, кој се случи повеќе од шест месеци по избувнувањето на војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, поддржана од Иран.
Израел посочи дека ќе возврати, но не кажа како. Европските лидери го осудија иранскиот напад, ја потврдија својата посветеност на безбедноста на Израел и ги повикаа сите страни да спречат понатамошна ескалација на тензиите.
„Сметаме дека е многу важно да се направи се за да се изолира Иран“, рече лидерот на самитот и претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел, додавајќи дека новите санкции против Иран ќе се однесуваат на компаниите кои се занимаваат со производство на дронови и ракети.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека е важно Израел „да не одговори со огромен напад“. Исто така, во пресрет на состанокот на шефовите на дипломатиите на членките на Г7, Италија изрази позитивно мислење за санкциите против производителите на оружје поврзани со нападот врз Израел, како и одговорните за нападите врз бродовите во Црвено море.
Иран го почна својот напад како одговор на нападот на 1 април врз неговата амбасада во Дамаск, Сирија, за кој го обвини Израел. Тел Авив ја започна својата поширока воена офанзива во Газа по смртоносниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври.
Европската унија веќе воведе повеќекратни санкции против Иран поради кршење на човековите права, ширење на оружје за масовно уништување и поддршка на Техеран за руската војна во Украина.
Германија, Франција и неколку други членки на ЕУ го разгледуваат планот за продолжување на постојните санкции, чија цел е да се намали бројот на беспилотни летала што Иран ги испорачува на Русија, со вклучување на проектили, како и испорака на оружје за проиранските групи на Блискиот Исток.
Аналитичарите велат дека Иран најверојатно нема да се соочи со посериозни економски санкции поради загриженоста дека цената на нафтата може да се зголеми и да ја налути Кина.
Свет
Украина предупредува на трета светска војна пред клучната одлука во Америка
Украинскиот премиер изјави за Би-Би-Си дека ќе има трета светска војна доколку Украина ја загуби војната со Русија, апелирајќи до американскиот Конгрес да го усвои повеќемесечниот закочен закон за странска помош.
Денис Шмихал изрази оптимизам дека американските пратеници ќе го усвојат жестоко оспоруваниот закон, кој обезбедува 61 милијарда долари американска помош за Киев.
Претставничкиот дом треба да гласа за пакетот оваа сабота. Предлогот вклучува финансирање за Израел, како и за Индо-Пацификот.
„Ако не се заштитиме, Украина ќе падне“, рече тој, а потоа додаде: „Глобалниот безбедносен систем ќе биде уништен и целиот свет ќе мора да најде нов безбедносен систем. Или ќе има многу конфликти, многу такви војни, а тоа може да доведе до трета светска војна“.
Ова не е првпат Украина да објавува алармантно предупредување за последиците од нејзиниот потенцијален пораз. Минатата година, претседателот Володимир Зеленски рече дека ако Русија победи во војната, може да ја нападне Полска, што ќе предизвика трета светска војна.
Кремљ, од друга страна, ги исмеа таквите тврдења како заплашување на Западот. Минатиот месец, претседателот Владимир Путин ги отфрли сугестиите дека Русија може еден ден да ја нападне Источна Европа како „целосна глупост“.
Русија никогаш не нападнала земја во НАТО, во која спаѓа и Полска. Пактот за колективна одбрана на НАТО значи дека нападот врз една членка е напад врз сите.
Во интервју за Би-Би-Си, новинарите го прашаа премиерот Шмихал за неодамнешното тврдење на републиканскиот шеф на комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом, Мајкл Мекол, кој рече дека членовите на неговата партија се „заразени“ од руската пропаганда.
„Треба да разбереме дека дезинформациите и пропагандата погодуваат многу луѓе во САД, многу луѓе во Европската унија, како што е случајот во Украина“, рече Шмихал. Имено, десното крило на Републиканската партија со месеци ја блокира потенцијалната помош за Украина.
Некои од тие пратеници се спротивставија на испраќање помош од десетици милијарди долари во странство без претходно да одобрат финансирање за безбедноста на границата меѓу САД и Мексико. Тие конзервативци, исто така, ја отфрлија како клевета секоја сугестија дека тие би можеле да бидат про-Кремљ.
Претседателот Џо Бајден вчера изјави дека ќе го потпише пакетот за да стане закон веднаш откако Конгресот ќе го усвои „за да испрати порака до светот дека стојат со своите пријатели“. Украина е критично зависна од испораките на оружје од САД и Западот за да ја продолжи својата борба против Русија, која има супериорна работна сила и артилериска муниција.