Свет
„Ербасот“ се бара со американски сателити
Се’ уште важaт последните информации за исчезнувањето на авионот на Air France „Ербас А330-200“ со 228 патници и членови на екипажот. Авионот западнал во бура и најверојатно бил погоден од гром над Атлантикот. Компанијата го објави списокот на патници, меѓу кои нема македонски државјани
Летот AF-447 кој требало да трае 11 часа, според бразилските воздухопловни власти започнал добро синоќа по средноевропско време, од Рио де Жанеиро кон парискиот аеродром „Роаси Шарл де Гол“. Но, по речиси четири часа лет, капетанот на авионот јавил дека леталото влетало во големи турбуленции, по што биле прекинати сите радиоконтакти со контролата на летањето и исчезнал од радарите. Во седиштето на компанијата, извршниот директор на Air Frence, Пјер-Анри Горжон, изјави дека авионот испратил автоматската порака за краток електричен спој, петнаесетина минути откако влегол во бурата и дека најверојатно бил погоден од молња. Нема надеж за преживеани Но дописникот на лондонски Times, кој е и пилот, изјавил сомневање дека авионот би можел да биде погоден од гром. Според новинарот и пилот Чарлс Бремнер, доколку станува збор за удар од гром тоа ќе ја доведе во прашање подобноста на дизајнот на самиот авион „Ербас А 330-200“, кој инаку е високо оценет од стручњаците. Според американските статистики, секој авион е најмалку еднаш погоден од гром во текот на годината. Во кризниот центар на аеродромот кој беше формиран уште утрината при првите информации за исчезнување на авионот, се појавил и францускиот претседател Николас Саркози. Тој за медиумите изјавил дека е мала шансата да има преживеани. Францускиот министер за екологија и транспорт Жан Луи Барло ја исклучил можноста дека авионот е киднапиран и дека нема сомневање дека се урнал во океанот. Најавено е дека ќе биде побарана помош од американскиот сателитски систем. Компанијата доцна попладнето при опсежни проверки на листата на патници соопшти дека во авионот имало 216 патници, од кои 126 мажи, 82 жени, седум деца и едно бебе, како и 12 членови на екипажот. Според националноста, пак, станува збор за 61 Французин, 58 Бразилци, 26 Германци, 9 Кинези, 6 Швајцарци, 5 Британци, 4 Унгарци, по тројца Ирци, Норвежани и Словаци, по двајца Американци, Шпанци, Мароканци и Полјаци и по еден Јужноафриканец, Аргентинец, Австриец, Белгиец, Канаѓанец, Данец, Естонец, Гамбиец, Исланѓанец, Холанѓанец, Филипинец, Романец, Русин, Швеѓанец, Турчин и Хрват. Технички карактеристики и најголеми несреќи Во моментов во употреба се 340 авиони од овој тип и досега нема загинати во трите инциденти на „Ербас А 330-200“ од 2005 г., а ова би било прво уривање со жртви на овој модел. Светските авиокомпании досега нарачале повеќе од илјада вакви авиони. Станува збор за двомоторен авион кој може да носи 256 патници и 12-член екипаж, а летачкиот век му изнесува 11 милиони часови. Конкретниот воздухоплов во употреба бил од 2005 г., а последниот ремонт бил извршен на 16 април о.г. и имал околу 2.500 летови со околу 18.800 часа лет. Авионот може да има долет од 10.500 километри, на височина од 10.700 метри со брзина од 880 километри на час. Air France ја доживеа најголемата несреќа на 6 март 1962 г. кога „Боинг 707“ се урнал при полетување кога загинале 130 лица, а во септември 1968 г. загинаа 95 луѓе. Последната катастрофа на француската компанија е забележана во 2000-та кога при полетување од Париз, се урна „Конкорд“, при што загинаа 109 патници и членови на екипажот и уште четири лица на земја. Во Бразил, пак, во 2006 и 2007 г. се случија две големи авионски катастрофи, што ја вброи најголемата латиноамериканска држава меѓу најнебезбедните за авиосообраќајот. Во септември 2006 г. во амазонските џунгли се урна авион во кој загинаа 154 лица, а во јули 2007 г. во Сао Паоло „Ербас 320“ ја промаши пистата при што загинаа 187 лица од авионот и 12 на земја.
Авионот на Air France најверојатно погоден од молња
Авион со 216 патници исчезнал над Атлантик
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: САД се подготвени за обврзувачки безбедносни гаранции за Украина
САД се подготвени да преземат правни безбедносни гаранции слични на член 5 од Договорот за НАТО. Ова го изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц, цитиран од „News.LIVE“. Повоениот мир за Украина мора да биде обезбеден со материјални и правни гаранции од САД и Европа, нагласи германскиот канцелар Мерц, додавајќи дека сојузниците повеќе нема да ги повторуваат „грешките од Минските договори“.
Овие гаранции треба да бидат сеопфатни, истакна Мерц, додавајќи дека нивната специфична содржина ќе биде разгледана подоцна: „Во случај на нов напад од страна на Руската Федерација, Украина би можела да се одбрани не само сама, туку и со поддршка на оние земји што ќе ги преземат обврските“.
Според канцеларот, Европејците ѝ ги предале на Русија своите предлози за обезбедување безбедносни гаранции и „топката сега е во дворот на Москва“. Мерц го повика Кремљ да покаже дека навистина сака мир и да се согласи на целосно прекин на огнот со Украина за време на божиќните празници.
Веќе има сигнали од украинската страна и од водечките земји од ЕУ дека е можно на крајот да има договор меѓу САД и Украина за тоа како треба да изгледа идниот мир. Но, Русија сепак ќе мора да биде убедена, дури и ако Украина и САД на крајот постигнат договор за Донбас. Американската страна, исто така, била задоволна од тоа како се одвивале преговорите, тврди Ројтерс, врз основа на свои извори.
„Разговорите не се лесни, но се продуктивни“, коментираше украинскиот претседател Володимир Зеленски и потврди дека Украина и САД имаат различни ставови за судбината на Донбас.
depositphotos
Свет
Зеленски: Не е постигнат компромис за територијалното прашање за време на преговорите во Берлин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека позициите на САД и Украина за поделбата на териториите сè уште се разликуваат. Тој го објави ова за време на заедничката прес-конференција со Фридрих Мерц на Германско-украинскиот економски форум, пренесува „Европејскаја правда“.
Тој нагласи дека САД дејствуваат како посредник во овие преговори.
„Секако, не сите прашања се едноставни. Постојат сложени работи, особено во врска со териториите. Секако, сите го покренуваат ова прашање. И тука е важно сите ние да работиме на тоа ваквите прашања да се решат апсолутно праведно. Дијалогот за териториите не беше доволен и ми се чини дека досега имаме различни позиции, да бидам искрен, но мислам дека колегите го слушнаа мојот личен став“, рече Зеленски.
Во исто време, тој истакна дека е постигнат напредок по многу прашања за време на неодамнешните преговори.
„Навистина имаше напредок по многу прашања. Искрено, не знам како Русија ќе го перцепира ова – во однос на релевантните резултати од нашите разговори“, нагласи украинскиот шеф на државата.
Во Берлин се одржа состанок на украинската делегација предводена од Володимир Зеленски со претставници на тимот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Специјалниот претставник на американскиот претседател Стив Виткоф денес објави значителен напредок во преговорите.
depositphotos
Свет
САД: Разговараме за договор што обезбедува силни гаранции за безбедноста на Украина
САД соопштија дека ѝ понудиле на Украина силни безбедносни гаранции слични на оние од НАТО, а Вашингтон изрази увереност дека Русија ќе ги прифати. САД го опишаа потегот како потенцијален пробив во напорите за завршување на војната, објави „АФП“.
Американските претставници ги опишаа часовите разговори во Берлин со претседателот Володимир Зеленски како позитивни и рекоа дека претседателот Доналд Трамп ќе оствари телефонски разговори подоцна на 15 декември и со украинскиот лидер и со европските партнери за да го унапредат договорот.
Во исто време, американските претставници нагласија дека Украина исто така мора да го прифати договорот, за кој велат дека ќе обезбеди безбедносни гаранции во согласност со Член 5 на НАТО – принципот на колективна одбрана, според кој нападот врз еден сојузник се смета за напад врз сите.
„Основата на овој договор е во суштина да обезбеди навистина, навистина силни гаранции – слични на Член 5 – како и многу силно одвраќање преку обемот на украинските вооружени сили“, рече американски функционер, зборувајќи под услов на анонимност.
„Овие гаранции нема да бидат на маса засекогаш. Тие се на маса токму сега, ако се постигне заклучок на правилен начин“, додаде тој.
Трамп претходно ја отфрли можноста Украина формално да се приклучи на НАТО, идентификувајќи ги аспирациите на Киев за членство во алијансата како една од причините за инвазијата на Москва во 2022 година.
Сепак, друг американски функционер изрази увереност дека Русија ќе го поддржи предложениот договор.
„Мислам дека Украинците, како и Европејците, би ви кажале дека ова е најробусниот пакет безбедносни гаранции што некогаш го виделе. Ова е исклучително силен пакет“, рече вториот претставник.
„Се надевам дека Русите ќе го разгледаат и ќе речат: „Ова е прифатливо бидејќи немаме намера – им веруваме на збор – да го прекршиме“. Но, ако има прекршувања, тие ќе бидат решени преку овој безбедносен пакет“, додаде тој.
Првиот американски функционер призна дека сè уште нема договор за прашањето за територијата. Трамп постојано изјавуваше дека Украина неизбежно ќе мора да отстапи територија на Русија, исход што е неприфатлив за Зеленски по речиси четири години одбрана на земјата.
Истиот извор посочи дека САД разговарале со Зеленски за идејата за создавање „економска слободна зона“ во областите што моментално се предмет на воен спор.
„Поминавме многу време дефинирајќи што би значело тоа и како би функционирало. На крајот, ако можеме да го разјасниме тоа, тогаш од страните ќе зависи да ги решат конечните прашања поврзани со суверенитетот“, рече тој.
Разговорите во Берлин ги водеа Стив Виткоф – деловниот партнер на Трамп и патувачки глобален преговарач – и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател.

