Свет
Сенатот на САД го прифати буџетот од 1.100 милијарди долари
Американскиот сенат во неделата го прифати буџетскиот пакет во висина од 1.100 милијарди долари со кој ќе се покриваат трошоците на владата до крајот на септември 2010 г.
Пакетот е прифатен со 57 гласови „за“ и 35 „против“, пренесуваат американските медиуми. Тој содржи шест буџетски закони кои беа придодадени во последен момент, за на Сенатот да му се остави доволно време за главната расправа – законот за реформите на американскиот здравствен систем.Повеќе од половината од сумата ќе бидат наменети за владините проекти за здравствена заштита за старите лица, хендикепираните и сиромашните, ткн. проекти Медикер и Медиејд. Другите 450 милијарди долари ќе бидат распоредени за други намени, од активности на вселенската програма NASA, како и за државните железници Амтрак, за јавните училишта и за патишта. Така, на пример, NASA ќе добие 3,8 милијарди долари за програмата за вселенски летови со човечки екипаж, FBI ќе добие 7,9 милијарди долари, Управата за медицинска грижа на ветераните 45,1 милијарди, Националниот институт за здравје 31 милијарди што е за 692 милиони долари повеќе отколку во 2009 г. Од вкупно 12 буџетски закони за американската фискална година која започнува на 1-ви октомври, претходно пет беа прифатени и претседателот Барак Обама веќе ги потпиша, а остана уште за потпишување законот за воениот буџет во висина од 626 милијарди долари. Американскиот Конгрес наскоро ќе го разгледува и предлогот за зголемување на горниот лимит на вкупниот буџетски дефицит кој изнесува 1.210 милијарди долари, и со предлогот на администрацијата дела од средствата од програмата TARP кои санираните банки ги враќаат во државната каса, да се искористат за вработување. Опозициските републиканци остро го критикуваа овј пакет закони, заради зголемената потрошувачка и буџетскиот кусок, како и за податокот дека содржи и речиси пет илјади ткн. „пет проекти“, кои претставниците на двете партии ги насочуваат кон своите изборни единици а кои се вредни 3,9 милијарди долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Снимка од приведувањето на три лица во БиХ кои на Тикток објавија дека ја држат Данка
Тројца мажи кои синоќа беа уапсени од Федералната полициска управа (ФУП), а по наредба на српската полиција, синоќа се донесени во просториите на ФУП во Сараево на понатамошна обработка.
Федералната полициска управа на Босна и Херцеговина, врз основа на информации од Министерството за внатрешни работи на Република Србија, Управа за технологија, уапси три лица кои се сомничат дека преку социјалната мрежа Тикток објавиле дека се поврзани со исчезнување на девојчето Данка Илиќ.
Уапсени се Б.Т.(2002), М.Т.(2001) и З.Т.(1972). Полицијата извршила претрес и утврдила дека информациите што ги дале се лажни.
Во текот на ноќта тројката заедно со Хаџиќ се донесени во просториите на ФУП, каде потоа ќе бидат предадени на надлежниот обвинител за понатамошна постапка, а видеото од нивното приведување го објави Министерството за внатрешни работи на Србија.
Свет
Голем руски ракетен напад врз украинските централи, штетата е голема
Русија ги нападна термоцентралите и хидроцентралите во централна и западна Украина со проектили и беспилотни летала, во уште еден од серијата напади врз веќе оштетената енергетска инфраструктура, објави електроенергетскиот оператор „Укренерго“.
„Во масовен и комбиниран напад, руските сили повторно ги гаѓаа енергетските објекти во текот на ноќта“, објави Укренерго на Телеграм. Оштетени се термоцентралите и хидроцентралите во централниот и западниот регион“, додава операторот.
Според локалните власти и министерот за енергетика Герман Гелушенко, нападнати биле енергетските објекти во областа Камиаске во близина на градот Днепро и енергетската инфраструктура во регионите Дњепропетровск, Полтава и Черкаси.
„Објектите за производство на електрична енергија беа нападнати со беспилотни летала и проектили“, рече Гелушенко.
Најголемата приватна енергетска компанија ДТЕК потврди дека биле нападнати три нејзини термоцентрали. Дистрибутерот на електрична енергија оваа недела објави дека ДТЕК изгубил околу половина од својот производствен капацитет.
Украинската армија објави дека соборила 58 од 60 лансирани руски беспилотни летала и 26 од 39 проектили.
Регион
Два силни земјотреси го погодија југот на Грција
Земјотреси со јачина од 5,7 и 4,3 степени според Рихтеровата скала утрово го погодија југот на Грција, соопшти Геодинамичкиот институт во Атина.
Земјотрес со јачина од 5,7 степени се случи во 9 часот и 12 минути на подрачјето на Јонското Море, а минута претходно е регистриран земјотрес со јачина од 4,3 степени, пренесува Катимерини.
Двата земјотреси беа почувствувани во многу региони на Грција, вклучувајќи ја и Атика. Професорот по динамичка тектоника и применета геологија Ефтимис Лекас на платформата Х напиша дека нема повредени и дека не е причинета штета, додека директорот на Геодинамичкиот институт Атанасиос Ганас рече дека причината што не е причинета материјална штета е тоа што зградите во областа се изградени според строги антисеизмички прописи.
Ганас изјави дека земјотресот со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала бил на длабочина од 20 километри, во централното Јонско Море, на допир на евроазиската и африканската плоча. Жителите од погодените подрачја велат дека противпожарните патроли ги утврдуваат сите проблеми предизвикани од земјотресите.