Свет
Безредија на погребот на иранскиот нуклеарен научник
Погребот на професорот по нуклеарна физика кој беше убиен во се’ уште неразјаснет атентат во четвртокот се претвори во судири меѓу провладините и опозиционите демонстранти со стотици припадници на безбедносните сили, пренесуваат агенциите повикувајќи се на јавувања од очевидци
Сведоци од Техереан пренесле дека половината од повеќе од илјада присутни луѓе на погребот на професорот Масуд Али Мохамади биле симпатизери на опозицијата кои имале помали инциденти со полицијата за време на погребната церемонија. Повеќето од нив вееле зелени знамиња, бојата што стана симбол на иранската опозиција. Од спротивната страна демонстрирале поддржувачите на претседателот Махмуд Ахмадинеџад, извикувајќи пароли како „Долу САД“ и „Смрт за Израел“.Сниматели и фоторепортери кои го следеле погребот биле однесени во полициски станици каде биле проверувани нивните податоци, по што биле ослободени.Педесетгодишниот професор на Универзитетот во Техеран беше убиен кога далечински управувана бомба ставена во мотор експлодира во вторник наутро пред неговиот дом додека тој одел на работа. Засега нема никакви информации за истрагата, ниту дали убиството на Мохамади е пворзано со неговата работа на иранската нуклеарна програма.Иранските власти ги обвинија опозициските партии дека со оружје дејствуваат во интерес на Израел и на САД, а Вашингтон енергично негираше каква и да е инволвираност во настаните во Иран, додека израелската страна ги игнорираше обвинувањата.Пред претседателските избори ланскиот јуни, кои потоа опозицијата ги прогласи за лажирани, на листата за поддршка на претседателскиот кандидат на опозицијата Мирхосеин Мусави, меѓу 420-те имиња на универзитетски професори фигурирало и името на Али Мохамади. Последните седмици, екстремистите од редовите на поддржувачите на власта повикуваа на пресметка со опозициските лидери, потсетуваат интернет страниците кои ги користат опозициските партии за да пренесуваат информации во светот, бидејќи во Иран е забрането известувањето на странските репортери. Меѓутоа, професорот Мохамади немал некоја улога во антивладините протести по јунските избори, нагласуваат американските медиуми. Двајца поранешни претседатели на Иран, сега едни од лидерите на опозицијата, Мохамед Катами и Хашеми Рафсанџани го осудија убиството, нарекувајќи го терористички акт кој може да предизвика големи немири и да ги продлабочи тензиите во иранското општество. Интересно е што и двете екстремни струи меѓу опозицијата и поддржувачите на власта му оддаваат почит на Мохамади, нарекувајќи го „маченик“ или жртва на тероризмот. Шефот на иранската нуклеарна програма, Али Акбар Салехи преку државна талевизија го изрази своето сочувство, величејќи го придонесот на професорот Мохамади за Иран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.