Свет
Израелски полицаец застрела Палестинец во источен Ерусалим
Припадник на израелската гранична полиција убил Палестинец кој насилно го попречувал при апсење во недела, откако без дозвола влегол во Источен Ерусалим од окупираниот Западен брег, изјавил портпаролот на полицијата
Како што пренесува Reuters цитирајќи го портпаролот на израелската полиција, 37-годишниот Палестинец жител на градот Хеброн на Западниот брег, бил застрелан додека се обидувал да го зграпчи пиштол од полицаецот додека биле во клинч кога службеното лице сакало да го уапси.Една израелска група за човекови права, пак, соопшти дека лицето било убиено кога тоа се обидело да побегне. Карим Џубран од израелската група за човекови права B’Tselem вели дека застреланиот Палестинец бил меѓу неколкуте непријавени работници кои минувале на црно преку границата во надеж дека ќе најде работа.„Откако тие ја преминале оградата, наишле на патролното возило. Тие избегале, убиениот бил последниот од групата кој бегала. Тој бил застрелан со еден куршум од граничниот полицаец“, изјавил Џубран за Израелското радио, повикувајќи се на сведочење од очевидци на настанот.Ерусалим е во центарот на блискоисточниот конфлик. Палестинците го сметаат источниот дел од Светиот град, кој граничи со Западниот брег, како главен град на својата идна држава.Израел го зазеде во Источен Ерусалим од Јордан во војната во 1967 г. и целиот град го смета за целина која е неформален главен град на еврејската држава, но непризнат во странство. По вооружениот палестински бунт кој избувна пред една деценија, Израел подигна бариера којашто се протега во поголемиот дел од Источен Ерусалим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Стотици мртви во масовни гробници во Газа, меѓу нив има жени и стари лица, некои со врзани раце
Палестинските тимови за цивилна заштита започнаа со ексхумација на тела од масовна гробница пред болничкиот комплекс Насер во Кан Јунис минатата недела, откако израелските трупи се повлекоа. Вкупно 310 тела се пронајдени во изминатата недела, од кои 35 пред два дена, соопштија палестинските власти.
„Чувствуваме потреба да алармираме бидејќи се откриени повеќе тела“, рече Равина Шамдасани, портпаролка на Високиот комесаријат за човекови права на ОН. Таа ги опишала телата „закопани длабоко во земјата и покриени со ѓубре“, додавајќи дека „меѓу загинатите наводно има постари лица, жени и ранети“, меѓу кои и некои кои биле врзани и без облека, пишува Гардијан.
„На некои од нив им беа врзани рацете, што секако укажува на сериозни прекршувања на меѓународното право за човекови права и меѓународното хуманитарно право и тие треба да бидат подложени на дополнителни истраги“, рече таа.
Палестинските спасувачки тимови и неколку набљудувачки мисии на ОН, исто така, известија за откривање на повеќе места за масовни гробници во болничкиот комплекс Шифа во градот Газа претходно овој месец, откако израелските копнени трупи се повлекоа по продолжената опсада.
Лекарите кои работат за Лекари без граници опишаа дека израелските сили ја нападнале болницата Насер кон крајот на јануари, пред да се повлечат еден месец подоцна, оставајќи ја установата неспособна да функционира.
Спасувачите продолжуваат да копаат низ песочната почва за да ги ексхумираат телата надвор од болницата. Официјални лица во Газа изјавија дека телата во Насер се на луѓе кои загинале за време на опсадата. Израелската армија во вторникот ги негираше тврдењата за масовни погребувања во болницата.
Израел постојано го обвинува Хамас дека работи во болници и ја користи медицинската инфраструктура како штит, што Хамас го негира. Шефот за права на ОН, исто така, го осуди зголемениот број на израелски воздушни напади што го зафатија северниот, централниот и јужниот дел на Газа во последните денови, вклучително и поморски артилериски оган што погоди згради долж источниот брег на Газа.
Свет
Володимир Зеленски им се заблагодари на САД за пакетот помош за Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на американскиот Сенат за усвојувањето на законот со кој се одобри пакетот помош за Киев во износ од 61 милијарда долари.
Зеленски истакна дека со овој потег САД ја потврдиле својата улога на „светилник на демократијата“, пренесува Ројтерс.
„Благодарен сум на американскиот Сенат што ја одобри клучната помош за Украина. Ова гласање ја зајакнува улогата на Америка како светилник на демократијата и лидер на слободниот свет“, рече украинскиот претседател во изјавата на платформата Телеграм.
Свет
Блинкен пристигнува во Шангај: проблемите меѓу Кина и САД се сериозни
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска пристигнува во Шангај во време кога односите меѓу САД и Кина се на постабилна основа, но со низа нерешени прашања кои ја загрозуваат стабилноста на односите на глобалните ривали.
Блинкен ќе се сретне со бизнисмени пред да замине за Пекинг во петок на разговори со министерот за надворешни работи Ванг Ји и најверојатно средба со претседателот Си Џинпинг.
Посетата на Блинкен е најновиот контакт на високо ниво меѓу двете нации кој, заедно со работните групи за прашања кои се движат од глобалната трговија до воените комуникации, ги ублажи јавните несогласувања кои ги спуштија односите на историски најниско ниво на почетокот на минатата година.
Но, Вашингтон и Пекинг постигнаа мал напредок во ограничувањето на кинеското производство на хемикалии што се користат за производство на фентанил, Тајван и понатаму е точка на удар, а тензиите се зголемуваат поради поддршката на Кина за Русија во војната во Украина.
Иако е малку веројатен значителен напредок за време на посетата, двете земји сакаат „отворени линии на комуникација за да се избегнат непријатните сценарија“, рече Алфред Ву, вонреден професор на Школата за јавна политика Ли Куан Ју во Сингапур.
Блинкен ќе побара од Кина да престане со опремување и снабдување на руската воена индустриска база.
Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, само неколку дена откако се согласи на „неограничено“ партнерство со Пекинг, и додека Кина се оддалечи од испораките на оружје, американските власти предупредија дека кинеските компании испраќаат технологија за двојна употреба која им помага на руските воени напори.
Без детали, висок функционер на Стејт департментот рече на брифингот со новинарите во петокот дека Вашингтон е подготвен да „преземе чекори“ против кинеските компании за кои верува дека им штетат на американската и европската безбедност.
Соединетите држави привремено разговараа за воведување санкции на кинеските банки поради поддршката на земјата за Русија, но официјални лица изјавија за Ројтерс дека сè уште немаат планови.
Вашингтон досега се воздржуваше од санкционирање на големите кинески банки – што долго време аналитичарите го сметаа за „нуклеарна“ опција – поради ефектите што може да ги има врз глобалната економија и врз односите меѓу САД и Кина.
Посетата доаѓа откако американскиот Конгрес викендов го усвои законот кој вклучува ново финансирање за Тајван и помалку од еден месец пред островот да го инаугурира новиот претседател Лаи Чинг-те, кој како и неговиот претходник го отфрли барањето на Кина за островот.
Висок функционер на Стејт департментот рече дека страните треба „да избегнуваат преземање провокативни дејствија кои би можеле да ги подигнат тензиите и да покажат воздржаност“ пред инаугурацијата.
„Тоа ќе биде нашата порака понатаму“, додаде официјалниот претставник.
Проблем е и TikTok
Напорите да се принуди кинеската ByteDance да ја продаде својата апликација TikTok или да се соочи со забрана од САД, исто така добиваат на сила во Конгресот, што е знак за зголемената подготвеност на Вашингтон да се соочи со Пекинг за економски прашања.
Блинкен се очекува да ги покрене прашањата за човековите права, вклучувајќи го и третманот на Кина кон муслиманите во западниот регион Ксинџијанг.
Други американски претставници неодамна се сретнаа или се слушнаа со кинески колеги како дел од пошироките напори на САД да ги одржат отворените линии на комуникација.
Министерката за финансии Џенет Јелен беше во Пекинг и во јужниот град Гуангжу претходно овој месец, а минатата недела министерот за одбрана Лојд Остин разговараше со својот кинески колега за прв пат по 18 месеци.
Советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливан, исто така одржува редовни разговори со Ванг.