Свет
Обама порано ќе ја напушти Индонезија поради вулканот Мерапи
Американскиот претседател Барак Обама денеска допатува во Индонезија, од каде ќе замине утре изутрина, нешто порано од претходно предвиденото, поради опасност поврзана со пепелта што ја исфрла вулканот Мерапи, соопштил неговиот портпарол Роберт Гибс.
Според официјалната програма, предвидено е Обама во Џакарта да се задржи околу дваесетина часа. Тој во Индонезија доаѓа првпат откако од земјата се иселил уште како мало момче, во периодот од 1967 до 1971 година, откако неговата мајка се омажила за човек од Индонезија.
Авионот Ер Форс Уан слетал на аеродромот во Џакарта по летот од Индија, каде што Обама престојуваше три дена.Според протоколот, предвидено е обама да има билатерална средба со неговиот индонезиски колега, по што ќе биде одржана прес конференција, а потоа Обама треба да посети и една џамија во Џакарта. Утре американскиот претседател ќе одржи говор пред студентите на еден индонезиски универзитет. Попладне тој ќе ја продолжи турнејата кон Јужна Кореја, каде треба да учествува на Самитот на Г20.
Вулканот Мерапи од Џакарта е оддалечен околу 430 километри, а почна да еруптира на 26 октомври, а од последиците смртно настрадаа повеќе од 150 лица. Кон крајот на минатата недела авионскиот сообраќај беше пореметен, а беа откажани и повеќе летови на странски авио-превозници./крај/хи/бч
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сообраќајка на бугарски автобус во Турција, повредени 11 лица
Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.
Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.
На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.
Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.