Свет
Шарон пренесен дома
Поранешниот израелски премиер, Ариел Шарон, кој е во кома речиси пет години, утрово од болница беше пренесен во својот дом на имот во јужен Израел, јавува Асошиејтед Прес. Шарон, кој од почетокот на 2006-та година е поврзан на респиратор, утрово бил изнесен од болничката соба во Тел Авив и под големо обезбедување е пренесен во неговиот дом. Пред да биде изнесен од болницата, обезбедувањето подигна големи паравани, со цел да не биде видливо неговото префрлање во болничкото возило. Нема информации за моменталната здравствена состојба на Шарон. Според лекарите, префрлањето на поранешниот израелски премиер се случува поради мислењето дека би било подобро пациентите што се на долготрајно лекување да престојуваат во својата заедница, отколку во болница. Причина за долготрајната кома на Шарон е мозочен удар, што тој го доживеа додека беше на премиерската функција. /крај/ап/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Г7: Ќе ја зајакнеме воздушната одбрана на Украина
Земјите-членки на Г7 се решени да ја зајакнат воздушната одбрана на Украина, изјавија денеска нивните министри за надворешни работи кои се собраа на состанокот во Капри.
Седум суперсили – Италија, Канада, Франција, Германија, Јапонија, Велика Британија, САД и ЕУ – силно ја критикуваат руската инвазија на Украина, која трае повеќе од две години.
Сепак, Киев ги предупредува дека мора да ја сменат стратегијата доколку сакаат Украина да издржи се подеструктивни руски воздушни напади. Русија негира дека мета и се цивилите, но смета дека енергетскиот систем на Украина е легитимна цел. Во овие напади беа убиени стотици цивили.
„Г7 ќе ја зајакне воздушната одбрана на Украина за да спаси животи и да ја заштити критичната инфраструктура“, рекоа министрите за надворешни работи, додавајќи дека ќе ја зголемат одбранбената и безбедносната помош за Киев.
„Ние сме решени да продолжиме да обезбедуваме воена, финансиска, политичка, хуманитарна, економска и развојна помош за Украина и нејзиниот народ“, додаваат тие.
Изјавата беше објавена на крајот од тридневниот министерски состанок во Капри, каде главни теми беа Украина и воените конфликти меѓу Израел и Иран.
Свет
Блинкен остро ја обвини Кина
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја критикуваше поддршката на Кина за руската одбранбена индустрија на италијанскиот остров Капри, велејќи дека Пекинг во моментов е главен снабдувач на Москва со клучни компоненти за оружје за војната во Украина.
Тој рече дека акциите додаваат масло на „најголемата закана за европската безбедност од крајот на Студената војна“.
Говорејќи на прес-конференцијата по повод крајот на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 на италијанскиот остров Капри, Блинкен рече дека Вашингтон многу јасно им ставил до знаење на Пекинг и на другите дека не треба да им помагаат на руските воени напори во Украина.
„Кога станува збор за основите на руската одбранбена индустрија, главниот придонесувач во моментов е Кина. Имаме индикации дека Кина испраќа машински алати, полупроводници и други предмети со двојна употреба за да и помогне на Русија да ги обнови своите одбранбени индустриски залихи“, рече Блинкен.
„Кина не може да ги има и двете. Не може да си го дозволи тоа. Сакате да имате позитивни и пријателски односи со земјите во Европа, а во исто време ја поттикнувате најголемата закана за европската безбедност од крајот на Студената војна“, рече Блинкен.
САД ја предупредуваат Кина да не ги помага воените напори на Москва по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, која дојде само неколку недели откако Русија и Кина прогласија „партнерство без ограничувања“.
Самата германска министерка за надворешни работи Аналена Баербок изрази загриженост за прашањата што ги покрена Блинкен.
„Ако Кина отворено води сè посилно партнерство со Русија, која води нелегална војна против Украина, ние нема да можеме да го прифатиме тоа“, рече Баербок по состанокот со колегите од Г7 во Капри.
Американските власти минатата недела ги информираа новинарите за материјалите што Кина и ги доставува на Русија, вклучувајќи беспилотни летала и ракетна технологија, сателитски снимки и машински алати, кои не се смртоносни оружја, но и помагаат на Русија да ја обнови воената опрема за да ја одржи својата двегодишна војна во Украина.
Свет
Во Индија почнаа изборите, кои ќе траат шест недели, а ќе гласаат речиси 970 милиони
Денеска, почнаа најобемните избори во светот, а речиси 970 милиони регистрирани гласачи во Индија учествуваат во овој огромен процес, кој ќе се одвива во седум фази и ќе трае дури шест недели.
Премиерот Нарендра Моди се надева дека ќе освои трет последователен мандат во земјата со 1,4 милијарда жители. Гласачите, всушност, не го избираат директно премиерот, туку 543-те пратеници на Лок Сабха, долниот дом на парламентот на најнаселената земја во светот, објави „Дојче веле“.
На натпреварот учествуваат шест национални партии, 57 партии од индиските сојузни држави и 2.597 помали партии. Сепак, главната трка ќе биде меѓу двете најголеми политички партии во Индија: владејачката Индиска народна партија (БЈП) и опозицискиот Индиски национален конгрес (ИНЦ) или скратено Конгресната партија.
За да се спротивстави на владејачката БЈП и премиерот Моди, Конгресната партија формира сојуз од 28 партии, наречен Индиски национален развој – инклузивен сојуз.
Според анкетите, премиерот Моди и неговата хинду-националистичка БЈП се очекува да победат на изборите оваа година.
Моди е популарен лидер, делумно благодарение на агендата насочена кон хинду-мнозинството во Индија, кое сочинува 80 отсто од населението.