Свет
Оставка на француската влада, Франсоа Фијон повторно во игра за премиер
Францускиот претседател Николас Саркози вчера вечерта ја прифати оставката на владата, со што му се отвори пат за најавената реконструкција пренесе AFP.
Според извори на агенцијата од владејачката партија UMP, реконструкцијата би требало да биде објавена во понеделник, но други француски медиуми шпекулираат дека имињата на новите министри ќе се знаат во недела. Инаку во среда стапува законот за пензиските реформи, кој предизвика долги и масовни протести во Франција. Тоа ќе биде четврта реконструкција на владиниот кабинет откако Саркози стана шеф на француската држава.
Според истите извори, речиси сигурно е дека Франсоа Фијон кој инаку има рејтинг повисок од претседателот Саркози, ќе остане на премиерската функција, додека поранешниот премиер Ален Жипе, кој сега е градоначалник на Бордо, ќе го преземе ресорот на одбраната на местото од лидерот на партијата Нов центар, Ерве Морен.
Радиото France Info коментираше дека еден од главните кандидати за премиер е и досегашниот министер за животна средина и енергетика, Жан-Луј Барло. Претходно, многу членови на владејачката партија Сојуз за народно движење – UMP го поддржуваат Фијон.
Меѓутоа, како што пренесува Le Mond, француските политичка аналитичари напоменуваат дека според досегашното искуство од Саркози може да се очекуваат изненадувања. Исто така, нема гаранција дека кој и да е од министрите од актуелниот кабинет ќе бидат и натаму членови на француската влада.
Покрај тоа, во анализите се наведува и дека владата може да ја напуштат министрите за надворешни работи, Бернар Кушнер, за правда Мишел Алио-Мари, за економија, Кристин Лагард, за високо образование и наука Валери Пекрес кои може и да бидат прераспределени на челата на други ресори. Во владата, според медиумите, може да влезе и генералниот секретар на Елисејската палата, Клод Геан и генералниот секретар на владејачката партија, Ксавиер Бертран./крај/афп/фи/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хезболах го нападна северниот дел на Израел со беспилотни летала
ЛибанскиХезболах соопшти дека извршил напад со беспилотни летала врз израелските воени бази северно од градот Акра, во најдлабокиот напад на израелска територија од почетокот на војната во Газа.
Израелската војска соопшти дека нема сознанија за некој од нејзините објекти погодени од Хезболах, но претходно соопшти дека пресретнала две „воздушни цели“ во близина на северниот брег на Израел.
Двете страни редовно разменуваат ракетни и воздушни напади од почетокот на војната во Газа минатиот октомври, но се воздржуваат од отворена војна. Сепак, со оглед на честите напади, постојат стравувања дека несреќа или погрешна проценка на која било страна може да доведе до брза ескалација на конфликтот, како и до потенцијално вклучување на други регионални и светски сили, вклучително и САД.
Хезболах вели дека нападот е одмазда за претходниот израелски напад во кој загина еден од нивните борци. Групата објави сателитска снимка со локацијата на нападот на половина пат помеѓу Акра и Нахарија на север. На едно видео е видливо и како израелската воздушна одбрана ги пресретнува беспилотните летала.
Израелската војска соопшти дека нејзините воени авиони одговориле со гаѓање воени цели во областа Маркаб во јужен Либан.
Најмалку две лица загинаа, а уште шест се повредени откако израелски воздушен напад погоди станбена област во јужниот либански град Ханин, објави во вторникот официјалната либанска новинска агенција NNA.
Регион
Убиен работник од Украина во Славонски Брод
Во центарот на Славонски Брод во попладневните часови е пронајдено машко тело.
Полициската управа Брод-Посавина соопшти дека е приведено едно лице поврзано со инцидентот.
Се работи за млад градежен работник од Украина. Конфликт се случил во стан во центарот на градот каде што биле сместени работниците (родени во 90-тите).
Полицијата соопшти дека телото на мажот е пронајдено во куќата околу 15:17 часот и дека се води истрага, а потоа и кривична истрага која треба да ги расветли сите околности.
Свет
Макрон и градоначалничката на Париз најавија дека ќе пливаат во Сена: Сакаат да го докажат добриот квалитет на водата за Олимписките игри
Градоначалничката на Париз, Ан Идалго изјави дека ќе плива во Сена со францускиот претседател Емануел Макрон за да докаже дека квалитетот на водата на реката ќе биде на нивото потребно за претстојните Олимписки игри.
Идалго потврди дека ги поканила организаторите на Олимпијадата и високите француски функционери да пливаат во Сена на настан кон крајот на јуни или почетокот на јули оваа година, вклучувајќи го и Макрон, кој претходно ветил дека ќе плива во реката, пренесува АП.
„Ќе нуркаме во Сена и многу волонтери се појавија да нуркаат со мене и многу спортисти ќе бидат таму. Ќе биде безбедно да се плива во Сена“, изјави Идалго.
Претходно, француската невладина организација „Suffrider Foundation“ предупреди дека квалитетот на водата во Сена не е доволно добар за пливање за време на Олимпијадата, врз основа на шестмесечни мерења на квалитетот.
За чистење на оваа река ќе бидат инвестирани 1,4 милијарди евра, а од 1 јуни ќе почнат новите рутински мерења.
Организаторите на ОИ претходно најавија дека е можно да се одложат одредени настани во случај на голема загаденост на Сена, а во најлош случај ќе биде откажан пливачкиот дел од планираните триатлони.
Исто така, беше најавено дека пливањето во делови на Сена ќе биде дозволено за јавноста, за прв пат од 1923 година.