Свет
НБМ во минус од 25 милиони евра поради банката на Смиленски
Централната банка минатата година ја финишираше со голема загуба во завршните биланси
Централната банка минатата година ја финишираше со голема загуба во завршните биланси
Уште поголема главоболка на нашите власти им создава прашањето како ќе се оправда пред ММФ големото црвено салдо
НИНА НИНЕСКА-ФИДАНОСКА
Народна банка на Македонија ланската година ја финиширала со огромна загуба во својот завршен биланс, тешка 1,5 милијарди денари или 24,4 милиони евра. Оваа информација вчера ја потврдија во Кабинетот на гувернерот Петар Гошев, како и во Министерството за финансии.
Според официјалните сознанија, главната причина за овој алармантен минус е фактот што Централната банка не може да си ги наплати побарувањата од Експорт-импорт банка на контроверзниот бизнисмен Методија Смиленски. Како што е познато, во времето на ексгувернерот Љубе Трпески, НБМ Ј издаде гаранции на Експорт-импорт банка вредни 21 милион евра, иако знаеше дека таа е во многу лоша финансиска состојба. Експорт-импорт ги доби гаранциите за да зема кредити од странски банки, но со оглед што нив потоа не ги врати, обврската за плаќање на овие 21 милион евра паднаа на товар на НБМ.
Сега Народна банка сака да си ги поврати овие пари преку стечајната постапка што се води за банката на Смиленски, но побарувањата не ги признава и ги оспорува стечајниот управник Владислав Тамбурковски. Иако НБМ тврди дека не се откажува од средствата и очекува судска разрешница, сега засега тие пари се изгубени и како загуба мора да се книжат во завршните биланси на НБМ. Инаку, дури и тие побарувања да Ј бидат признаени од судот, прашање е дали НБМ од стечајот ќе може да наплати дури 21 милион евра, бидејќи според информациите, имотот на Експорт-импорт не вредел толку многу и при неговата продажба немало да може да се земе толку голем износ пари.
Покрај овие 21 милион евра, другите 3,4 милиони евра загуба се должат на судски пресуди кои паднале на товар на НБМ од поранешните години, спорни побарувања, лоши пласмани, камати и други “минуси”, кои морало да се платат во текот на минатата година.
Како што неофицијално се дознава, веднаш штом дошол на гувернерската позиција, Гошев го увидел ова “црвено салдо” на НБМ кое е наталожено од претходните години, и се зафатил со работа за расчистување на билансите. Сите штедења, рестрикции и реорганизации што во изминатиов период тој ги прави во Централната банка, па дури и неодамнешното укинување на некои од дирекциите, се прават со цел да се намали големата загуба.
Она што е сега проблем, е како да се покрие огромната дубиоза на првата монетарна куќа. Според информациите, една половина од дупката е веќе надоместена од т.н. општи резерви на НБМ, кои се собирале од претходните години кога таа остварувала добивка. Имено, според Законот за НБМ, кога банката искажува добивка, помал дел оди во општите денарски резерви, а поголем дел се префрла во Буџетот на државата. Во, спротивно, пак, кога Централната банка прави загуба, неа треба да ја покрие државната каса.
Наши извори велат дека втората половина од загубата, значи околу 12,2 милиони евра, ќе мора да падне на товар на Буџетот. Со Министерството за финансии треба да се разговара со цел да се одбере варијанта на покривање која ќе биде најповолна за државната каса. Па така, една од опциите е да се направи ребаланс на Буџетот, а втората алтернатива е издавање државни обврзници, што значи државата да се задолжува кај други субјекти за да ја покрие загубата, а потоа да им ги враќа парите на “рати”.
Уште поголеми главоболки на Владата и на НБМ, како што се дознава, им создавало прашањето како сега овие загуби ќе им се објаснат и ќе се оправдаат пред строгите монетарци, кои во земјава доаѓаат на 11 мај. Работата е дотолку пострашна што претстојната рунда преговори со мисијата на ММФ е последна и од неа апсолутно зависи дали Македонија ќе добие аранжман или ќе остане без него. Како што е познато, фондовците се многу “алергични” кога државата покрива дубиози на приватни банки, па затоа е голем прашалник како тие ќе ја прифатат оваа информација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Песков: Русија работи на постигнување мир во Украина, а не на примирје
Русија работи на постигнување мир во Украина, а не на примирје, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прес-конференција, коментирајќи ги изјавите на украинскиот претседател Володимир Зеленски за подготвеноста на Киев за „енергетско примирје“.
„Одржливиот, загарантиран, долгорочен мир, постигнат со потпишување на релевантните документи, е апсолутен приоритет“, рече Песков, пренесува Спутник.
Кремљ ќе следи како ќе се развива ситуацијата по објавата на Зеленски за неговата подготвеност да одржи претседателски избори, рече Песков и нагласи дека неговата изјава за неговата подготвеност да одржи претседателски избори е „сосема нова“, додека рускиот претседател Владимир Путин долго време зборуваше за потребата од тоа.
Фото: депозитфотос
Свет
Канцеларијата на ОН за човекови права едвај преживува поради недостаток на донации
Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, изјави дека неговата канцеларија „едвај преживува“ поради големото намалување на финансирањето од глобалните донатори, додека кршењата на правата и потребите во областите погодени од војната се зголемуваат.
„Нашите ресурси се намалени, заедно со финансирањето за организациите за човекови права – вклучително и оние на локално ниво – низ целиот свет. Едвај преживуваме“, изјави Турк за новинарите.
„ОХЦХР има 90 милиони долари помалку за своите потреби оваа година, што резултираше со отпуштања на 300 вработени, што директно влијае на работата на канцеларијата“, рече Турк.
„Суштинската работа мораше да се намали, вклучително и во Колумбија, Демократска Република Конго, Мјанмар, Тунис и други земји во време кога потребите растат“, додаде тој.
Тој рече дека посетите на земјите од страна на специјалните известувачи на ОН, кои се независни експерти, се намалени, како и мисиите за утврдување факти од страна на телата за утврдување факти, додека дијалозите со државите за нивното почитување на договорите за човекови права на ОН мораа да се одложат.
„Сето ова има широк ефект врз меѓународните и националните напори за заштита на човековите права“, рече Турк.
САД, убедливо најголемиот донатор на ОН, се повлекоа од ОХЦХР оваа година под администрацијата на Доналд Трамп.
фото/депозитфотос
Свет
Украински генерал: Обновивме делови од Покровск
Украина, според сопствените тврдења, обнови делови од градот Покровск. Според врховниот командант Олександр Сирски, украинските трупи сè уште се борат против масовни руски напади.
Одбраната на Покровск продолжува, рече Сирски.
Од средината на ноември украинските трупи вратија речиси 13 од вкупно 29 квадратни километри од градот. Според „Киев индепендент“, украинските сили наводно дополнително го зајакнуваат своето присуство во регионот.
Сирски потврди дека украинските единици морале да се повлечат од позиција од пет до седум километри надвор од Покровск, каде што руските трупи почнале силно да напредуваат. Одбраната на тие позиции повеќе не била ефикасна, рече тој. Во последните денови и недели беше објавено дека градот е претежно опкружен со руски трупи, кои наводно контролираат 95 проценти од градот.
Во исто време, Сирски тврди дека соседниот град Мирноград не е опколен од руските сили, иако логистичкото снабдување е сè потешко. Сепак, функционер на НАТО процени поинаку, според извештајот на „Украинска правда“, во кој се тврди дека градот е опколен од руски војници.
Фото: депозитфотос

