Свет
Во голема операција на Кавказ убиени 16 бунтовници
Руските специјалци спроведоа операција против бунтовниците на подрачјето на Северен Кавказ во која се убиени 16 лица, пренесува РИА Новости.
Руските специјалци спроведоа операција против бунтовниците на подрачјето на Северен Кавказ во која се убиени 16 лица, пренесува РИА Новости. Како што пишува руската агенција, станува збор за најголема операција на руските федерални безбедносни сили од крајот на март кога во Ингушетија беа убиени 19 бунтовници. Во неа во текот на изминатите два дена се убиени 16 припадници на нелегални паравоени формации, меѓу кои бил и лидерот на бунтовниците од регионот на Кабардино-Балкарија. Паралелно продолжува и потрагата по лидерот на кавкаските милитантни од страна на руските власти наречен „терорист број 1“, Доку Умаров, за кој се претпоставува дека со неговата група го пробил полицискиот обрач и успеал да избега кога минатиот месец беше блокиран во Ингушетија. Шестмина од бунтовниците се убиени во четвртокот во три операции против терористите во Дагестан. Според Националниот антитерористички комитет (НАК), во Махачкала, при пружање отпор во обид да биде уапсена група предводена од браќата Билал и Курбан Магомедов, во горската област на Цумадинскиот реон, биле ликвидирани и Магомед Ибрагимов, Равиљ Халитов и извесен Мурат наречен „Сајдулах“. Исто така, во куќа во селото Шаонјан во Кизлијарската област специјалците го убиле еден од водачите на локалната паравоена група, Ахмет Рамазанов, додека неговиот братучед Хабиб Рамазанов го положил оружјето и се предал.Уште десет бунтовници биле убиени денеска, кога во рамките на истата операција руските безбедносни сили влегле во местото Прогрес во Кировскиот регион на границата со Кабардино-Балкарија. На повикот да се предадат, бунтовниците отвориле оган на што им било возвратено и по неколкучасовна престрелка биле ликвидирани. Меѓу нив бил идентификуван и водачот на групата, 40-годишниот Аскер Џапуев наречен „Абдула“ кој станал првиот човек на ткн. „Обединет вилает на Кабарда, Балкарија и Карачаја“ откако во мај 2010 г. беше убиен дотогашниот водач Анзор Астемиров. Џапуев е обвинет за убиство на деветмина чувари и ловци во селото Лечинкаји во 2007 г. како и за убиството од јануари 2008 г. на полицискиот началник Анатолиј Кјаров. Џапуев во февруари годинава во Приелбурс стрелал врз група туристи од Москва при што беа убиени три а ранети две лица:/крај/рн/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.