Свет
Германија од денеска без војна обврска
Во Германија денеска по 55 година се укинува обврската за служење воен рок, а ќе биде заменета со таканаречената доброволна служба со која ќе биде задоволена потребата од оружени сили, како и сектори кои досега се пополнуваа со цивилно служење.
Во Германија денеска по 55 година се укинува обврската за служење воен рок, а ќе биде заменета со таканаречената доброволна служба со која ќе биде задоволена потребата од оружени сили, како и сектори кои досега се пополнуваа со цивилно служење. „Тргнувам од тоа дека во годините што доаѓаат ќе се пријават доволно војници за договорите на одредено време, како и доброволци“, изјави за денешното издание на „Билд“ германскиот министер за одбрана Томас де Мајзиере од Христијанско демократската унија ЦДУ (CDU). Тој појасни дека во почетокот на новиот период за Бундесверот (германската армија) се пријавиле 13 илјади доброволци. Во четвртокот последните регрути кои служеа под воена обврска по шестомесечното отслужување на воениот рок ги напуштија германските касарни. Укинувањето на воената обврска има привремен карактер бидејќи сé уште не е внесено во уставот на Германија. Со ова институцијата на воена обврска е можно да се активира со едноставно мнозинство во Бундестагот (германскиот парламент).Демохристијанско-либералната влада на канцеларката Ангела Меркел одлуката за привременото укинување на воената обврска ја донесе во рамките на опсежната програма за штедење со кое министерството за одбрана до 2014 година има намера да заштеди 8,3 милијарди евра. Долгорочната цел е Бундесверот да стане помала, пофлексибилна и подобро подготвен за мисиите во странство. Воената обврска во Германија е воведена во 1955 година и во 55-те години воениот рок го отслужиле осум милиони регрути. Новата Сојузна доброволна служба може да трае до 23 месеци а за служба под оружје или во цивилен сектор може да се пријават и мажи и жени. Вториот дел од потребата за кадри на Бундесверот ќе биде покриена со професионални војници кој ќе потпишуваат договори на одредено време. Германската армија во иднина би требала да брои најмногу 185 илјади војници. Инаку, со оваа одредба и на странците кои живеат во Германија им е овозможено служење во оружените сили./крај/хи/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пентагон испраќа милијарда долари воена помош за Украина
Пентагон е подготвен брзо да испрати пакет воена помош од милијарда долари за Украина, изјавија неколку американски претставници, додека горниот дом на американскиот Конгрес ја започнува расправата за долгоочекуваниот нацрт-закон за финансирање на Украина и другите сојузници на САД, којa веќе го помина долниот дом.
Членовите на Конгресот беа длабоко поделени околу средствата, поради што претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, формираше сојуз од двете водечки партии за усвојување на законот.
Пакетот за странска помош од 95 милијарди долари беше усвоен од Претставничкиот дом во саботата, а денеска или утре се очекува одобрување од Сенатот.
Од вкупниот пакет помош околу 61 милијарда долари се наменети за Украина.
Регион
(Видео) Атина прекриена со сахарска прашина, нереални сцени во градот
Атина и јужните делови на земјата повторно беа обвиени со сахарска прашина, со нијанси на жолта и портокалова боја што создава нереална атмосфера во градот.
Облаци од прашина, пренесени преку Средоземното Море од Северна Африка, го обвиле Акропол и другите знаменитости на Атина, пишува „АП“.
Силните јужни ветрови носеа прашина од Сахара, па во последните часови од денот грчката престолнина изгледаше како да е користен филтер за фотографирање, пренесува Euronews.
🚨🇬🇷
HAPPENING NOW
The sky is totally orange over Athens, Greece
— Alex Barnicoat (@mrbarnicoat) April 23, 2024
Во среда се прогнозира разведрување на небото со поместување на ветровите и поместување на прашината и опаѓање на температурите.
Дневниот максимум во делови од јужниот остров Крит надмина 30 степени Целзиусови, повеќе од 20 степени Целзиусови над она што беше забележано во поголемиот дел од северна Грција.
Корисниците на социјалната мрежа Икс објавија видеа од необична „портокалова“ појава од територијата на цела Атина.
Веста за Атина во „портокалово“ многу брзо се прошири низ светските медиуми, а видеата ги споделија и профили на социјалните мрежи кои се занимаваат со глобални актуелни вести.
Свет
Уапсен заменикот на Сергеј Шојгу, осомничен е за примање мито
Рускиот заменик министер за одбрана Тимур Иванов е приведен под сомнение дека примил поткуп, соопштиРускиот истражен комитет.
„Заменик-министерот за одбрана на Русија, Тимур Владимирович Иванов, е приведен поради сомнение дека сторил кривично дело примање поткуп“, се наведува во соопштението објавено на каналот Телеграм на Истражниот комитет, пренесува РИА.
Во 2012 година, Иванов беше вицепремиер на Московскиот регион.
Од 2013 до 2016 година, тој беше генерален директор на АД Оборонстрој.
Во мај 2016 година со претседателски указ е назначен за заменик министер за одбрана.