Свет
„Муслиманските браќа“ ќе учествуваат на демонстрациите во Каиро
Најголемиот дел од политичките партии и движења во Египет соопштија дека имаат намера да ги повикаат своите поддржувачи утре во Каиро да учествуваат на новите „протести на милионите“ кои ќе се одржат под мотото „Револуцијата пред сé“.
Главното барање на претстојната акција е „реализацијата на целите на револуцијата 25 јануари“. „Револуцијата продолжува, бидејќи досега многу барања не се реализираат поради бавноста на правдата, неконтролираниот криминал и недостигот од спроведувањето на одлуките“, се вели во соопштението на организаторите на демонстрациите закажани за петок 8-ми јули во египетската престолнина Каиро. Во средата својата намера да учествува на демонстрациите во петокот на централниот каирски плоштад Тахрир го објави и движењето „Муслимански браќа“ и неговата политичка партија „Слобода и правда“. Во последно време „Муслиманските браќа“, за разлика од другите политички сили во Египет, се воздржуваше од учество на масовните протести. Се очекува, присуството на „Муслимански браќа“, како и на другите исламистички партии, да ги направи утрешните демонстрации најмасовни досега, имајќи ја предвид бројноста на движењето, како и неговата популарност во египетското општество. Во врска со демонстрациите закажани за утре, во Каиро веќе почнаа подготовките на египетските министерства за здравство и за внатрешни работи. Во областа на плоштадот Тахрир ќе бидат довезени 80 возила на „првата помош“ и три мобилни оперативни ординации. Според министерот за внатрешни работи Мансур ал-Исав, полицијата ќе ја обезбедува пошироката област а на плоштадот Тахрир ќе се појави само доколку се процени дека тоа е неопходно. Новиот „протест на милионите“ ќе се одржи пет месеци по падот на режимот на поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак, кој поднесе оставка на 11-ти февруари по избувнувањето на масовните протести и безредијата предизвикани од големата рецесија и ослабувањето на безбедноста во Египет.Сега со Египет раководи Врховниот совет на вооружените сили и назначената преодна влада предводена од премиерот Исам Шараф. Последните неколку седмици се зголеми бранот незадоволство на граѓаните од новата влада и вооружените власти, но досега не дојде до директни конфронтации. Младинските движења и поранешните опозициските партии не се задоволни со тоа како се одвиваат процесите против највисоките претставници на режимот на Мубарак. Конкретно, претходно седмицава, беа ослободени од обвинението за корупција тројца поранешни министри. Покрај тоа, во градот Суец беа ослободени полициски офицери кои беа обвинети за употреба на огнено оружје и убиства на демонстрантите. Повлекувањето на обвинението во овој случај предизвика бран незадоволство кај роднините на жртвите во немирите во јануари и февруари оваа година, кои прераснаа во судири со силите на поредокот.Тензијата од политичката сцена во Египет во последно време се прелева на улиците од Каиро. Минатата седмица илјадници демонстранти неколку дена го окупираа плоштадот Тахрир, при што дојде до најголемите судири меѓу полицијата и претежно младите луѓе, од престанокот на народниот бунт. Полицијата повторно беше обвинета за прекумерна употреба на сила и за бруталност врз демонстрантите, и беше истакнато барањето за разрешување на министерот за внатрешни работи. Во центарот на градот владееше хаос, бидејќи полицијата беше повлечена поради избегнување на посериозни судири.Безредијата доведоа до намалување на вредноста на валутата – египетската фунта, како и намалување на котизациите на Каирската берза. Покрај тоа, министерството за туризам на Египет објави дека новите безредија го забавуваат заздравувањето во секторот туризам, кој вработува околу 10 отсто од работоспособното население на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украинските власти: Седум лица се повредени во напад со руски дрон во Одеса
Седум лица се повредени, меѓу кои две деца, во напад на руски дрон врз украинското пристаниште Одеса, соопштија украинските власти.
Градоначалникот на Одеса, Генадиј Труханов, изјави дека се оштетени најмалку 14 станови, пренесе агенцијата „Униан“.
Целта на руските беспилотни летала беше и Киев, а шефот на градската управа Серхи Попко изјави дека украинската противвоздушна одбрана соборила неколку беспилотни летала испукани од Русија кон Киев, додавајќи дека нема извештаи за штета или повредени во нападот.
Украинската морнарица соопшти дека се уништени четири руски беспилотни летала над јужниот регион Николаев.
Свет
Зеленски: Ако француските авиони можат да го заштитат небото на Израел, зошто да не и нашето
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ја очекува посетата на неговиот француски колега Емануел Макрон на Киев за да разговара со него во врска со неколку точки на соработка, особено како најефективно да се зајакне заштитата на украинското небо.
„Ако француските авиони со француски пилоти можат да го заштитат небото на Израел, зошто француските авиони не можат да го заштитат небото на Украина. Но, во секој случај, неопходно е таквите иницијативи да доаѓаат од личноста од која зависи одлуката. И Емануел Макрон сè уште не разговарал за овие точки со мене. Тој вети дека ќе дојде во Киев и тука ќе имаме можност да го направиме тоа“, изјави претседателот на Украина во интервју за познатиот француски медиумски блогер Хуго Травер, на прашањето за можноста за испраќање француски војници во Украина.
Зеленски изјави дека не е во надлежност на украинскиот претседател да ја повика француската армија во Украина.
„Немам право да кажам дека утре француската армија треба да биде во Украина со полна сила и да се бори за нас, едноставно немам право на тоа и затоа никогаш не го покренав ова прашање“, рече тој.
Што се однесува до другите точки на соработка, како што наведе, тие се пред се мисии за обука на воени инструктори од Франција, пренесува Укринформ.
Макрон требаше да ја посети Украина во февруари, но потоа посетата беше одложена, според медиумите, од безбедносни причини. Подоцна, средината на март беше спомната меѓу можните датуми.
Зеленски рече дека е уверен оти ќе се најде формат за разговор со Русија за одлуките што водечките земји во светот ќе ги договорат на Мировниот самит во Швајцарија, кој беше најавен за 15 и 16 јуни.
– Ако по првиот самит заминеме со разбирање дека имаме точки за кои сите се согласуваме… Ако на маса има земји кои навистина сакаат мир и бараат праведен мир од Русија, тогаш документ со нашата визија ќе биде подготвени и ќе дојде моментот кога за тоа ќе се разговара со претставници на непријателот – рече Зеленски.
Според Зеленски, повеќе од 80 земји во светот ќе можат да постигнат договор за најмалку три точки од Формулата за мир.
Регион
Вучиќ во ОН: Курти денес не е во Њујорк оти води тајна кампања во Северна Македонија
За време на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации посветена на шестмесечниот извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за работата на УНМИК, српскиот претседател Александар Вучиќ го обвини лидерот на движењето Самоопределување, Аљбин Курти за мешање во внатрешните работи на Македонија.
Вучиќ истакна дека Курти не бил присутен на седницата во Њујорк бидејќи бил зафатен со водењето на изборната кампања на неговата партија во соседна држава.
Вучиќ изрази изненаденост од тоа што, според него, најпопуларен политичар во Македонија е претседателот на Србија, иако нема кампања во таа земја.
Тој посочи дека како претседател на Србија се извинува за постапките на, како што го нарече, српскиот граѓанин Аљбин Курти и истакна дека мешањето во внатрешните работи на Северна Македонија не е политика на Србија, туку постапка на неодговорен граѓанин.