Свет
На првиот ден од Рамазан во Сирија 24 мртви
Најмалку 24 цивили загинаа ширум Сирија, вклучувајќи десет лица по вечерните молитви за време на првиот ден од муслиманскиот свет месец Рамазан
Сириските безбедносни сили убиле десет, а повредени се неколку луѓе за време на протестите одржани во неколку сириски градови по вчерашните вечерни молитви за на првиот ден од Рамазан, соопшти шефот на сириската опсерваторија за човекови права, Рами Абдел Рахман, наведувајќи дека вчера загинале вкупно 24 луѓе. Во Хама загинаа десет луѓе, шест во предградието на Дамаск Арбен, три во централната провинција Хомс, две во градот Ал Бакамал во источниот дел на земјата, две во крајбрежниот град Латакијa и една во Мадамијаху во близина на Дамаск. Советот за безбедност на Обединетите нации вчера одржа затворена консултација за кризата во Сирија. AFP пренесува, повикувајќи се на дипломатски извори, дека официјален претставник на ОН изјавил на состанокот дека во воената офанзива која сириските сили ја започнаа во неделата загинале 140 луѓе, а 3.000 се водат како исчезнати, додека 12.000 се уапсени од март, кога почнаа протестите против сирискиот претседател Башар ал Асад. Велика Британија, Франција, Германија и Португалија се обидуваат да ја оживат резолуцијата која ќе го осуди однесувањето на Асад кон противниците, за којашто ќе се дискутира денеска. Дипломатите, меѓутоа, сметаат дека е многу поверојатно членовите на Советот за безбедност да се договорат околу заедничките соопштенија без предупредување за акциите на ОН кои би можеле да следат. Русија и Кина, двете членки на Советот за безбедност со право на вето, се заканија дека ќе го блокираат обидот да се усвои резолуција. Бразил, Индија, и Јужна Африка, исто така се изјасниле против усвојување на резолуција или соопштенија. Пред состанокот, американската државна секретарка, Хилари Клинтон издаде соопштение во кое ги повикува повторно да размислат и побара од „меѓународната заедница да се обедини во поддршката на народот во Сирија во ова критично време“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД: Ќе го блокираме полноправното членство на Палестина во ОН, тие треба да преговараат со Израел
САД ќе гласаат против палестинската кандидатура за полноправно членство во Обединетите нации и ќе ја блокираат светската организација да признае палестинска држава.
„САД продолжуваат да тврдат дека најбрзиот пат до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори со Израел и палестинската управа со поддршка на САД и други партнери“, рече американскиот претставник.
Планирано е 15-члениот совет да гласа за нацрт-резолуцијата со која се препорачува на Генералното собрание на ОН од 193 држави „Државата Палестина да биде примена во членство во ОН“.
За да усвои резолуцијата, потребни се најмалку девет гласа и никакво вето од САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина. Дипломатите проценуваат дека резолуцијата би можела да собере 13 гласа, што би ги принудило САД да стават вето.
„Одамна јасно ставивме до знаење дека предвремените акции во Њујорк, дури и ако се во најдобар интерес, нема да резултираат со државност за палестинскиот народ“, рече американскиот функционер. Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач не-членка, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година.
Меѓутоа, барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа од најмалку две третини од членовите на Генералното собрание. Засилените напори на Палестина за полноправно членство дојдоа шест месеци по масакрот на Хамас во јужен Израел и војната во Појасот Газа по започнувањето на израелската офанзива и проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека „повеќе од кога било, неопходно е да се поддржат напорите со добра волја за воспоставување траен мир меѓу Израел и независна, одржлива и суверена палестинска држава“.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.