Свет
Јапонците се уште се борат со радијацијата
Јапонскиот премиер Наото Кан денеска положи венец со жолто цвеќе во Меморијалниот парк на мирот во Хирошима, по повод 66-годишнината од нападот во кој што САД на денешен ден 1945 година фрлиле атомска бомба
Јапонскиот премиер Наото Кан денеска положи венец со жолто цвеќе во Меморијалниот парк на мирот во Хирошима, по повод 66-годишнината од нападот во кој што САД на денешен ден 1945 година фрлиле атомска бомба на овој град.
Кан повтори колку е важно никогаш да не и се случат такви ужаси на Хирошима, град кој што и денеска ги преживува последиците од атомскиот напад, поради болестите предизвикани од изложеноста на радијација, кои се пренесуваат низ генерации. Насобраните граѓани денеска околу главите имаа будистички бројаници, а во знак на комеморацијата беа пуштени гулаби пред костурницата во Хирошима.
Јапонија се уште се бори со последиците од оштетувањата на неколку нуклеарни централи по катастрофалниот земјотрес во март оваа година. Најтешка е ситуацијата во централата Фукушима која после потресот претрпе најголеми оштетувања.
Бројните последователни потреси оневозможија санирање на ситуацијата, а јапонските власти и денеска се борат со зголеменото ниво на радијација, особено на североистокот на земјата, делот кој најмногу беше на удар на земјотресот.
Јапонскиот премиер говорејќи за хаваријата во Фукушима го повтори ветувањето дека земјата во иднина повеќе ќе се потпира на обновливи извори на енергија, а помалку на нуклеарна енергија.
„Јапонија, исто така, работи на тоа да ја ревидира својата енергетска политика од корен. Длабоко ми е жал поради вербата во безбедносниот мит за нуклеарната енергија“ порача Кан.
Градоначалникот на Хирошима, Казумик Мацуи не се заложи земјата да биде без нуклеарна енергија, но го повтори ветувањето дека ќе се залага за свет без атомско вооружување.
Тој меѓутоа укажа на тоа дека довербата на луѓето во безбедноста на нуклеарната енергија е разнишано.
„Некои тежнеат по одрекувањето од нуклеарната енергија, уверени дека човештвото не може да постои заедно со него, додека други бараат строги прописи за користење на нуклеарна енергија и поголемо потпирање на обновливите извори на енергија“ порача Мацуи.
Првиот напад со атомска бомба во историјата беше одбележан ноќеска нешто после полноќ по средно европско време, со едноминутно молчење, во моментот кога бомбата на 6 август падна на Хирошима, три дена пред САД да фрлат иста бомба на Нагасаки.
Во напaдите беа скоро потполно уништени овие два града, а беа убиени повеќе од 200.000 лица. Голем број луѓе умреа по нападите поради изложеноста на радијација.
Нападите ја забрзаа капитулацијата на Јапонија и официјалниот крај на Втората светска војна, на 2 септември 1945 година./крај/бл/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Почина Џо Либерман, долгогодишен демократски сенатор во американскиот Конгрес
Џо Либерман, долгогодишен демократски сенатор во американскиот Конгрес од државата Конектикат и поранешен кандидат за потпретседател на САД, почина во средата на 82-годишна возраст.
Семејството на политичарот соопшти дека Либерман починал поради компликации предизвикани од падот, пренесува американскиот портал Политико.
Тој беше првиот еврејски кандидат на гласачкото ливче на големите американски партии, во 2000 година со претседателскиот кандидат Ал Гор.
Едно од неговите најголеми наследства е учеството во формирањето на Министерството за внатрешна безбедност по терористичките напади од 11 септември 2001 година.
Подоцна, во 2004 година, тој неуспешно се обиде да стане претседателски кандидат на Демократската партија, бидејќи демократите го сметаа за „премногу близок со републиканците“, според Политико.
Од политиката се повлече во 2012 година, а последен пат се врати во 2023 година како претставник на организацијата „Без етикети“, која на Американците требаше да им обезбеди трета опција, покрај Републиканската и Демократската партија.
Свет
Дупка од 10 метри голтна автомобили во Рим, полицијата ја затвори улицата
Бездна длабока и широка околу 10 метри проголта два автомобили среде ноќ во Рим, поради што интервенираше полицијата.
Инцидентот се случил околу еден часот по полноќ, а две возила, Дачија и Рено, завршиле во дупка, пренесува Телеграф.
Полицијата веднаш реагирала, ја затворила улицата и го обезбедила просторот, јавуваат италијанските медиуми.
Се уште не се знае зошто се урнал асфалтот.
Не се знае дали има повредени во инцидентот.
Свет
Ниту блиски пријатели не знаеја за дијагнозата на Кејт Мидлтон: Тоа беше огромен шок
Минатата недела британската принцеза Кејт Мидлтон го шокираше светот со објавата дека има рак, а се чини дека ниту нејзините блиски пријатели не знаеле ништо за нејзината здравствена состојба.
„Тоа беше огромен шок. Само многу тесен круг на луѓе знаеја што се случува”, изјави неименуван пријател на принцезата за „People“.
Во видеото кое го шокираше светот на 22 март, принцезата Кејт откри дека и бил дијагностициран рак и дека е на хемотерапија. Кејт зборуваше за тоа како дијагнозата првично била чувана во тајност за „благосостојбата на нивното младо семејство“, а гласот и „пукнал“ кога ги спомнала своите деца – принцот Џорџ, принцезата Шарлот и принцот Луис.
„Добро сум и секој ден станувам посилна со тоа што се фокусирам на работите кои ќе ми помогнат да заздравам – во мојот ум, тело и дух. Во овој момент мислам на сите оние чии животи биле погодени од рак. На сите кои се справуваат со оваа болест, во која било форма, ве молиме да не губат верба и надеж. Не сте сами“, вели таа во видеото.
Зад сцената, принцезата од Велс презеде чекори за да му даде приоритет на своето здравје, но таа не беше во целосна изолација. И таа и принцот Вилијам беа видени на спортски настани во последниве недели – на 16 март, парот беше фотографиран заедно како трчаат во фармата во Виндзор.
„Многу е важно да се забавуваат заедно кога можат. Станува збор за нејзиното чувство на поддршка. Воопшто не се чувствува изолирано”, рекол семеен пријател.
Во деновите по објавата на Кејт, таа и Вилијам се фокусираа на своите деца, кои моментално се на велигденски празници. Петчленото семејство ќе ја прескокне традицијата и нема да присуствува на кралската велигденска служба во капелата Свети Џорџ во замокот Виндзор и наместо тоа ќе го помине долгиот викенд приватно дома.