Свет
Откриени честички што го забавуваат глобалното затоплување
Нова студија покажа дека мали елементи во стратосферата имаат поголемо влијание одошто се мислело.
Нова студија покажа дека мали елементи во стратосферата имаат поголемо влијание одошто се мислело. Предвидување на идните климатски случувања отсекогаш било енигма, но за денешните научници, едно е сигурно – атмосферскиот воздух станува претопол. Глобалните просечни температури континуирано растат изминатиов век, главно заради се` поголемата концентрација на јаглерод диоксид и други штетни издувни гасови. Но, Џон Даниел научник од Администрацијата за океански и атмосферски промени со седиште во Колорадо, вели дека при потемелен преглед на податоците изминатава деценија е откриена аномалија.
„Се чини дека од 2001-та наваму, глобалните просечни температури престанаа да растат со толку брзо темпо, како деценијата пред тоа“, вели тој.
Тоа значи дека Земјата и натаму се затоплува, но со побавно темпо од очекуваното. Даниел додава дека ниту научниците за климатски промени, ниту компјутерските програми успеале да го предвидат ова забавување. Затоа, заедно со тим од САД и Франција, овој експерт почнал да проучува процеси што можат да го опишат овој тренд.
„Забележавме и дека доколку се анализираат сателитските податоци, видливо е дека бројот на таканаречените аеро-честички во стратосферата се зголемувал во овој период. Многу експерти, особено по 2000-та година го занемарувале влијанието на овие честички“, изјави Даниел.
Познати ни се штетните аеро-честички, како оние од фабриките и автомобилите, на ниска надморска височина, што го предизвикуваат градскиот смог. Но, Даниел додава дека честичките на висока надморска височина всушност ја ладат земјината топка.
Причината за тоа е што тие ја одвраќаат сончевата светлина кон вселената, која во спротивно би се насочила на земјата. Експертите, како Даниел се согласни дека и по многубројни испитувања, сепак е тешко да се одговори од каде доаѓаат овие аеро-честички. Некои научници сугерираат дека изворот може да бидат помали, но попостојани вулкански ерупции. Други пак велат дека трендот се должи на испуштање на сулфур од индустриски објекти.
Повеќето научници се согласни дека најдобар начин за справување со глобалното затоплување не е да се измислат контрамерки. Напротив, најдобар начин, велат тие, е да се пронајдат обновливи извори на енергија, за да има помала зависност од фосилните горива богати со јаглерод и да се избегне барем дел од очекуваното затоплување наредните неколку децении. крај/воа/јв
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Никола Роквиќ тргна пеш на пат долг 1.150 километри на хумана мисија
Никола Роквиќ пеш тргна кон Грција и треба да помине 1.150 километри, а сето тоа во хуманитарна мисија.
Тој и неговата сопруга Бојана неодамна ја основаа „Фондација за семејство“, а за да им помогне на оние на кои им е потребна помош, реши да направи неверојатен чекор достоен за восхит.
Треба да стигне до Егина, каде што ќе се поклони на Свети Нектариј Егински. Пред заминувањето тој со семејството ја посети црквата Свети Сава каде се помоли.
„По овој пат решив да тргнам од љубов кон луѓето и се надевам дека ќе биде за радост на многумина, се надевам дека ќе биде за радост на многумина, се надевам дека ќе биде за помош на многумина. Првенствено да помогнам на многу семејства, на многу деца, но најважно да им помогнам на болните деца, поради што во голема мера го започнав ова патување. Започнавме фондација која ќе му помага на семејството, која ќе помага на талентирани деца, на многудетно семејство, но и на болни деца“, изјави Никола во храмот Свети Сава за „Телеграф“.
Никола последниве месеци се подготвуваше за овој потфат со големи планинарски тури.
Европа
Русија: Ќе ги таргетираме украинските магацини во кои се доставува западното оружје
Русија ќе ги интензивира нападите врз украинските бази за складирање во кои е сместено оружјето доставено од Запад, изјави денеска министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, а Соединетите Држави се подготвуваат да одобрат и достават долго одложувана нова воена помош.
Шојгу рече дека Русија „го отфрли митот за супериорноста на западното оружје“ и дека нејзините сили презеле иницијатива на фронтот долг 1.000 километри.
Тој алудира на фактот дека в сабота, по гласањето во Претставничкиот дом, Вашингтон е подготвен да достави нов пакет воена помош за Украина, вреден речиси 61 милијарда долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев набргу ќе добие повеќе ракетни системи со долг дострел ATACMS како дел од ветениот пакет. Американските власти рекоа дека помошта ќе вклучува испорака на муниција и пресретнувачи за системи за противвоздушна одбрана за Украина.
„Со оглед на заканите од САД и нивните сојузници, ние мора да продолжиме да ги подобруваме составот и структурата на вооружените сили и да го зголемиме производството на најпопуларното оружје и воена опрема“, рече Шојгу додавајќи дека руските сили „ќе го зголемат интензитетот на нападите врз логистичките центри и базите за складирање на западното оружје“.
Рускиот министер за одбрана повтори дека Русија овој месец ги освоила селата Первомајске, Бохданивка и Новомихајливка.
Во понеделникот украинскиот командант го негира падот на Новомихајливка велејќи дека неговите војници сè уште држат 15- 20 отсто од селото.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските маринци, кои учествувале во заземањето на Новомихајливка, заробиле оружје од западно производство, вклучувајќи шведски фрлачи на гранати, американски противоклопни системи Javelin и системи за електронско војување на НАТО.
Европа
Првиот разузнавач на Германија: Русите се подготвени и за саботажа
Кинезите се активни во Германија во собирање информации за воената технологија, изјави за „Дојче веле“, Томас Халденванг, претседател на Сојузната канцеларија за заштита на Уставот, домашната разузнавачка служба на Германија.
Халденванг зборуваше за апсењето тројца германски државјани поради сомнение дека на Кинезите им откриле информации за нови технологии, кои може да се користат за воени цели.
„Ова е случај од особено значење. Се занимаваме со проширување на активностите, се работи за знаење за производство на оружје“, додаде тој.
Халденванг разговараше за „Дојче веле“ пред новото апсење во врска со наводното кинеско шпионирање. Во вторникот вечерта, помошник на европскиот претставник на Алтернатива за Германија (AfD) беше уапсен во Дрезден за давање информации на Кинезите.
Тоа беше само продолжение на шпионските игри во последно време. Претходно, двајца руско-германски државјани беа уапсени во Баварија под сомнение дека снимиле американски воени бази во Германија и подготвувале напад.
„Со години забележуваме дека Русија има развиено големи активности овде во Германија“, вели Халденванг. „Уште пред војната во Украина реков дека заканата е слична на онаа од времето на Студената војна“.
„Се разбира, сè беше интензивирано со рускиот напад врз Украина и мораме да разбереме дека Русија се занимава со шпионажа, сајбер-шпионажа, операции за влијание, дезинформации“, продолжи првиот човек на германската разузнавачка служба.
Според него, Германија е особено нападната како важен играч во воената и политичката поддршка за Украина. Украинските војници се обучуваат и во Германија.
Халденванг рече дека во екстремен случај рускиот репертоар вклучува саботажа. „Може да се смета дека витален интерес на Москва е да ја спречи или попречи испораката на оружје за Украина. А земја што е подготвена да води војна со најбрутални средства сигурно нема да се оддалечи од саботажа. Така и ние во Германија мораме да бидеме подготвени за тоа сценарио“.
Како што наведе, германските служби се во состојба на готовност и веќе на почетокот на војната во Украина прогласиле „голем број руски агенти“ за непожелни, што ги „ослабнало можностите на руските служби во Германија“.
Како што додаде Томас Халденванг за „Дојче вече“, исламистички групи и поединци се на радарот на службата поради можни терористички напади. Особено што летово претстојат два големи спортски настана: Европското фудбалско првенство во Германија и Олимписките игри во Париз.
„И на тоа поле нивото на закана е високо. Во моментот, иако не се познати конкретни планови за напад, апстрактната опасност е исклучително висока“, додаде тој.
Тој изјави дека особено Исламската држава Корасан, активна во Авганистан и Пакистан, се залага за голем, спектакуларен напад.
„Можеме да замислиме разни сценарија. Едно многу опасно е, на пример, тимови на напаѓачи да доаѓаат во Германија, можеби некои веќе дошле, а потоа да извршат напад како група“, рече Халденванг.
Други сценарија вклучуваат радикализација на поединци, додаде тој. Како една од новите причини за радикализација тој ги наведе ситуацијата во Појасот Газа и пропагандата на исламистичките групи, кои поттикнуваат поединци да вршат напади.