Свет
На руски Кавказ убиени 15 милитанти
Вкупно 15 лица се убиени во два одделни вооружени судири меѓу руските безбедносни сили и милитантите во Кавкаскиот регион на Русија.
Вкупно 15 лица се убиени во два одделни вооружени судири меѓу руските безбедносни сили и милитантите во Кавкаскиот регион на Русија.Во руската република Дагестан во судир загинаа шест вооружени милитанти и двајца офицери на руските безбедносни сили, а според руските медиуми, уште седум милитанти се убиени во Чеченија во средата.Спорадични напади и милитантни судири се честа појава во Русија, во републиките од Северен Кавказ, Чеченија, Дагестан и Ингушетија.Според рускиот Национален антитерористички комитет (НАК), половина од сите терористички напади во Северен Кавказ од 2010 година наваму се случиле во Дагестан.Русија се обидува да ги уништи милитантните групи во Северен Кавказ, додека истовремено спроведува програми за заживување на локалната економија. Кремљ ја заврши својата еднодецениска кампања против сепаратистите во Чеченија во 2009 година каде од 1994 година се регистрирани на сите страни вкупно 250 илјади жртви, но сé уште се бори против преостанатите милитантни групи кои не прифаќаат примирје во Чеченија и околните републики. Од 2010 г. на територијата на Северен Кавказ, забележано е значително зголемување на активностите на милитантите. Руските севернокавкаски републики, а особено Дагестан, Чеченија и Ингушетија, се соочени со драматичен пораст на активностите на милитантите, при што напади на полициските и федералните службеници се пријавуваат речиси секојдневно.Минатата година за разлика од 2009 г. стопроцентно беше зголемен бројот на терористички напади. Руските федерални полициски сили одговорија на тоа со елиминација на повеќе од 300 милитанти. Притоа запленети се преку 1.665 огнени оружја, 1.200 килограми експлозив, како и 110 експлозивни направи. Меѓу убиените бунтовници, 16 се повидни лидери на милитантите, а спречени се 58 терористички дејствија./крај/рн/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сандерс: Израел има за цел да ги елиминира Палестинците, а не Хамас
Американскиот сенатор Берни Сандерс рече дека она што Израел го прави во Појасот Газа повеќе не е војна против Исламското движење на отпорот Хамас, туку елиминација на животното ткиво на Палестинците.
Во говорот пред Конгресот за одобрување на странска помош, вклучително и безбедносна помош за Израел, Сандерс додаде дека она што се случува во Појасот Газа не е несреќа или воена грешка, туку пресметана политика која систематски се спроведува шест месеци.
Тој посочи дека е невозможно да се погледнат сите овие факти и да не се заклучи дека политиката на израелската влада е насочена да го направи Појасот Газа неподобен за живот, а тоа всушност и се случува.
Американскиот сенатор го критикуваше и американското соучесништво во војната во Појасот Газа и рече дека војната во Газа се гледа како израелско-американска војна.
Тој објасни дека „поголемиот дел од бомбите и воената опрема што ги користи Израел во војната во Појасот Газа ги обезбедува нашата земја со парите на американските даночни обврзници“.
Тој посочи дека САД и даваат милијарди долари на владата на Бенјамин Нетанјаху, која ги затвора границите на Појасот Газа и спречува храна и медицински материјали да стигнат до оние на кои им е потребна.
Сандерс рече дека Израел систематски го уништувал здравствениот систем во Појасот Газа, а од вкупно 37 болници уништил 26 од нив, кои се целосно вон функција, додека останатите само делумно работат.
Сандерс, независен член на Сенатот, рече дека ќе воведе законски амандмани за намалување на милијардите од воената помош за Израел, нагласувајќи дека САД не можат да продолжат да ја финансираат оваа „страшна војна“ во Појасот Газа.
Свет
Бајден го потпиша законот: „Тик-ток“ има една година да најде нов сопственик или ќе биде целосно забранет во Америка
Американскиот претседател Џо Бајден потпиша закон што може да доведе до целосна забрана на „Тик-ток“ во САД, доколку „ByteDance“, кој е сопственик на „Тик-ток“, не го продаде својот удел во компанијата во рок од една година.
Портпаролот на „Тик-ток“, Алекс Хаурек, рече дека планираат да го оспорат овој закон на суд, што би можело дополнително да ги одложи роковите, доколку судот одлучи да го одложи спроведувањето на законот до конечната судска одлука.
Исто така, се поставува прашањето како Кина ќе реагира на оваа ситуација и дали ќе дозволи „ByteDance“ да го продава „Тик-ток“, а особено неговиот алгоритам кој ги задржува корисниците заинтересирани за апликацијата.
Директорот на „Тик-ток“, во видео порака го изразува своето незадоволство посочувајќи дека станува збор за потенцијална забрана која ќе влијае на корисниците на апликацијата и нивната слобода на говор.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.