Свет
Деветмина загинати во операции на сириската армија
За време на заедничката операција на сириската војска и безбедносните сили во различни градови на Сирија во последниве неколку дена загинале девет луѓе, соопшти денеска катарската телевизија Al Jazeera
За време на заедничката операција на сириската војска и безбедносните сили во различни градови на Сирија во последниве неколку дена загинале девет луѓе, соопшти денеска катарската телевизија Al Jazeera повикувајќи се на организацијата за заштита на човековите права „Координативниот совет на сириската револуција“ .Владините сили со поддршка на тенкови под опсада држат некои реони на градовите, Ал-Бумал во источниот дел од Сирија, од главниот град Дамаск, Хомс, Деир ал-Зор, како и некои населени места во провинциите Идлиб и Хама.Во градот Ар-Растан во провинцијата Хама биле убиени три лица, две загинале во градот Хомс, каде што биле пронајдени и пет тела коишто тешко може да се идентификуваат Според последните информации во текот на обновените операции на сириските безбедносни сили и армијата во Хомс, загинале најмалку четири луѓе. Истоимениот град во провинцијата Хама, 210 километри северно од сириската престолнина Дамаск, како и градот Деир ал-Зор, се едни од центрите на протестите против режимот на претседателот Башар ал-Асад во источна Сирија. Градот Хама е историски симбол од 1982 година, кога 20 илјади луѓе загинаа по бруталното задушување на протестите на „Муслиманското братство“ за време на владеењето на Хафез Асад, татко на сегашниот претседател Башар ал-Асад. Сириските власти и натаму тврдат дека бунтот од 15-ти март го почнале „вооружени терористички банди кои се надвор од земјата“ и дека во судирите со нив досега се убиени повеќе од 500 припадници на сириската полиција и на војската. Опозицијата во Сирија тврди дека од почетокот на протестите во Сирија се убиени нас 2.200 луѓе, илјадници се ранети и уапсени, а повеќе илјади луѓе ја напуштија Сирија, покажуваат податоците на невладините организации.Бунтот во Сирија започна во средината на март, откако во пограничниот град со Јордан, Дера’a беше уапсена група ученици кои испишувале анти-владини слогани по ѕидовите. Жителите на градот масовно излегоа на улиците барајќи ослободување на момчињата. Подоцна протести се одржаа и во неколку други региони на земјата,особено во градовите Латакија, Баниас, Хомс, Хама и во некои предградија од главниот град Дамаск.Асад се обиде да ги смири демонстрантите, укинувајќи ја 50-годишната вонредна состојба, но апсењата без налог продолжија и покрај укинувањето на таквиот закон. Протестите во Сирија продолжуват и покрај тоа што сириските власти објавија план за реформи, меѓу кои беше и укинувањето на воената состојба од страна на претседателот Башар ел-Асад од кого се бара итна оставка, воведена во 1963 г.Пред извесно време САД, ЕУ, Франција, Велика Британија, Германија и уште неколку држави го повикаа Асад да се повлече од власта./крај/аџ/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Лавров: Украинскиот план е бесмислен, вклучува повлекување на нашата армија од освоените територии
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека мировниот план предложен од Украина е бесмислен бидејќи се заснова на неприфатливи идеи како што е повлекувањето на Москва од териториите што ги окупирала.
Во интервју за московскиот весник „Известија“, Лавров рече дека мировниот самит предложен од Украина нема да успее додека не се променат неговите основни постулати, вклучително и тоа дека на него треба да биде дозволено учество на Русија.
„Во секој случај, ние сме подготвени да разговараме, но не врз основа на „мирната формула“ на Зеленски“, рече Лавров.
Тој, исто така, се прашуваше како некој сериозен политичар во Вашингтон, Брисел, Лондон, Париз или Берлин „може да каже дека нема алтернатива за формулата на Зеленски“.
Лавров ги отфрли како неприфатливи одредбите од украинскиот мировен план, со кои, меѓу другото, се бара Русија да се повлече од териториите што ги окупираше, вклучувајќи го и Крим, анектиран во 2014 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски отфрла каква било помисла за преговори со Москва на која било основа освен мировен план, забележува Ројтерс.
Лавров рече дека се сретнал со официјални претставници и дипломати од Швајцарија кои го увериле дека мировниот самит, на кој Берн се согласи да биде домаќин, ќе ја вклучи Русија и ќе се одржи под „реални услови“.
„Ние разбираме дека ништо не може да се реши без вас, тоа е неправедно“, ги цитира Лавров зборовите на швајцарските претставници.
Регион
Двегодишното девојче кое исчезна во Србија се бара насекаде, полицијата врши распити на голем број лица
Потрагата по девојчето Данка Илиќ (2), кое во вторникот исчезна во Бањско поле во Бор, се уште трае и не се знае како е можно девојчето да се изгуби. Полицијата ја проверува секоја информација што ќе дојде до нив, сослушани се неколку лица, повторно се разговараше со родителите, но ниту една информација не укажува на тоа што се случило и каде е Данка, пишува „Нова.рс“
Екипата на порталот денеска беше во Бањско поле каде се уште има голем број полицајци. Властите со багер го чистеа теренот околу куќата во која последен пат била видена Данка. Исто така, на имотот е извршено ископување, а јамите повторно се пребаруваат.
Полицијата ја истражува секоја трага што може да укаже на тоа што се случило со девојчето.
„Полицијата разговараше со голем број луѓе, соседи, познаници, се со цел да ја пронајде Данка. Досега ниту една трага не довела до тоа каде е девојчето или што и се случило“, вели изворот на Нова.рс.
Истрагата се одвива во повеќе правци, а денеска полицијата повторно разговараше со родителите на девојчето.
„На вториот ден од нејзиното исчезнување, родителите на девојчето биле во полиција до доцна во ноќта. Тие утрово биле повторно повикани, а исто така цел ден поминале во полициска станица. Не се познати околностите врз основа на кои два дена биле на распит. Извесно е дека родителите вчера имале разговори и со Центарот за социјална работа, а повеќе од тоа не се знае“, додава изворот на „Нова.рс“.
Неофицијално беше објавено и дека полицијата нашла нова трага, односно дупка на местото на кое исчезна девојчето, и дека целото внимание го насочува кон тоа.
Она што е сигурно е дека се проверуваат сите околности и се сослушуваат и сите лица кои можеби имаат сознанија за случајот.
Меѓу нив е и кој бил зад воланот на автомобилот „пунто“ што го снимиле надзорните камери на куќата во Бањско Поље, во моментот на исчезнувањето на малата Данка. Куќата пред која е снимен автомобилот се наоѓа на стотина метри од местото каде исчезна Данка.
На снимката се гледа автомобил кој брза околу 13 часот и 47 минути, а малото девојче исчезнало малку пред тоа, околу 13 часот и 45 минути, како што вели нејзината мајка.
„Ја знам таа жена, ја видов како носи две деца во парк, страшно е што се случи“, велат соседите.
Девојчето Данка Илиќ исчезна во вторникот во Бањско Поље кај Бор. Во средата по 27 часот полицијата ја прекина потрагата и започна друг вид на акција за пронаоѓање на детето. Во ова мало место кај Бор се уште остана одреден број полицајци, а вчера беше блокиран и пристапот до куќата.
Во потрагата по исчезнатото дете се вклучени припадници на Жандармеријата, пожарникари, планинска спасувачка служба, како и голем број доброволци.
Регион
„Само се шалевме“ – уапсените поради тврдењата за исчезнатото девојче се донесени во полиција
Тројцата кои беа уапсени во Босна и Хервеговина, а тврдеа дека имаат информации за исчезнатото девојче од Србија, Данка Илиќ и бараа пари, во полиција рекле дека „само се шегувале“, пренесува Н1 Сараево.
Федералната полициска управа вечерва уапси три лица кои на социјалните мрежи тврдеа дека имаат информации за исчезнувањето на двегодишното девојче од Србија, Данка Илиќ, по коешто трага речиси целиот регион.
Како што јави известувачот на Н1, уапсените биле донесени во зградата на Федералната полициска управа.
Како што се дознава, за време на преносот во живо на „Тик-ток“, тие побарале десетици евра за да ја откријат локацијата на девојчето и тврделе дека ја чуваат во подрумот.
Веднаш по апсењето изјавиле дека „само се шегувале“. Сите уапсени се членови на исто семејство.
Инспекторите на Одделот за компјутерски криминал на Федералната полициска управа преку ИП адресата ги лоцираше лицата кои тврделе дека имаат информации за исчезнувањето на детето.
Вчера на социјалните мрежи се појави видео од надзорната камера на куќа лоцирана во близина на местото каде исчезна Данка Илиќ во 13:45 часот.
На видеото се гледа автомобил кој брза во 13 часот и 47 минути, а малото девојче исчезнало малку пред тоа, односно во 13 часот и 45 минути, како што рекла нејзината мајка.