Свет
По една година затвор за Оливер Петров и Никола Митревски
Оливер Петров и Никола Митревски, обвинети за случајот на 2 јануари кога на паркинг-просторот кај Млечниот ресторан со повеќе истрели беше ранет Александар Верушевски, со одлука на Судскиот совет на Основниот суд Скопје 1 се осудени на една година затвор.
Заврши процесот за ранувањето на Александар Верушевски
Судскиот совет донесе и решение за ослободување од натамошно издржување на мерката притвор
Оливер Петров и Никола Митревски, обвинети за случајот на 2 јануари кога на паркинг-просторот кај Млечниот ресторан со повеќе истрели беше ранет Александар Верушевски, со одлука на Судскиот совет на Основниот суд Скопје 1 се осудени на една година затвор. Иако се осудени, Петров и Митревски беа ослободени од натамошно издржување на мерката притвор.
На почетокот на вчерашно рочиште не дојде Верушевски и покрај тоа што требаше да биде стражарно спроведен од МВР. На ова реагираше адвокатката Лорија Ваневска, која рече дека обвинетите непотребно, повеќе од два месеца седат во притвор, а оштетениот не доаѓа. На предлогот од застапникот на обвинението дека судот може да пристапи кон читање на исказот на Верушевски, реагираше адвокатката Ваневска, која рече дека такво нешто не може да се направи оти тој дал два исказа кои, според неа, се контрадикторни. И додека траеја овие спорења, со задоцнување од 15-тина минути, во судницата се појави оштетениот Александар, во придружба на својот татко Зоран Верушевски.
Верушевски, по инсистирање на судот, рече дека го познава Оливер Петров и Александар Василевски-Нинџа, но не и Никола Митревски. Тој тврдеше дека Петров пукал во него со автоматски пиштол “шкорпионни и тоа додека бил во автомобилот.
Адвокатката Ваневска бараше на оштетениот да му се предочи исказот на Марјан Анреев каде што тој тврди дека Верушевски имал голем црн пиштол што сведокот му го предал на лицето со прекар Роки. Верушевски рече дека Роки е поранешен командант на ОВК, кој издржува затворска казна. Барањето на бранителката на Митревски, Билјана Јандриоска, да се изврши соочување на нејзиниот клиент и оштетениот беше одбиено од судот. По сведочењето на Верушевски, бранителката на Оливер Петров приговори на целокупниот негов исказ и се пристапи кон распит на уште двајца сведоци кои остануваат на досега кажаното. Во својот завршен збор заменик-обвинителот рече дека средбата меѓу оштетениот и Василевски била искористена за смислен напад и оти нивната одбрана е исконструирана, а дека во тоа им помогнал и сведокот Андреев. Лорија Ваневска рече дека Верушевски пукал од револвер и затоа нема чаури од неговото оружје. Таа се осврна на ликот на младиот Верушевски за кого рече дека е крајно дрска личност. Со слични тврдења настапи и бранителот на Митревски, Билјана Јандриоска, и додаде дека вештачењето потврдува дека се пукало од три оружја, а на судењето се јавува само пиштолот на нејзиниот штитеник кој, во прво време бил сведок во постапка, а дури потоа станал обвинет.
Оливер Петров рече дека не се чувствува виновен, бидејќи бил нападнат од, како што рече, непресметлива личност, а Никола Митревски изјави дека совеста му е чиста. (Љ.С.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД: Ќе го блокираме полноправното членство на Палестина во ОН, тие треба да преговараат со Израел
САД ќе гласаат против палестинската кандидатура за полноправно членство во Обединетите нации и ќе ја блокираат светската организација да признае палестинска држава.
„САД продолжуваат да тврдат дека најбрзиот пат до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори со Израел и палестинската управа со поддршка на САД и други партнери“, рече американскиот претставник.
Планирано е 15-члениот совет да гласа за нацрт-резолуцијата со која се препорачува на Генералното собрание на ОН од 193 држави „Државата Палестина да биде примена во членство во ОН“.
За да усвои резолуцијата, потребни се најмалку девет гласа и никакво вето од САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина. Дипломатите проценуваат дека резолуцијата би можела да собере 13 гласа, што би ги принудило САД да стават вето.
„Одамна јасно ставивме до знаење дека предвремените акции во Њујорк, дури и ако се во најдобар интерес, нема да резултираат со државност за палестинскиот народ“, рече американскиот функционер. Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач не-членка, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година.
Меѓутоа, барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа од најмалку две третини од членовите на Генералното собрание. Засилените напори на Палестина за полноправно членство дојдоа шест месеци по масакрот на Хамас во јужен Израел и војната во Појасот Газа по започнувањето на израелската офанзива и проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека „повеќе од кога било, неопходно е да се поддржат напорите со добра волја за воспоставување траен мир меѓу Израел и независна, одржлива и суверена палестинска држава“.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.