Свет
Повеќе од 90 загинати во експлозија во Јемен
Најмалку 96 луѓе, меѓу кои и многу војници, се убиени во бомашки напад извршен во јеменската престолнина Сана’а.
Бомбашкиот напад во понеделникот беше извршен на плоштадот Сабин во главниот град, кога баталјон на јеменската војска вршела генерална проба за парадата на армијата со којашто треба да се одбележи 22-годишнината од обединувањето на Северен и Јужен Јемен.
Нападот во Сана’а е изведен два дена откако јеменски воени официјални лица изјавија дека две лица се убиени во напад на американско беспилотно летало во централната провинција Бајда на 19-ти мај.
Бомбашкиот напад во понеделникот е најкрвавиот во Јемен, откако новиот претседател Абдрабух Мансур Хади ја презеде власта во февруари годинава.
Новиот јеменски претседател кој има чин фелдмаршал а воена академија завршил во Велика Британија, ја положи заклетвата на 25-ти февруари, откако беше единствениот кандидат на претседателските избори, кои беа поддржани од страна на САД и Саудиска Арабија.
Досегашниот претседател Али Абдула Салех кој беше на власт е веќе 33 години, во замена за отстапување од функцијата доби целосен имунитет од секаков судски прогон.
Претседателот Салех кон крајот на октомври минатата година изјави дека постои „сеопфатна документација за соработката меѓу Ал Каеда и Муслиманското братство, којашто упатува на дестабилизација на земјата и воен удар“. Според него опозицијата ја сочинуваа „пореметени луѓе кои не можат да спијата туку само ја посакуваат власта“.
Осиромашената земја во којашто истовремено режимските сили се борат и со ќелии на терористичката глобална мрежа Ал Каеда, од јануари 2011 година е потресувана од речиси секојдневни масовни протести, со кои се бараше оставка на режимот на Салех, како и ставање крај на корупцијата и невработеноста.Речиси 40 отсто од населението на Јемен опстојува со приход од два американски долара на ден или помалку, а една третина се бори со хроничен глад.
Салех стана претседател на Северен Јемен во 1978 гoдина по повторното обединување на Северен и Јужен Јемен во 1990 година, застанувајќи на чело на новоформираната унитарна Република Јемен./крај/афп/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.
Европа
Столтенберг: НАТО работи на испорака на повеќе „Патриоти“ во Украина
НАТО работи на испраќање повеќе системи за противвоздушна одбрана во Украина, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг, додавајќи дека доцнењето во обезбедувањето таква помош им наштетува на напорите на Киев да се спротивстави на руските напади.
„Собравме податоци за различните системи за противвоздушна одбрана што ги имаме во НАТО и се фокусиравме на системите „Патриот“. И ние работиме со сојузниците за да се осигураме дека тие прераспоредуваат некои од нивните системи во Украина“, изјави тој за новинарите на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Италија.
„Работиме на можноста за испорака на повеќе батерии „Патриот“ за Украина. Водиме дијалог со некои земји“, рече Столтенберг, нарекувајќи го снабдувањето на „Патриотите“ „критично“, бидејќи тоа е најнапредниот одбранбен систем на кој алијансата може да смета.
Столтенберг рече дека други одбранбени системи, вклучително и ракетниот систем земја-воздух НАСАМС, може да и бидат доставени на Украина. Тој додаде дека состанокот на Советот НАТО-Украина ќе се одржи утре и дека се очекува виртуелно да учествува украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Охрабрен сум од посветеноста и одлучноста на сојузниците во НАТО да застанат во одбрана на Украина“, им рече тој на новинарите, додавајќи дека има охрабрувачки знаци дека американскиот Конгрес наскоро би можел да го отклучи пакетот помош од 60,84 милијарди долари за Украина.