Свет
Нови четири жртви во судирите во Либан
Четири лица се убиени ноќта кон недела во северен Либан, во судир меѓу поддржувачите и противниците на сирискиот режим, со што бројот на загинатите во дводневните судири се искачи на 14, и покрај силното присуство на војници, во градот Триполи.
Размената на огнот „беше многу жестока во текот на изминатата ноќ, при што четири лица смртно настрадаа“ во Триполи, па сега вкупниот број мртви во судирите коишто избувнаа во саботата пред мугрите се искачи на 14 загинати и 48 ранети, истакнал припадник на либанските безбедносни сили за AFP.
Населението од населбата Џабал Мохсен во којашто живеат мнозинство алавити, фракција во шиитскиот ислам, на којашто ѝ припаѓа и сирискиот претседател Башар ал-Асад, се судира со жителите од соседната населба Баб ал-Табанех во којашто живеат претежно сунитски муслимани коишто ја поддржуваат сириската опозиција.
Ова не е првпат во Триполи да избувнат секташки судири, коишто повремено се случуваат како рефлексија на случувањата во Сирија, каде од март минатата година започнаа антивладините протести со барање да си замине од власт претседателот Башар ал-Асад, а по обидот тие да бидат разбиени со употреба на безбедносните сили се претворија во вооружен конфликт.
Последен пат во секташките судири во Триполи кон крајот на мај загинаа осум лица. Тогаш причина за конфликтот беше апсењето на еден исламист кој давал логистика на членови на сириската опозиција.
Друг инцидент се случи минатиот месец откако либанската војска застрела сунитски имам и уште еден следбеник на движењето, коишто демонстрирале против владата на Сирија.
Насилствата во Либан го одразуваат големиот раскол меѓу главните политички сили во Либан, каде што опозицијата ја поддржува „сириската револуција“, а владејачката коалиција предводена од движењето Хезболах го поддржува официјален Дамаск. Судирите избувнаа во градовите Триполи и Бејрут меѓу приврзаниците на сирискиот претседател ал-Асад, односно меѓу муслиманските фракции на сунитите и алавитите. Се стравува дека така насилството може да се пресели и во соседен Либан кој последните 30 години беше под сириски патронат./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Емануел Макрон: Постои ризик Европа да умре
Францускиот претседател Емануел Макрон за време на говорот на Универзитетот „Сорбона“ во Париз изјави дека постои ризик Европа да умре.
Макрон истакна дека битката за изградба на силна Европа е далеку од завршена и ризикува да заостане зад светските ривали во наредната деценија, пренесува „Ројтерс“.
Европа, како што оцени Макрон, е на пресвртна точка и мора да стори повеќе за да се натпреварува со забрзаното вооружување на своите глобални ривали.
Свет
Хамас: Ќе станеме политичка партија ако се формира палестинска држава
Заменик-претседателот на политбирото на Хамас за Газа, Калил ал-Хаја, рече дека палестинската милитантна група е подготвена да се договори за петгодишно примирје со Израел и да се претвори во политичка партија доколку се формира палестинска држава со границите од 1976 година.
Ал Хаја, претставник на Хамас во преговорите за прекин на огнот и враќање на заложниците, рече дека групата ќе прифати „целосно суверена палестинска држава на Западниот брег и Појасот Газа и враќање на палестинските бегалци во согласност со меѓународните резолуции“.
Во интервју за „Асошиетед прес“ тој додаде дека во тој случај военото крило на Хамас ќе биде распуштено.
„Сите искуства на луѓето што се бореле против окупаторите, кога се осамостоија и ги освоија своите права и својата земја, се претворија во политички партии, а нивните борбени сили се претворија во национална армија“, рече тој.
Тој оцени дека долго најавуваната израелска копнена офанзива во градот Рафа нема да го победи Хамас.
Свет
Погодена железница во Украина, оштетен и облакодер: Русите нападнаа со моќниот „Искандер“
Руски проектил оштети критична инфраструктура и повреди шест лица во регионот Черкаси во централна Украина, изјави регионалниот гувернер.
Во нападот беше погодена цивилната и железничката инфраструктура во градот Смила, изјави портпаролот на украинските воздухопловни сили, Илја Јевлаш, во телевизиски пренос. Според првичните информации, во нападот бил употребен проектил „Искандер-К“, додаде Јевлаш.
Оштетени се и 47 приватни станбени згради и искршени се прозорци во станбена висококатница, објави на „Телеграм“ гувернерот на Черкаси, Ихор Табурец. Украинската воздушна одбрана ја собори воздушната цел, рече тој, додавајќи дека службите за итни случаи се на терен.
Руските сили претходно ја оштетија железничката инфраструктура во нападот на реонот на Днепар на 19 април, како што објавија украинските железници „Укрзализница“ на „Телеграм“.