Свет
Сирија потврди дека го урнала турскиот авион, Турција бара детална истрага
Сириската армија потврди дека нејзината воздушна одбрана во петокот го урнала турскиот борбен авион „над сириските територијални води“, по што Анкара побара детална истрага и најави дека по инцидентот ќе преземе„решителни чекори“ .
„Нашата воздушна одбрана, соочена со цел која навлезе во нашиот простор на територијалните води, го урна авионот. Се покажа дека станува збор за турски воен авион“, се наведува во изјавата на сириската армија што ја цитираше државната агенција SANA.
Сириските власти тврдат дека турскиот борбен авион од типот на американските ловци бомбардери „Ф-4Е“ кога бил соборен летал ниско и на оддалеченост од само еден километар од нејзиниот брег.
„Турција ќе го изнесе својот конечен став откако во целост ќе го расветли инцидентот ќе преземе решителни чекори“, соопшти канцеларијата на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, по двочасовниот итен состанок на кој покрај премиерот учествуваа и началникот на генералштабот на турските оружени сили, командантот на военото воздухопловство, министрите за надворешни и внатрешни работи и директорот на разузнавачката служба.
Кабинетот на Ердоган, исто така, наведе дека се подразбира дека турскиот авион е урнат од страна на Сирија.
Ердоган изјави во меѓувреме дека Турција и Сирија соработуваат во потрагата по двајцата исчезнати пилоти на авионот.
Генералштабот на турската армија во петокот соопшти дека турскиот авион борбени авиони „Ф-4 Фантом“, кој полетал од воздухопловната база Ерхач во провинцијата Малатија на југоисток, од земјата исчезнал од радарот по половина час по полетувањето во воздушниот простор на Средоземното Море на границата со Сирија, во провинцијата Хатај. Локалните медиуми подоцна објавија дека двата пилота биле пронајдени живи осум милји од брегот на Сирија, но оваа информација не е потврдена..
Меѓутоа како што пишуваат во саботата турските медиуми повикувајќи се на владини извори, Анкара може да се обрати и до меѓународните организации за формирање специјална комисија која ќе го истражи инцидентот со авионот.
Турски експерти, коментирајќи го инцидентот со авионот, го нарекоа „сериозен инцидент“ и не ја отфрлаат можноста дека Анкара ќе ги искористи можностите од меѓународното право да ги истражи причините за инцидентот кој може да го влоши веќе влошените односи на Анкара со Дамаск. Тие, исто така, веруваат дека Турција ќе го изложи инцидентот во Обединетите нации и НАТО, чијашто членка е.
„Фактот што е уништен наш авион претставува многу сериозна ситуација. Дури и ако нашиот авион го нарушил сирискиот воздушен простор, тоа не е причина да го соборат. Сирија не може да ја оправда својата постапка…“, изјави за турската телевизија NTV, поранешниот дипломат Онур Ојмен.
Во истиот контекст зборува и професорот од Универзитетот Бигли, Илтер Туран, кој истакнува дека „позицијата преземени од страна на Сирија, е непријателска, и таа не треба да се впушта во такви драстични акции против турските авиони“. „Следниот чекор кој треба да се преземе е да ги оствариме нашите права коишто произлегуваат од меѓународните норми“, вели професорот туран за NTV.
Друг реномиран турски правник од Универзитетот Едитепе, Месут Џашин, пак, изрази мислење дека Турција ќе треба од повика на формирање меѓународна комисија да го испита инцидентот во воздушниот простор на Сирија.
Во меѓувреме, не сите турски експерти се оптимисти на по темата за „правниот аспект“.
„Доколку турскиот авион го нарушил воздушниот простор на друга земја, во случајов на Сирија, ништо не може да се стори“, вели за NTV, еден од турските водечки експерти за меѓународно право, Јусеин Багџи.
„Инцидентот има неколку димензии: НАТО, САД и регионална. Развојот на настаните може да го истакне прашањето за можна операција на Турција против Сирија. Во однос на воена способност, тоа е можно, но ние не треба да заборавиме дека тоа ќе доведе до војна. Притоа неопходно е да се потсетиме дека повелбата на НАТО е одредба во која се наведува дека нападот врз една земја на НАТО е агресија против сите земји-членки на блокот“, нагласува турскиот експерт
Турција којашто тесно соработуваше со Сирија пред бунтот против сирискиот претседател Башар ал-Асад, се сврти против него откако го обвини дека насилно реагира на опозициските протести коишто беа поттикнати со превратите во другите арапски земји минатата година во ткн Арапска пролет. Сега Турција им дава политичка поддршка и засолниште на сириските опозициски групи, отвори кампови за илјадниците бегалци на границата со Сирија, а лани весникот Hurriyet пишуваше дури дека турските и француските специјалци ги обучувале припадниците на вооружената опозиција и воените дезертери за справување со сириските безбедносни сили./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Атина во густ облак од прашина и песок од Сахара
Главниот град на Грција, Атина, се најде во облак од прашина и песок од пустината Сахара и Северна Африка, феномен кој е проследен со особено високи температури.
Воздухот во градот треба да се подобри од утре наутро, велат метеоролозите.
„Во пролет март-април, циклоните, кои се движат кон исток по северноафриканскиот брег, носат прашина кон источен Медитеран. Типична песочна бура со дострел од 200 километри носи од 20 до 30 милиони тони прашина, понекогаш и до 100 милиони“, објаснува директорот на Грчката метеоролошка служба, Теодорос Колидас.
Главниот град често се наоѓа на патот на тие песочни бури, но оваа година беше проследен со особено високи температури поради што е речиси невозможно да се дише.
Во центарот на Атина на 27 март беа забележани 25,3 Целзиусови степени, што е рекорд од март 2009 година, а на Крит температурите достигнаа и до 32 степена, истакнаа од Грчката метеоролошка служба.
Сојузот на пулмолозите на Грција препорача најранливите групи население, особено луѓето што страдаат од астма, да избегнуваат „непотребни движења и спортови на отворено кога концентрациите на прашина се највисоки“.
„Африканската прашина носи честички кои може да се интегрираат со полен, бактерии и габи создавајќи многу токсична и опасна смеса за човечкото тело, а особено за респираторниот систем“, предупредува Сојузот.
Свет
Апсења во Пакистан по снимка во која брат ја убива сестрата, таткото гледал сè
Пакистанската полиција уапси татко и брат откога видеото од провинцијата Пенџаб, на кое брат ја дави својата сестра додека таткото гледа, стана вирална, соопштија официјални лица.
Настанот предизвика шок и бес во нацијата, која се бори со бранот насилство врз жените. 22-годишна девојка била убиена од својот брат додека таткото гледал, а непознато трето лице го снимило злосторството, изјави за ДПА претставникот на локалната полиција, Рана Акмал.
Инцидентот се случил во градот Тоба Тек Синг минатата недела. Семејството ја закопало жената тврдејќи дека умрела од колера.
И таткото и братот ѝ кажале на полицијата дека со години ја силувале жената и ја убиле за да го скријат своето злосторство, изјави полицискиот службеник Мохамед Имран.
Се спроведуваат рации за апсење на лицето, кое наводно го снимило злосторството.
Регион
Родителите на двегодишната Данка во полиција во Бор: мајката одбила полиграф
Родителите на исчезнатата двегодишна Данка Илиќ се донесени во полициската станица во Бор, објави „Телеграф.рс“.
Тие не се осомничени, но со нив се врши информативен разговор.
Ивана и Милош вчера дадоа исказ во присуство на Центарот за социјална работа.
Како што објави српски „Телеграф“, мајката го одбила полиграфскиот тест бидејќи е бремена.
„Девојчето Данка Илиќ сè уште не е пронајдено. Апелираме до сите луѓе да не објавуваат информации што не се проверени. Со тоа се нарушува и се загрозува истрагата, во која е инволвиран и Одделот за криминалистичка полиција“, изјавиле за „Телеграф.рс“ од српската полиција.