Свет
Хонг Конг погоден од силен тајфун
Хонг Конг беше погоден од силниот тајфун „Висенте“, кој донесе тешки дождови и ветришта, а по него многумина останаа повредени.
Во текот на ноќта, Хонг Конг беше погоден од тајфунот „Висенте“, оставајќи зад себе многумина повредени, стотици дрвја паднати, а многу летови се откажани или одложени.
Тајфунот „Висенте“ доцна во понеделникот го погоди Хонг Конг, а дуваше ветар со брзина од 140 км/ч, додека дождовите беа силни, јави „BBC“.
Узбуна од највисоко ниво 10, беше издадена прв пат по 13 години, но нивото беше намалено во вторник откако бурата помина.
Тргувањето на берзите привремено беше одложено во вторникот утрото, а се очекува да почне попладнево.
Тајфунот преку Хонг Конг замина кон западен Гуандонг, но метеоролозите предупредуваат дека ветровите се уште се силни.
Надлежните предупредија и дека авионските летови може подолго време да бидат одложени.
Од аеродромот известуваат дека од полноќ до 8 часот утрото по локално време, 60 летови биле откажани, 60 биле одложени а 16 пренасочени.
Повеќе од 100 луѓе, на возраст од четири до 86 години побарале лекарска помош, а најмалку 72 биле задржани на лекување.
Во некои области биле пријавени поплави, а стотици дрвја се паднати во текот на ноќта.
Локалната власт во Хонг Конг отвори 24 привремени засолништа каде 250 лица се заштитија од тајфунот./крај/bbc/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.