Свет
Најлоша суша во последните 50 години го погоди североистокот на Бразил
Североистокот на Бразил е погоден од најлошата суша во последните неколку децении која го загрози снабдувањето со електрична енергија од хидроцентралите.
Сушата ги уништи посевите, а добитокот угинува од глад. Уништени се околу 30 отсто од прозиводството на шеќер од шеќерна трска во тој регион, што чини 10 отсто од вкупното производство на шеќер во Бразил.
„Соочени сме со најлошата суша во последните 50 години, а нејзините последици можат да се споредат со силен земјотрес“, рече Едуардо Салес, задолжен за земјоделието во североисточната држава Бахиџи. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Тајмс оф Израел“: Америка ја прифати операцијата на Израел во Рафах, доколку Израел не го нападне Иран
Соединетите Американски Држави го прифатија планот на Израел за копнена операција во јужниот дел на Газа во градот Рафах во замена за неизвршување на голем напад врз Иран, пишува „Тајмс оф Израел“, повикувајќи се на неименуван египетски функционер.
„Американската администрација покажа дека го прифаќа планот што претходно го претстави окупаторската влада во врска со воената операција во Рафах, во замена за неизвршување голем напад врз Иран“, изјави неименуван египетски функционер за катарскиот медиум „Ал Араби ал Џадид“.
Тој додаде дека Египет се подготвува за можните последици од инвазијата на Рафах, каде, според израелските медиуми, се верува дека се наоѓаат четири баталјони на палестинската милитантна група Хамас и над милион цивили кои побегнале таму од другите делови на Појасот Газа, а се сомнева дека таму се и лидерите на Хамас и израелските заложници, пренесува Танјуг.
Израелскиот јавен сервис „Кан“ вчера објави, повикувајќи се на неименуван израелски функционер, дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го променил планот за одговор на нападот на Иран по разговорот со американскиот претседател Џозеф Бајден.
Неименуван израелски функционер појасни дека одговорот на Израел ќе се случи, но дека ќе биде поинаков од планираниот.
Ноќта меѓу саботата и неделата, Иран изврши напад врз Израел со беспилотни летала и балистички и крстаречки ракети како одмазда за нападот на иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април, за кој го обвини Израел.
Свет
Полскиот претседател приватно се сретна со Трамп во Њујорк: „Ме покани во неговиот стан“
Полскиот претседател, Анджеј Дуда, изјави дека за време на неговата денешна посета на Њујорк имал приватна средба со поранешниот шеф на американската држава и претседателски кандидат на Републиканската партија, Доналд Трамп.
Изборниот штаб на Трамп ги опиша двајцата мажи како „одлични пријатели“, се вели во соопштението за состанокот, во кое се додава дека разговарале за предлогот на Дуда земјите од НАТО да трошат најмалку три отсто од својот БДП за одбрана.
Дуда, чиј мандат истекува во 2025 година, беше еден од меѓународните партнери на Трамп кога тој беше претседател.
„Доналд Трамп ме покани во неговиот приватен стан, така да се каже. Ова е едноставно приватен состанок во врска со мојот престој овде во Њујорк“, изјави Дуда за новинарите во Њујорк.
Трамп, кому му се суди во Њујорк под обвинение дека го купил молкот на порнографската актерка Сторми Даниелс, е во тесна трка против демократскиот шеф на државата Џо Бајден пред претседателските избори во ноември.
Многу европски лидери веќе долго време се загрижени дека новиот мандат на Трамп може да значи намалување на американската поддршка за Украина, со која се граничи Полска, и за НАТО алијансата.
„Претседателот Трамп со задоволство се присети на неговата значајна посета на Полска во 2017 година и го пофали полскиот народ за цврстата одбрана на неговиот суверенитет и посветеноста на заштитата на европските граници од какви било и сите закани“, се вели во соопштението од изборниот штаб на Трамп.
Свет
Најмалку деветмина повредени во силниот земјотрес во Јапонија
Најмалку девет лица се повредени во земјотресот со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала што доцна во средата погоди широка област на западна Јапонија, а нема предупредување за цунами, јавија утринава јапонските медиуми.
Земјотресот во 23 часот и 14 минути по локално време беше почувствуван најсилно во префектурите Ехиме и Кочи во регионот Шикоку.
Официјални лица велат дека земјотресот бил со јапонска сеизмичка скала од нула до седум степени, што го прави најсилниот земјотрес во областа од воведувањето на сегашниот систем за мерење во 1996 година, според Јапонската метеоролошка агенција, пренесува Кјодо.
Според локалните власти и противпожарните служби, шест лица во префектурата Ехиме и едно лице во префектурата Кочи се здобиле со полесни повреди, додека двајца се повредени во префектурата Оита во регионот Кјушу во југозападна Јапонија.
Железницата соопшти дека утрово се откажани брзите возови на некои линии.
Во Сукум привремено се евакуирани 23 лица, додека водоснабдувањето во градот е прекинато поради пукање на цевки на многу локации.
Нуклеарните централи во областа се стабилни и не се забележани поголеми проблеми.
Властите повикаа на претпазливост, велејќи дека регионот најверојатно ќе биде погоден од нови потреси во наредната недела, јавува јапонската јавна телевизија NHK.
Силен земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтер вчера во 16:14 часот ја погоди јужна Јапонија, а епицентарот на земјотресот бил каналот Бунго, теснецот што ги дели јапонските острови Кјушу и Шикоку.
Земјотресот е регистриран на длабочина од 26 километри, на 17 километри од Уваџима.