Свет
Невин одлежал во затвор 22 години, два дена по ослободувањето доживеал срцев удар
Американецот Дејвид Ранта доживеал срцев удар по само неполни два дена откако беше ослободен од затвор, каде без вина поминал повеќе од 20 години, јави Си-ен-ен.
Како што информираше неговиот адвокат, состојбата му е стабилна, се наоѓа на одделението за интензивна нега во болницата во Њујорк.
Адвокатот појасни дека Ранта се наоѓа на кардиологија и дека лекарите ја стабилизирале неговата состојба. Ќе остане во болница додека лекарите не го решат проблемот со затнувањето на артериите.
„Насобраната траума заради тоа што бил лажно осуден и затворен, заедно со емоционалната возбуда заради ослободувањето имале страшно влијание врз неговото здравје”, рече адвокатот Пјер Сасман.
Ранта е осуден на 37,5 години затвор за убиството на рабинот Часкел Верзбергер во Бруклин во 1990 година, иако немаше доволно физички докази кои би го довеле во врска со злосторството.
Окружниот обвинител повторно го отвори неговиот случај во 2012 година, во рамки на преиспитувањето на сомнителните случаи. Обвинителот откри редица неправилности во водењето на истрагата, особено во методите на детективот Луис Скарчела, кој го водел случајот.
Сведокот, кој во тоа време имал само 13 години, раскажал дека детективот при идентификацијата му рекол да го „одбере момчето со голем нос”.
Четири години откако Ранта бил осуден, во полицијата се јавила жена која рекла дека нејзиниот маж го признал злосторството два месеца пред да загине во сообраќајна несреќа.
Судијата на новото сослушување во 1996 година заклучил дека жената не е доверлив сведок бидејќи е наркоманка.
„Уште од почетокот говорев дека немам никаква врска со овој случај”, рече Ранта.
По ослободувањето беше со своето семејство, вклучувајќи ја и бремената ќерка која во времето на неговото апсење имала само две години. /крај/бл/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД: Ќе го блокираме полноправното членство на Палестина во ОН, тие треба да преговараат со Израел
САД ќе гласаат против палестинската кандидатура за полноправно членство во Обединетите нации и ќе ја блокираат светската организација да признае палестинска држава.
„САД продолжуваат да тврдат дека најбрзиот пат до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори со Израел и палестинската управа со поддршка на САД и други партнери“, рече американскиот претставник.
Планирано е 15-члениот совет да гласа за нацрт-резолуцијата со која се препорачува на Генералното собрание на ОН од 193 држави „Државата Палестина да биде примена во членство во ОН“.
За да усвои резолуцијата, потребни се најмалку девет гласа и никакво вето од САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина. Дипломатите проценуваат дека резолуцијата би можела да собере 13 гласа, што би ги принудило САД да стават вето.
„Одамна јасно ставивме до знаење дека предвремените акции во Њујорк, дури и ако се во најдобар интерес, нема да резултираат со државност за палестинскиот народ“, рече американскиот функционер. Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач не-членка, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година.
Меѓутоа, барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа од најмалку две третини од членовите на Генералното собрание. Засилените напори на Палестина за полноправно членство дојдоа шест месеци по масакрот на Хамас во јужен Израел и војната во Појасот Газа по започнувањето на израелската офанзива и проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека „повеќе од кога било, неопходно е да се поддржат напорите со добра волја за воспоставување траен мир меѓу Израел и независна, одржлива и суверена палестинска држава“.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.