Свет
Првомајски протести ширум светот-судир меѓу работниците и полицијата во Истанбул
По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот ширум Европа и светот се одржуваат протести на работниците кои бараат поголеми права и подобрување на нивната положба.
Во Грција на полноќ започна 24-часовниот генерален штрајк против строгите мерки за штедење. Јавниот превоз лошо функционира, траектите кон и од грчките острови се запрени, а болниците примаат само итни случаи.
Градските власти соопштиле дека околу 20 лица се приведени. Повеќе стотици демонстранти ја гаѓале полицијата со камења и извикувале „Смрт за фашизмот” и „Да живее 1. мај”.
Сепак многу од продавниците се отворени бидејќи владата неодамна одлучи наместо денеска неработен ден да биде 7. мај поради прославата на Велигден. Иако целта на Владата беше да помогне трговците да ја зголемат продажбата пред велигденските празници, сепак ова најверојатно ќе го зголеми одзивот на граѓаните на протестите.
Протести имаше и во Истанбул, каде беа повредени десетина луѓе кога полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги растера стотиците демонстранти припадници на левичарскиот синдикат Диск, којшто и покрај забраната за првомајски протести излезе на улица.
Повредените се хоспитализирани, а меѓу нив се и двајца полицајци и еден фоторепортер на агенцијата АФП. Властите соопштија дека се уапсени дваесетина демонстранти, а подготвени за интервенција се 22.000 полицајци ширум земјата.
Канцеларијата на премиерот Реџеп Таип Ердоган во Истанбул ја чуваат специјални сили опремени со вооружени возила за разбивање демонстрации.
Во Шпанија каде стапката на невработеност е рекордни 27 отсто, двата најголеми синдикати ги повикаа работниците и невработените на демонстрации кои се одржуваат во 80 градови во земјата.
Во Москва околу 60.000 до 70.000 луѓе тргнаа на протестен марш којшто го организираат Сојузот на независни синдикати на Русија, а се очекува на демонстрантите да им се придружат и многу други работници.
Демонстрантите носат знамиња, а протестите освен во Москва се одржуваат и во уште 1.047 други градови низ Русија.
Протести се одржуваат и во Германија, а полицијата особено се подготвува за демонстрациите во Берлин, каде околу 500 припадници на екстремната десна, неонацистичка Националдемократска партија најави свој марш.
Сојузот на политичари, синдикати и културни организации најавија контрадемонстрации против десницата и една блокада со седење каде се очекуваат 10.000 луѓе.
Во Берлин демонстрации најавија и левичарите, а медиумите потсетуваат дека нивните судир често има и насилство.
Меѓународниот ден на трудот стана централна точка на гневот во Бангладеш поради неодамнешната катастрофа кога се сруши зграда и загинаа 400 работници.
Демонстрантите со собир во Дака упатија барање за смртна казан за уапсениот сопственик на фабричкиот погон во срушената заграда каде загинаа работниците.
Неколку илјади демонстранти со црвени знамиња извикуваа „Обесете ги убијците, обесете го сопственикот на фабриката“ .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД и 17 земји му порачаа на Хамас: Ослободете ги заложниците, тоа може да ја реши кризата во Газа
Соединетите Американски Држави и 17 други земји денеска апелираа до Хамас да ги ослободи заложниците како начин да се стави крај на кризата во Газа. „Повикуваме на итно ослободување на сите заложници кои Хамас ги држи во Газа повеќе од 200 дена“, се вели во соопштението на земјите, кое висок американски функционер го нарече извонредна слика на едногласност.
Тие 18 земји имаат државјани кои ги држи Хамас шест месеци откако палестинската милитантна група започна напад врз јужен Израел во кој загинаа 1.200 луѓе. Потписници се лидерите на САД, Аргентина, Австрија, Бразил, Бугарија, Канада, Колумбија, Данска, Франција, Германија, Унгарија, Полска, Португалија, Романија, Србија, Шпанија, Тајланд и Велика Британија.
„Потенцираме дека договорот на маса за ослободување на заложниците ќе доведе до итен и продолжен прекин на огнот во Газа, што ќе овозможи бран дополнителна потребна хуманитарна помош да се достави низ Газа и веродостоен крај на непријателствата“, се вели во соопштението.
Висок американски функционер, кој ги брифираше новинарите за изјавата, рече дека може да има пат до договор за заложничката криза, но дека не е целосно убеден. Тој не даде детали, но рече дека решението зависи од „еден човек“, лидерот на Хамас, Јахја Синвар.
Европа
Приходите на Русија од нафта и гас се речиси двојно зголемени
Приходите од нафта и гас на Русија ќе достигнат 1,29 трилиони рубљи (14 милијарди долари) во април, што е речиси двојно повеќе од истиот месец минатата година благодарение на зголемените цени, покажуваат пресметките на Ројтерс.
Ројтерс ги заснова проценките на податоците од индустриските извори и официјалната статистика за производство, преработка и снабдување со нафта и гас на рускиот и меѓународниот пазар.
Руското Министерство за финансии на почетокот на мај ќе ги објави податоците за април. За цела 2024 година, владата буџетираше приходи од продажба на нафта и гас од 11,5 трилиони рубљи, за 30 отсто повисоки отколку во 2023 година, кога се намалија за 24 отсто поради пониските цени на нафтата и намалениот извоз на гас под притисок на санкциите.
Благодарение на закрепнувањето на приходите од продажбата на енергетски производи, рускиот буџетски дефицит се намали во првите три месеци од оваа година на 607 милијарди рубљи, што одговара на 0,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП), наведува Ројтерс.
Западните земји воведоа бројни санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, настојувајќи да ги намалат приходите на Русија од продажбата на нафта и гас, кои сочинуваат околу една третина од федералниот буџет. Казнените мерки вклучуваат забрана за водење бизнис со руски финансиски институции.
Свет
Судот во Њујорк поништи пресуда на Харви Вајнстин за силување
Судот во Њујорк ја укина пресудата на Харви Вајнштајн за силување во 2020 година и нареди ново судење за случајот „MeToo“, пишуваат странските медиуми.
Во пресудата се наведува дека му било судено врз основа на неговото однесување во минатото, а не само врз основа на делата за кои бил обвинет. Судот одлучи дека судењето „погрешно го прифатило сведочењето за наводни претходни сексуални дејствија против лица кои не биле тужители во овој случај“.
Вајнстин (72) отслужува 23-годишна затворска казна во њујоршки затвор, откако беше осуден за сексуален напад за насилен орален секс со асистентка на ТВ и филмска продукција во 2006 година и за напад на актерка во 2013 година.
Тој ќе остане во затвор бидејќи беше осуден за уште едно силување во Лос Анџелес во 2022 година и осуден на 16 години затвор.
Обвиненијата против Вајнстин започнаа во 2017 година и го поттикнаа движењето #MeToo кое го разоткри сексуалното вознемирување на највисоките нивоа на холивудската филмска индустрија.