Свет
Народниот правобранител бара да се разрешат тројца судии
Иџет Мемети, народен правобранител, вчера посочи тројца судии од штипскиот Основен суд дека несовесно ја вршеле работата и ги одолжувале судските процеси.
Иџет Мемети, народен правобранител, вчера посочи тројца судии од штипскиот Основен суд дека несовесно ја вршеле работата и ги одолжувале судските процеси. Тој вчера предложил Републичкиот судски совет (РСС) да поведе постапка за одговорност и да ги разреши судиите Павел Василев, Ленче Манева и Добре Илиевски.
Според Мемети, штипскиот судија Павел Василев повеќе од 5 години развлекувал судски случај. Граѓанин од Струмица што бил учесник во постапката се обратил до народниот правобранител. По неговата интервенција, на судијата му бил одземен случајот. Во вториот случај што го посочи Мемети, имало конфликт на интереси, кој судијата не го пријавил.
– Граѓанин од Штип ни пријави дека судијката Ленче Манева две години не закажала ниту едно рочиште за неговиот предмет. Предметот и бил одземен и му бил доделен на судијата Добре Илиевски. Овој судија, пак, бил во роднинска врска со спротивната странка во предметот и затоа бил должен да го пријави тоа. Илиевски една година не постапувал по предметот – посочи Мемети.
По интервенцијата на народниот правобранител, овој предмет минатиот месец му бил доделен на трет судија.
– Со ваков начин на работа се потврдуваат констатациите дека граѓаните тешко ги остваруваат своите права. Токму за ваков случај, Македонија загуби спор во судот во Стразбур и плати отштета од 77.000 евра – рече Мемети.
Тој најави дека во иднина во народното правобранителство нема да се работи канцелариски, туку на терен, и за сите случаи каде што судиите несовесно ја вршеле функцијата, тој ќе ја информира јавноста.
– Нема да дозволам да добивам одговори од претседатели на судови како оној што го добив пред извесно време. Кога испратив барање до еден претседател на суд, тој ми одговори дека нема време да одговора на барањата, затоа што бил презафатен. Тоа нема да се случи повторно – рече Мемети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.