Свет
Положани го уништува битолскиот Педагошки факултет за да го развие тетовски
Ако министерот за образование Азиз Положани и натаму ги игнорира барањата на Педагошкиот факултет во Битола да формира нови групи студии, од утре граѓаните на југозападна Македонија ќе го кренат гласот против самоволието на министерот.
ПО ТРИ ГОДИНИ МОЛК БИТОЛЧАНИ ГО КРЕВААТ ГЛАСОТ
Ако министерот за образование Азиз Положани и натаму ги игнорира барањата на Педагошкиот факултет во Битола да формира нови групи студии, од утре граѓаните на југозападна Македонија ќе го кренат гласот против самоволието на министерот. Меѓу незадоволните се граѓаните од Битола, Струга, Охрид, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Прилеп, Кичево, Македонски Брод, Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Струмица, Гевгелија, чии деца студираат на битолскиот универзитет.
– Не постои факт со кој некој ќе не убеди дека на Педагошкиот факултет во Битола нема услови да се образуваат наставници по историја и географија, а за тоа има услови само на Тетовскиот универзитет – се погласно реагира битолската научна и граѓанска јавност, која по три години молк го отвори стариот случај што министерот Азиз Положани го држи под ембарго.
Педагошкиот факултет во Битола уште во 2002 година од Одборот за акредитација побарал да се отворат студиски и предметни програми за дополнителни двопредметни студии за наставните групи историја-географија, македонски-германски, македонски-англиски и македонски и француски јазик. Барањето го усвоиле и одобриле сите органи и тела на универзитетот “Св. Климент Охридски” во Битола. Но, и по три години Одборот не одговара на ова барање иако, според законот, е должен во рок од 60 до 120 дена да го разгледа и да се произнесе.
Во меѓувреме, министерот за образование Положани, преку ноќ и набрзина успеал преку тој одбор да издејствува одобрување на двопредметни студии по историја и географија само на поранешниот малоречански, сега Тетовски универзитет. Според тоа, во земјава наставници и професори по историја и географија ќе се образуваат само на тој универзитет. На Тетовскиот универзитет предаваат двајца професори од Битола, кои патуваат до Тетово.
– Министерот Положани намерно го уништува битолскиот Педагошки факултет. Тој се одмаздува што битолчани не му дозволија да отвори албанска паралелка со “увезени” средношколци од западна Македонија надвор од позитивните законски прописи. Се повеќе се остварува намерата од 2007 година наставници и професори по историја и географија што ќе излезат од Тетовскиот универзитет да ги предаваат тие предмети во целата земја. Педагошкиот факултет во Битола се уништува за да се зајакне тетовскиот – реагира битолската јавност.
Битолчани денеска очекуваат Одборот за акредитација да го разгледа барањето за двопредметни студии.
– Ако не, од утре ќе бараме прием кај премиерот Владо Бучковски. Ние не реагиравме на неговата изјава во кампањата за локалните избори кога тој на Никола Груевски му рече дека “ако бил способен ќе завршел во Скопје, а не во Прилеп”, оти тоа повеќе беше политички инает и маркетинг. Знаеме дека премиерот и професор има високо мислење за оваа 26 години стара и докажана високошколска институција. Затоа ќе бараме и тој да се вклучи во расветлувањето на таа неправда. Во Битола учителствувале Мисирков и браќата Миладиновци, тука учителска школа завршиле барем половината македонски учители и наставници, писатели и научници. Затоа нема да дозволиме министерот Положани да го уништи битолскиот Педагошки факултет. Ако тој ги остави само насоките учители и воспитувачи, битолскиот универзитет за неколку години неминовно ќе се затвори и ќе згасне традицијата стара повеќе од еден век – велат битолчани.
Родителите од Гевгелија до Струга чии деца треба допрва да студираат се едногласни во своите мислења:
– Битола е поевтин, поблизок и поприфатлив универзитетски центар за нас од Скопје.
Менде Петковски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија ги повлекува војниците од Нагорно Карабах
Руските воени мировни трупи се повлекуваат од Нагорно-Карабах, потврдија официјални лица од двете земји.
Руските мировници се таму од крајот на ерменско-азербејџанската војна во 2020 година.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги потврди извештаите за повлекувањето пред новинарите, но не даде детали.
Веста за повлекувањето ја потврди и азербејџанскиот министер за надворешни работи Хикмет Хаџиев, додавајќи дека двете земји се договориле за тоа.
Хаџиев не објасни зошто војниците се повлекуваат, но се чини дека нивното присуство е излишно откако Азербејџан ја врати целосната контрола врз регионот минатата година.
Во првата половина на 1990-тите, Нагорно-Карабах беше во фокусот на меѓуетничката војна по распадот на Советскиот Сојуз, во која и Ерменија и Азербејџан беа федерални единици.
Тој регион тогаш беше под целосна контрола на бунтовничките Ерменци до војната во 2020 година, кога Азербејџан ја врати контролата врз некои од неговите делови. Таа војна заврши со прекин на огнот и распоредување на 2.000 руски војници во деловите на Нагорно-Карабах кои останаа под ерменска контрола.
Свет
Стопирани сите летови на „Алјаска ерлајнс“ во САД
Американската федерална управа за авијација (ФАА) денеска издаде препорака за стопирање на летовите на „Алјаска ерлајнс“, пишува „Ројтерс“.
Не е наведена причината за приземјувањето.
„Си-ен-би-ес“ објави дека системот на авиокомпанијата што се користи за сметање на тежината и рамнотежата за летови не работи правилно.
Алјаска ерлајнс и ФАА не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Како одговор на поплаките од патниците на социјалната мрежа „Икс“, авиокомпанијата соопшти дека работи на тоа што поскоро да ги внесе патниците во авионот.
Свет
Нетанјаху им порача на Велика Британија и на Германија: Израел сам ќе донесе свои одлуки
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел сам ќе донесе одлуки.
„Сите тие имаат различни предлози и совети. Јас го ценам тоа. Но, сакам да биде јасно – ние самите ќе ги донесеме нашите одлуки, а израелската држава ќе направи се што е потребно за да се одбрани“, рече Нетанјаху по состанокот со британските министри за надворешни работи и Германија, пишува Гардијан.
Претходно денеска британскиот министер за надворешни работи Џејмс Камерон изјави дека дошол на состанокот за да се солидаризира со Израел, но и дека се надева дека неговиот одговор на иранскиот напад ќе биде „паметен и што е можно поограничен“, пренесе Би-Би-Си.