Свет
333 милиони деца живеат во екстремна сиромаштија, пандемијата го запре напредокот

Пандемијата на Ковид-19 во голема мера ја забави борбата против сиромаштијата кај најмладите, а 333 милиони деца сè уште живеат во услови на екстремна сиромаштија, се вели во извештајот на УНИЦЕФ и Светската банка.
Агенцијата на ОН предупредува дека секое шесто дете во светот живее со помалку од 2,15 долара на ден и наведува дека 30 милиони деца би излегле од сиромаштија да не била пандемијата.
„Тешките кризи како резултат на Ковид-19, војните, климатските промени и економските шокови го запреа напредокот и оставија милиони деца во екстремна сиромаштија. Свет во кој 333 милиони деца живеат во екстремна сиромаштија, лишени не само од најосновните потреби, но и од достоинство, можности за живот и надеж, едноставно, е неприфатливо“, рече генералниот директор на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.
Екстремната сиромаштија погодува дури 40 отсто од децата во супсахарска Африка. Иако другите области во светот забележаа пад на детската сиромаштија во последните години, супсахарска Африка забележа голем пораст првенствено поради галопирачкиот демографски раст, пандемиите и катастрофите предизвикани од климатските промени.
Луис Фелипе Лопез-Калва, директор за сиромаштија и еднаквост на Светската банка, рече дека овие деца не смее да бидат напуштени.
„Ставањето крај на детската сиромаштија е политички избор“, рече Лопез-Калва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел ги проширува операциите во Газа, зголемувајќи ги тензиите во регионот

Израелската армија денеска ги прошири своите операции во Појасот Газа, каде што се зголемува бројот на загинати палестински цивили. Растат тензиите во регионот, а за време на викендот имаше вооружени напади во Ирак и Црвеното Море.
„Израелската армија продолжува да ја шири својата копнена операција против Хамас низ појасот Газа. Армијата дејствува секаде каде што Хамас има упоришта“, изјави доцна синоќа воениот портпарол Даниел Хагари.
Израелските војници се ангажирани во копнена офанзива од 27 октомври на северот на Газа, каде што презедоа контрола на неколку места. Бидејќи борбите продолжија во петокот по истекот на еднонеделното примирје со Хамас, војската главно се фокусираше на воздушни напади.
Во текот на ноќта, во напад на влезот на болницата Камал Адван, лоцирана во северниот дел на Газа, загинаа неколку луѓе, според палестинската новинска агенција Вафа, а владата на Хамас ја обвини израелската армија за „сериозно кршење“ на меѓународното хуманитарно право.
Израел го обвинува палестинското движење Хамас дека ја постави својата инфраструктура во или под болниците и дека користи цивили како жив штит.
Франс прес додава дека тензиите се шират во регионот. Во текот на викендот, пет проирански борци беа убиени во напад во Ирак, додека јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран, кои и самите ги поддржуваат Палестинците, нападнаа два брода во Црвеното Море.
Европа
Шефицата на француската дипломатија и порача на Кина: На светот не му треба нова криза

Шефицата на француската дипломатија Катрин Колона денеска ја повика Кина да ги намали тензиите во Јужното кинеско море и додаде дека „на светот не му треба нова криза“.
Пекинг ги засили воените вежби во стратешки важниот Тајвански теснец, а кинеската крајбрежна стража беше обвинета за малтретирање филипински рибарски чамци во спорните води.
Австралија, исто така, минатиот месец го критикуваше Пекинг за „небезбедно и непрофесионално“ однесување на море, велејќи дека еден од нејзините поморски нуркачи бил повреден од сонарни импулси од блискиот кинески воен брод.
„Секако дека сме загрижени за она што се случи со австралиската морнарица пред неколку дена, како и за она што се случи со Филипините пред неколку недели“, изјави Колона за новинарите во Канбера.
Според неа, низ Тајванскиот теснец мора да владее смиреност и стабилност, а на светот секако не му треба нова криза.
Француската министерка ја повика Кина да ги намали тензиите во азиско-пацифичкиот регион.
Кина треба да биде слободна да го продолжи својот „економски подем“, но мора да ги исполни и меѓународните очекувања, како што е почитувањето на човековите права, рече Колона, додавајќи дека нејзината земја ќе продолжи со конструктивната соработка со Кина бидејќи „има охрабрувачки знаци“.
Во ноември Колона беше во официјална посета на Кина.
Регион
(Видео) Автомобил експлодира во близина на трговски центар во Белград

Утрово во близина на трговскиот центар во Бањица во Белград се случила експлозија, објави нова.рс.
Засега не е познато како дошло до експлозијата, ниту дали има повредени.
Случајни минувачи јавуваат дека се слушнала силна детонација, а во овој дел од градот е видлив црн чад, јавуваат српските медиуми.