Свет
Ако молчи, Прчевски ќе си има проблеми со нас!
Иџет Мемети, народен правобранител, го размрда судството и ја разбранува јавноста откако во минатата недела со прст посочи тројца несовесни судии што дури и по пет години одолжувале судски случаи.
Мери Јордановска
Иџет Мемети, народен правобранител, го размрда судството и ја разбранува јавноста откако во минатата недела со прст посочи тројца несовесни судии што дури и по пет години одолжувале судски случаи. Неговата постапка дел судии ја поддржаа, но имаше и такви што ја дочекаа на нож со образложение дека врши упад во судската власт и дека ги пречекорил своите овластувања. Мемети, кој до пред половина година беше и министер за правда, веднаш одговори на ваквите напади – „државата не може да тргне напред ако продолжи трендот да се обвинуваат цели институции, наместо лицата што директно ги загрозиле човековите права“.
Господине Мемети, што Ве предизвика отворено да прозборите за несовесното работење на тројцата штипски судии?
– Откако дадов јавна критика за работата на тројцата судии, за три пати е зголемен бројот на граѓаните што до правобранителството се жалат за неефикасност на судовите. Затоа, тоа ќе го правам и во иднина. Не можеме на сметка на поединци да плукаме по цели институции. Тоа е недозволиво, бидејќи тогаш на сметка на неколкумина, целата институција ќе добие црна дамка. Не смееме да речеме дека полицијата е лоша или дека сите судии се неажурни. Зошто, наместо тоа, да не посочиме дека еден одреден чиновник или некој полицаец ги прекршувал правата на граѓаните? Јас тоа смеам да го кажам, а потоа си има надлежни органи што ќе постапуваат по случајот. Правобранителството има дури и надлежност да поднесе кривична пријава. Тоа нема да оди по иста постапка како кога некој граѓанин ќе го стори истото. Во моментов имаме три случаи за кои се води истражна постапка.
Некои експерти коментираа дека со посочување имиња навлегувате во надлежностите на други органи.
– Не случајно во Законот за народен правобранител има инструмент „посочување и давање јавна критика“ за тие што ги прекршуваат човековите права. Тоа е закон и јас го спроведов. Еден месец спроведував постапка за тие судии и дојдов до заклучок дека човековото право е повредено, и тоа не од објективни, туку од субјективни причини. По моите интервенции судот не постапуваше. Јас ја затворив постапката, ја информирав јавноста и предметот го доставив до РСС. Не би дозволил да посочам некого без претходно да спроведам истрага. Во случајот со штипските судии, два дена откако ја завршивме постапката, до мене стигна информација дека имало уште куп такви случаи во судот што не ми беа кажани и биле скриени.
Јавниот обвинител Александар Прчевски во една пригода рече дека тој не може да постапува по секој предмет што до него ќе го достави народниот правобранител. Дали ова значи дека Ве очекуваат судири со некои од органите на државната власт?
– Прчевски мора да се изјасни за се што ќе побара народниот правобранител. Тоа не зависи од волјата на Прчевски или на Мемети или на некој друг. Тоа е закон и Прчевски ќе мора да се изјасни, без разлика како. Ако тој не се изјаснува, ќе има проблеми со нас, затоа што институциите мора да соработуваат. Ако нема изјаснување, тоа значи дека ја попречува нашата работа. Не ме засегнува дали во овој поглед ќе наидам на негодување кај државните институции, затоа што сум убеден дека работите треба да се тераат токму вака.
Колку предмети досега сте испратиле до Јавното обвинителство?
– Сме се обратиле за четири случаи. Јавниот обвинител за еден од нив донесе решение, со кое ја отфрли нашата пријава. Ние нема да навлегуваме во тоа зошто пријавата е отфрлена, затоа што таа надлежност ја има исклучиво обвинителството.
Најавувате големи промени во работата на народното правобранителство. Што недостигаше досега во оваа сфера и што ќе значи тоа за граѓаните?
– Во јавноста имаше мислење дека функцијата народен правобранител не се спроведува како што треба и дека не дава резултати. Сметам дека тоа не е така, затоа што ова е млада институција. Знаејќи дека и граѓаните немаат голема доверба во оваа институција, направив нова програма за работа. Граѓаните не можат да имаат доверба во тебе ако ти не им завршуваш работа. Од друга страна, треба да ги убедиме и органите на управа да не не гледаат со недоверба, бидејќи и ние сме вклучени во општествениот мозаик. Со измените во законот на правобранителот му се отворија нови можности во делот на административното работење на судовите. Оваа институција има право да се справува и со начелото на соодветна и правична застапеност на заедниците. Таа е главниот орган што ќе врши контрола како државата го спроведува тоа.
Кој е Вашиот став во однос на претстојните уставни измени? Дали судиите треба да имаат пробен мандат и со колкаво мнозинство треба да се носи законот за судови?
– Мандатот на судиите е еден од факторите, но не е единствениот, што влијаат да имаме ефикасна судска власт. Пробниот мандат е добар, затоа што би бил инструмент, според кој ќе може во првиот избор да се следи работата на оние што ќе влезат во судството. Меѓутоа, тоа не е толку важно. Важно е да не се случи таа власт сосема да се одлепи и да не може никој да ја контролира. Што се однесува до мнозинството за гласање на Законот за судови, уставотворецот предвидел тој да се стави на ист ранг со гласањето на Уставот. Ако гласањето на законите го гледаме формално-правно, има логика овој закон да се усвои и со 61 глас. Подготвувачите на уставните измени треба да ги стават на вага сите аспекти. Па, ако нешто друго тежи повеќе, тогаш нема зошто да не се гласа и со двотретинско мнозинство. Тоа не е толку важно, но таков е нашиот менталитет.Брзо се фаќаме за ситни работи и од тоа правиме големи. Тоа не е во ред, бидејќи ни одмага во дебатирањето за покрупните.
Што, според Вас, е покрупна работа за која треба да се зафатат оние што ќе ги спроведуваат судските реформи?
– Многу малку се зборува за квалитетот на делителите на правда што ќе ги имаме во иднина. Кај нас спектарот на кадри што можат да влезат во судската власт е премногу широк. Не постои филтер на селекција и затоа школата за обука на судии е најважна во моментов. Имам чувство дека кај нас се уште лошите работи се исплатливи. Полека, треба да се стремиме кон тоа сите лоши и девијантни појави да станат неисплатливи. Тоа не е работа што може да се направи со закон, туку треба трансформација на свеста.
Правобранителот е повеќе почитуван од министерот
Два мандати бевте министер за правда. И токму кога почнаа реформите во судството, Вие бевте „тргнат“ од функцијата и поставен за народен правобранител.
– Станува збор за политичка влада и ако таа смета дека треба да има реконструкција, има легитимно право тоа да го направи. Сега имам функција што е многу ценета во светот, можеби и повеќе од едно министерско место. Кај нас се уште тоа не се сфаќа доволно.
Јас добив мандат од девет години како судија во Уставниот суд, па за осум месеци ја оставив таа функција, мислејќи дека можам да помогнам околу спроведувањето на рамковниот договор. Лани, со мој труд, усвоивме закони што навистина ќе му помогнат на судството. Човекот не е создаден за секогаш да носи една функција. Кога вторпат ме изгласаа за министер за правда, се зборуваше дека јас сакам засекогаш да бидам министер. Важно е дека го направив тоа што се очекуваше од мене. И сега ќе го сторам истото.
Ефикасноста најголем проблем
Граѓаните не се жалат на квалитетот на работата на органите, туку на нивната ефикасност. Најмногу жалби има во делот на судството, во полицијата и кај имотно-правните спорови, особено во делот на денационализацијата. Зошто државната управа не е ефикасна? Прво треба да се потсетиме под кои услови работат тие. Второ, се уште траат процесите на трансформација, вклучувајќи го и тоа дека ние бевме држава во транзиција. Меѓутоа, фактор кој најмногу влијае на ефикасноста на државните органи е субјективноста. Нејзиното искоренување е макотрпна работа. Затоа, важно е полека да се направи трансформација на свеста кај оние што даваат услуги за граѓаните. Не случајно во нашиот извештај препорачуваме обука на државните службеници. За да се тргнеме од мислењето дека граѓанинот е тој што мора да чека зад шалтерот.
Новинарите ќе имаат увид во документите
Сакам да се доближам до медиумите, затоа што заедно можеме многу да помогнеме во остварувањето на човековите права. Тие го градат јавното мислење и се голем дел од општествениот мозаик. Затоа, ќе се обидам да развијам проект, со кој новинарите ќе можат да влегуваат кај мене и да разгледуваат и отвораат конкретни предмети. Сето тоа ќе се одвива во рамките на законот и ќе се почитува принципот на тајност на податоците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД ги укинаа санкциите против сирискиот претседател
САД денес ги укинаа санкциите врз сирискиот претседател Ахмед ал-Шариа, само неколку дена пред неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп.
Според белешката на веб-страницата на американското Министерство за финансии, САД ги отстранија ознаките за глобални терористи од ал-Шариа и сирискиот министер за внатрешни работи Анас Хатаб. Велика Британија, исто така, денес ги укина санкциите врз сирискиот претседател, еден ден откако Советот за безбедност на ОН го стори истото.
Портпаролот на Европската унија денес изјави дека одлуката на ОН ќе влијае и врз мерките на ЕУ. Ал-Шариа и Хатаб претходно беа под финансиски санкции кои беа насочени кон Исламска држава и Ал Каеда.
фотo: принтскрин
Свет
Универзитетот Корнел постигна договор со Трамп за деблокирање на парите за истражување
Универзитетот Корнел денес објави дека постигнал договор со администрацијата на Трамп за моментален поврат на повеќе од 250 милиони долари од финансирањето за истражување кое беше замрзнато од април.
Претседателот на Корнел, Мајкл Котликоф, во соопштението изјави дека универзитетот ќе ѝ плати на владата 30 милиони долари и ќе инвестира дополнителни 30 милиони долари во земјоделски истражувања во текот на три години како дел од договорот.
Тој нагласи дека ниту една владина истрага или преглед на работата на универзитетот не открила дека ги прекршил законите за граѓански права. Администрацијата се согласи да ги затвори сите истраги.
Министерката за образование, Линда Мекмахон, објави на платформата X дека договорот е уште една победа во напорите за ставање крај на „поларизирачките политики на DEI“ на врвните американски универзитети кои ја сочинуваат таканаречената Ајви лига.
Администрацијата на Трамп го замрзна финансирањето на универзитетот во април бидејќи рече дека не направил доволно за борба против антисемитизмот.
Администрацијата на Трамп врши притисок врз врвните американски универзитети поради пропалестинските студентски протести, кои ги смета за антисемитски, и политиките насочени кон поттикнување на различноста, кои ги смета за дискриминаторски.
Харвард, најбогатиот и најстариот универзитет во Соединетите Американски Држави, е исто така цел на администрацијата на Трамп и започна правна битка, но сè уште бара спогодба. Трамп во септември изјави дека договорот со Харвард е блиску.
Универзитетот Колумбија и другите американски универзитети постигнаа договори со Трамп ова лето.
фото: принтскрин
Свет
ОН дискутираше за човековите права во САД, американските претставници не се појавија
САД станаа втората земја по Израел што одби да учествува во дебатата на ОН за состојбата со човековите права во својата земја, оставајќи празни места на сесијата на Работната група на Советот за човекови права на ОН во Женева денес.
САД, исто така, не достави национален извештај пред состанокот, соопшти работната група, со што официјално е евидентирана „несоработката“ на Вашингтон. Одлуката нема непосредни последици, а групата ги повика САД повторно да се приклучат на процесот подоцна. Во соопштението од американската мисија во Женева се вели дека ОН „се преправа дека е загрижена за човековите права“, додека им дозволува на познатите злоупотребувачи да ја користат организацијата за „да се кријат од контрола“.
Во соопштението, исто така, се обвинува ОН за „постојана пристрасност против Израел“. Од 2008 година, од сите 193 земји-членки на ОН се бара да поминат низ таканаречен Универзален периодичен преглед (УПР) на нивната состојба со човековите права приближно на секои пет години. Потоа, земјите ги презентираат своите извештаи за напредок, додека други можат да постават прашања и да дадат препораки.
фото: принтскрин

