Свет
Власта молчи за шверцот во солунското пристаниште
Македонските власти повеќе од два месеци молчат за разбивање шверцерски синџир во Солун, кога грчката полиција заплени огромно количество цигари и уапси тројца македонски граѓани.
Емил Зафировски
Македонските власти повеќе од два месеци молчат за разбивање шверцерски синџир во Солун, кога грчката полиција заплени огромно количество цигари и уапси тројца македонски граѓани.
Станува збор за скопјанецот Сашко Трпевски, познат како Трпе, и уште две лица со иницијали П. В и А. Р., кои откако ја примиле пратката од брод што допатувал од Египет ја сместиле во два камиони – контејнери за превоз на текстил.
Сопственоста на камионите се држи во тајност, како и сите други детали за случајот. Во МВР велат дека немаат информации затоа што имале слаба соработка со грчката полиција и дека за случајот било надлежно Министерството за надворешни работи. Во МНР потврдуваат дека станува збор за запленето големо количество шверцувани цигари, но велат дека немаат детални информации.
– Она што го знаеме во овој момент е дека лицата се уште се во притвор и дека против нив е поведена постапка од солунското јавно обвинителство. Очекуваме деновиве да воспоставиме врска со грчките власти и да добиеме попрецизни информации – изјави вчера Душко Узуновски, портпарол на МНР.
Тој вели дека надлежноста за случајот не е само во рацете на МНР.
– Ние сме надлежни за нашите уапсени државјани. Но, што се однесува до истрагата и деталите за шверцот надлежни се министерствата за внатрешни работи и за економија. МВР во делот на обврските за борба против организираниот криминал, а Министерството за економија за регистрација на фирмите – изјави Узуновски.
Од високи политички извори неофицијално дознаваме дека информациите за случајот се кријат затоа што во шверцот биле замешани „македонски бизнисмени со дебели врски во владејачките структури“. Според доброупатени извори, уапсените Македонци пред грчките власти ги навеле имињата на лицата што наводно го организирале шверцот на цигарите.
Во политичките и деловните кругови на големо се шпекулира со името на еден познат скопски бизнисмен, кој има силни семејни врски во владејачкиот СДСМ и во кабинетот на претседателот Бранко Црвеновски.
За овој бизнисмен се зборува дека најголем дел од капиталот му е изграден од шверц на цигари и тоа помогнат од владејачките гарнитури и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Во 1998 година, по поразот на парламентарните избори, тогашниот премиер Бранко Црвенковски, по покана на истиот бизнисмен, се одмораше на неговиот имот на хрватското приморје.
Името на овој бизнисмен се врзува и со аферата на шверц на познатите цигари од марката „монте карло“ чии застапници во земјава беа тој и уште еден роднина на најпознатиот тутунски бос Данчо Шутурков.
Истиот човек е поврзан и со аферата „вила на Водно“ од пред три години, чија изградба тогаш беше прекината откако се утврди дека сопственик е тогашниот премиер Љубчо Георгиевски.
Ова не е првпат грчките власти да запленуваат шверцувани цигари наменети за Македонија. Во март минатата година тие тврдеа дека заплениле 240.450 пакети цигари натоварени на брод и наменети за Македонија. Вредноста на шверцуваните цигари беше околу 5 милиони евра. Пратката била шверцувана од Египет, а во транспортните документи пишувало дека бродот пренесува мебел и текстилни покривки.
Во октомври таа година на царинскиот терминал во Солун беа откриени и запленети 8 милиони цигари, наменети за македонскиот црн пазар, вредни околу 850 илјади евра. Биле пронајдени во камион што според документацијата требало да тргне кон Македонија, соопштија тогаш грчките цариници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Инцидент во Словенија: член на паравоена група се обидел да му даде пиштол на премиерот Голоб
Попладнево, полицијата интервенираше пред зградата на словенечката влада во Љубљана, кога припадник на т.н. Штаерската гарда, паравоена група и самопрогласена милиција, се обиде лично да му предаде нелегален пиштол на премиерот на Словенија, Роберт Голоб.
Инцидентот се случи еден ден откако Голоб објави закон што ќе овозможи доброволно предавање на нелегално оружје без последици, јавува агенцијата СТА.
Канцеларијата на премиерот одби да коментира за инцидентот, истакнувајќи дека очекува полицијата да постапи во согласност со законот.
Јавноста првпат дозна за Штаерската гарда во 2018 година, кога на Интернет беше објавено видео на кое се гледа група од неколку стотици маскирани мажи во воена опрема, некои од нив со секири и автоматски пушки, наредени во шума. Подоцна рекоа дека станува збор за воздушни пиштоли.
Видеото предизвика загриженост за паравоената природа на групата и нејзиното потенцијално влијание врз јавниот ред.
Групата често е критикувана за своите екстремни ставови и напори да влијае врз политичките процеси во земјата со употреба на насилство или закани.
Водачот на групата, Андреј Шишко, беше осуден на осум месеци затвор за обид за поткопување на уставниот поредок.
Свет
Макрон: Франција ќе им помогне на Палестинците да изработат устав за идната држава
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција ќе ѝ помогне на Палестинската самоуправа во изработката на устав за идната палестинска држава. Изјавата ја даде по средбата со Махмуд Абас во Париз.
Макрон најави формирање заеднички француско-палестински комитет кој ќе работи на правните, институционалните и организациските аспекти на идниот устав. Тој додаде дека Франција ќе обезбеди 100 милиони евра хуманитарна помош за Газа до крајот на годинава.
Абас истакна дека Палестина се залага за „држава посветена на дијалог, мир и владеење на правото“.
Франција, Велика Британија, Канада и Австралија годинава ја признаа палестинската држава, со што се приклучија на повеќе од 140 земји кои го поддржуваат нејзиното создавање. Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, го осуди овој чекор, оценувајќи дека со тоа „се наградува Хамас“.
Регион
Загреб ја забрани „За дом спремни“ на концерти и јавни настани
Градското собрание на Загреб денес гласаше за Заклучок со кој се повикува градоначалникот да преземе сите потребни мерки за да се спречи употребата на фашистички и усташки симболи, слогани и пароли, вклучително и „За дом спремни“, на сите јавни површини и настани под надлежност на градот, пренесе хрватски „Индекс“.
Одлуката се однесува на областите управувани од градските институции и комерцијалните компании, како и на сите јавни површини за кои Градот издава дозволи за одржување настани. Целта, рекоа претставниците, е да се заштити јавниот простор од пораки што поттикнуваат омраза, насилство и ексклузивност.
Претходно денес беше соопштено дека употребата на усташки симболи ќе биде забранета во просторите управувани од Градот Загреб, но дека концертот на Марко Перковиќ Томпсон на 27 декември сепак ќе се одржи, бидејќи претходно беше потпишан договор за него.
Ива Ившиќ, претседателка на Клубот на претставници „Можеме“, истакна дека Заклучокот се базира на антифашистичките вредности на Уставот на Република Хрватска и ставовите на Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права.
„Уставниот суд јасно кажа дека „За дом спремни“ е усташки поздрав на Независната Држава Хрватска и дека не е во согласност со Уставот, додека Европскиот суд за човекови права во случајот Шимуниќ против Хрватска утврди дека неговата јавна употреба не е заштитена со слобода на изразување бидејќи поттикнува омраза“, потсети Ившиќ.
Таа нагласи дека одлуката не се однесува на забраната за уметност, музика или слобода на изразување, туку јасно ја поставува границата дефинирана со член 39 од Уставот на Република Хрватска, кој забранува поттикнување на национална, расна или верска омраза и насилство.
Платформата „Можемо“ соопшти дека овој Заклучок има за цел да го заштити јавниот простор од пораки што ја уништуваат социјалната кохезија.
„Во време кога сме сведоци на раст на нетолеранцијата и насилството кон другите и кон оние кои се различни, наша должност е да го заштитиме јавниот простор – бидејќи им припаѓа на сите. Загреб мора да биде град каде што училиштата, градинките, културните центри и улиците се безбедни места, каде што се воспитуваат генерации кои знаат дека почитта, солидарноста и еднаквоста се основа на добро општество“, рекоа претставниците.

