Свет
Инспекција денеска на Говрлево

Управата за заштита на културното наследство ја побарала од Скопската митрополија севкупната документација за земјиштето во Говрлево, кое заедно со пет црковни објекти и е продадено на цементарницата „Усје“.
ЌЕ СЕ ПОВЛЕЧЕ ЛИ КУПОПРОДАЖНИОТ
Управата за заштита на културното наследство ја побарала од Скопската митрополија севкупната документација за земјиштето во Говрлево, кое заедно со пет црковни објекти и е продадено на цементарницата „Усје“.
Инспекција на Управата денеска ќе замине во Говрлево, откако ќе ги консултира сите институции што имаат сознанија за овие објекти, за кои со новата територијална поделба не се знае под чии ингеренции потпаѓаат – на Градскиот завод за заштита на културното наследство или на Националниот конзерваторски центар.
– Тоа е неопходно бидејќи сега не знаеме точно ни за која територија станува збор – вели Јулија Тричковска од Управата за заштита.
Јавната расправа за продажбата на ридот над Говрлево на цементарницата „Усје“ деновиве добива на силина.
– Од аспект на заштита на културното наследство – состојбата е чиста. Објектите што се продадени со земјиштето не биле ставени под заштита на законот. Но, бидејќи се наоѓаат во близината на познато неолитско наоѓалиште и бидејќи земјиштето е нападнато за експлоатација од „Усје“, управата може да преземе иницијатива за прогласување на теренот за привремено наследство, со што во период од една година ќе се добие време за негово истражување. Во тој период на тој простор не ќе биде дозволено да се врши каква и да е деградација. Со оглед на резултатите од истражувањето, ќе се утврдат состојбата и натамошниот статус на теренот – вели Тричковска.
МПЦ досега веќе побарала истражување од Националниот конзерваторски центар за состојбата на објектите, кои подолг период биле изложени на последиците од минирањето на теренот што тука го врши „Усје“.
Поради нерегулираниот статус на продадените објекти како културно наследство, јавната расправа што ја поведе деновиве Говрлево, велат стручњаците, е повеќе морална категорија – треба ли црквата да го распродава својот имот или не. Особено затоа што процесот на денационализација тече, со што повеќе сакрални објекти за кои со децении се грижеше државата се вратија во сопственост на МПЦ.
– Продажбата на земјиштето со овие пет цркви е како продажба на органи, како да си продал дел од телото – вели археологот, проф. Виктор Лилчиќ.
Викендов во расправата се вклучи и МАНУ, чиј претседател Цветан Гроздановски побара утврдување на состојбата на теренот и дури и поништување на купопродажниот договор склучен меѓу МПЦ и цементарницата.
Ј. Ф. Св. Р.
Владиката Петар неинформиран
Владиката Петар не е доволно информиран за случајот „Говрлево“ и за продажбата на црковно земјиште и на манастири.
– Не би можел ништо поконкретно да кажам. Мислам дека ќе имаме синодска седница и, ако дотогаш бидат обезбедени аргументи или докази за целиот тој случај, ќе можам да дадам изјава. Уставот не дозволува да се продаваат црковните имоти ако е тоа беспредметно. Ако ситуацијата е таква да не може да се одржи тој имот, тогаш е нормално тој да се продаде – рече владиката Петар во изјавата дадена при отворањето на изложбата на графички листови деновиве во Прилеп.
Св. Р.
МАНУ нуди експертска помош
МАНУ предложи испраќање комисија во Говрлево.
– Бидејќи надлежноста е на Министерството за култура, тоа треба да испрати комисија на високи експерти од МАНУ на терен во Говрлево и да објави еден апел за вредноста на тие објекти. Ако се покаже потребно, апсолутно треба да се запре купопродажбата заради виши национални интереси, и историски и научни – рече академикот Цветан Грозданов, претседател на МАНУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
По пет дена потрага уапсен мажот, осомничен за убиството на својата сопруга и дете во Босна и Херцеговина

Емир Селимовиќ, 38-годишен маж осомничен за убиство на сопругата и синот во Калесија, кај Тузла во Босна и Херцеговина, е уапсен по петдневна потрага, јавува порталот АТВ.
Припадниците на МВР на Република Српска го пронашле во селото Горња Мравица кај Прњавор, каде во четвртокот било откриено и неговото возило. Според неофицијални информации, Селимовиќ бил забележан од мештаните и веднаш ја известил полицијата, по што набрзо бил уапсен.
Телата на неговата сопруга Инела Селимовиќ (37) и нивниот тринаесетгодишен син беа пронајдени на 12 февруари во нивниот заеднички стан во Калесија. Се верува дека Емир Селимовиќ ги задавил.
По убиството, Селимовиќ побегнал со автомобил „шкода фабија“. Автомобилот подоцна бил пронајден во селото Горња Мравица кај Прњавор, но осомничениот се уште бил во бегство. Според извештаите, Селимовиќ бил виден на камерите во Челинац кај Бања Лука за време на неговото бегство.
По опсежна потрага бил лоциран и уапсен во село Горња Мравица.
Свет
Лавров денеска оди во Саудиска Арабија: Русија ги потврди разговорите со САД за Украина

Двајца високи руски функционери ќе отпатуваат во Саудиска Арабија за да се сретнат со нивните колеги од САД, потврди Кремљ.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и Јуриј Ушаков, советник за надворешна политика на претседателот Владимир Путин, во понеделник патуваат за Ријад, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Се очекува дуото да се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио и со Кит Келог, специјалниот пратеник на Вашингтон за Украина и Русија, за да се подготват за мировните преговори за Украина.
Зближувањето на Трамп со Русија ја зголеми загриженоста во Украина и Европа дека Вашингтон би можел да се трка за да обезбеди мировен план со кој ќе отстапи дел од украинската територија со мало учество на Киев или неговите европски сојузници.
Ниту украински, ниту европски претставници не учествуваат на разговорите во саудискиот главен град Ријад, иако Рубио во неделата истакна дека и Украина и Европа ќе треба да бидат вклучени во какви било „преговори“ што ќе произлезат од состанокот.
Европа
Рубио: Европа и Украина ќе бидат вклучени во вистински мировни преговори

Американскиот државен секретар Марко Рубио во интервју за Си-би-ес изјави дека Украина и Европа ќе бидат вклучени во какви било вистински преговори со цел да се стави крај на војната меѓу Русија и Украина.
Рубио ја минимизираше европската загриженост дека тие би можеле да бидат исклучени од претстојните мировни преговори меѓу Русија и САД, кои ќе се одржат во Саудиска Арабија во наредните денови. Тој нагласи дека преговарачкиот процес се уште не е започнат сериозно, но доколку разговорите продолжат, ќе бидат вклучени Украина и европските земји.
Рубио потсети дека американскиот претседател Доналд Трамп разговарал со рускиот претседател Владимир Путин минатата недела. За време на тој разговор, Путин изрази интерес за мир, додека Трамп јасно стави до знаење дека сака траен договор што го обезбедува суверенитетот на Украина.
„На крајот на краиштата, ако ова се вистински преговори – а ние сè уште не сме во тој момент – Украина ќе мора да биде вклучена бидејќи таа е нападната, а Европејците ќе мора да учествуваат бидејќи тие се оние кои воведоа санкции кон Путин и Русија“, рече Рубио.
„Еден телефонски повик не носи мир“, додаде тој, истакнувајќи дека следните неколку недели ќе бидат клучни за проценка на сериозноста на овие разговори.
На прашањето дали разговарал за укинување на санкциите кон Русија за време на телефонскиот разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во саботата, Рубио одби да даде јасен одговор. Но, рече дека разговарале за тешките услови под кои работи американската амбасада во Москва.
Тој додаде дека функционалните амбасади во двете земји се клучни за напредок во мировниот процес.