Свет
Прчевски ќе го расчистува скандалот со државното земјиште
Наскоро ќе има разврска за случајот со распродажбата на државен имот од 5 милиони евра, најави вчера државниот јавен обвинител Александар Прчевски.
ЌЕ ОДГОВОРА ЛИ НЕКОЈ ЗА КРИМИНАЛОТ ОД 5 МИЛИОНИ ЕВРА?
Наскоро ќе има разврска за случајот со распродажбата на државен имот од 5 милиони евра, најави вчера државниот јавен обвинител Александар Прчевски.
Тој вели дека во петокот го примиле предметот што го отвори Државната комисија за спречување на корупцијата и веднаш бил предаден во одделението за организиран криминал во обвинителството.
– Предметот е целосно проучен, најпрво ќе следува предистражна постапка, а потоа, доколку има основа, ќе има и казнена одговорност. Во интерес на истрагата не можам да кажам детали, но тој предмет ќе се заокружи бргу и ќе имаме комплетна слика за она што се случувало – ни рече Прчевски.
Токму поради итноста на овој случај, како што вели јавниот обвинител, другите случаи како „Бачило“ и „УПА Ентерпрајс“ биле ставени во втор план.
Дека скандалот со распродажба на денационализираното земјиште вредно 5 милиони евра е под истрага потврдија вчера во скопскиот катастар. Кога се обидовме да добиеме информација за тоа на кого му било дадено под хипотека земјиштето наспроти Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје и она во Градскиот парк, од катастарот ни рекоа дека предметот е влезен во истрага и од тие причини не може да се даде таква информација.
Нејасно останува кој спровел истрага за предметот, бидејќи тоа може да го стори само јавниот обвинител, кој се уште нема почнато ни предистражна постапка. Инаку, според законот за општо-управна постапка, секое лице има право да изврши увид во одреден предмет во катастарот. Како што вчера објави „Време“, откако ги извади имотните листови за атрактивните плацеви, Гроздана Манасиевска и Томислав Трајковски го заложиле под хипотека земјиштето спроти Соборниот храм (од 1.214 квадратни метри) и кај Градскиот парк (од 5.319 квадратни метри). На имотните листови не пишува кои лица требало да станат крајните сопственици на државниот имот, но во јавноста се повеќе се потврдуваат информациите дека станува збор за извесен Украинец и за позната скопска фирма, блиска до опозицискиот СДСМ. Таа информација, сепак, не може да се потврди затоа што скопскиот катастар го крие спорниот предмет.
Експертите што ги консултиравме сметаат дека голема е веројатноста нотарите Никола Стојменовиќ и Гордана Ракочевиќ да се протнат низ законите, затоа што формално-правно тие само ги заверувале спорните хипотекарни договори на волја на двете страни. Според правниците, најголема можност за одговорност има кај второстепената владина комисија на чело со Сашо Андоновски и кај бившата директорка на катастарот и член на комисијата Емилија Алексова. Тие, како што толкуваат правни експерти, вредноста на нивата и земјиштето во Топанско Поле ги процениле според нивната пазарна вредност (речиси 12 милиони денари за 30.000 квадратни метри), а атрактивните државни земјишта во Центар, Карпош, Орешани и Морени по вредност за која се добива денационализирано земјиште (600 денари за квадратен метар). Тука, според нашите извори, била направена најголемата дубара, а потоа формално-правно се течело во рамките на законите. Затоа ќе биде тешко да се лоцира одговорноста. Пензионерот Ордан Милановски, пак, според Законот за кривична постапка, може да одговара за лихварство и за надриписарство, бидејќи според антикорупционерите, се јавува како полномошник и заемодавец во најмалку 30 договори за заем од по неколку стотици илјади евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија ги повлекува војниците од Нагорно Карабах
Руските воени мировни трупи се повлекуваат од Нагорно-Карабах, потврдија официјални лица од двете земји.
Руските мировници се таму од крајот на ерменско-азербејџанската војна во 2020 година.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги потврди извештаите за повлекувањето пред новинарите, но не даде детали.
Веста за повлекувањето ја потврди и азербејџанскиот министер за надворешни работи Хикмет Хаџиев, додавајќи дека двете земји се договориле за тоа.
Хаџиев не објасни зошто војниците се повлекуваат, но се чини дека нивното присуство е излишно откако Азербејџан ја врати целосната контрола врз регионот минатата година.
Во првата половина на 1990-тите, Нагорно-Карабах беше во фокусот на меѓуетничката војна по распадот на Советскиот Сојуз, во која и Ерменија и Азербејџан беа федерални единици.
Тој регион тогаш беше под целосна контрола на бунтовничките Ерменци до војната во 2020 година, кога Азербејџан ја врати контролата врз некои од неговите делови. Таа војна заврши со прекин на огнот и распоредување на 2.000 руски војници во деловите на Нагорно-Карабах кои останаа под ерменска контрола.
Свет
Стопирани сите летови на „Алјаска ерлајнс“ во САД
Американската федерална управа за авијација (ФАА) денеска издаде препорака за стопирање на летовите на „Алјаска ерлајнс“, пишува „Ројтерс“.
Не е наведена причината за приземјувањето.
„Си-ен-би-ес“ објави дека системот на авиокомпанијата што се користи за сметање на тежината и рамнотежата за летови не работи правилно.
Алјаска ерлајнс и ФАА не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Како одговор на поплаките од патниците на социјалната мрежа „Икс“, авиокомпанијата соопшти дека работи на тоа што поскоро да ги внесе патниците во авионот.
Свет
Нетанјаху им порача на Велика Британија и на Германија: Израел сам ќе донесе свои одлуки
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел сам ќе донесе одлуки.
„Сите тие имаат различни предлози и совети. Јас го ценам тоа. Но, сакам да биде јасно – ние самите ќе ги донесеме нашите одлуки, а израелската држава ќе направи се што е потребно за да се одбрани“, рече Нетанјаху по состанокот со британските министри за надворешни работи и Германија, пишува Гардијан.
Претходно денеска британскиот министер за надворешни работи Џејмс Камерон изјави дека дошол на состанокот за да се солидаризира со Израел, но и дека се надева дека неговиот одговор на иранскиот напад ќе биде „паметен и што е можно поограничен“, пренесе Би-Би-Си.