Свет
Штитениците по грешка на избирачки список?!
Уфрлувањето штитеници од Специјалниот завод во Демир Капија во изборните списоци, надлежните институции вчера го објаснија како “случајна грешка”. Министерството за правда го правело списокот според податоците од личните документи, а МВР објаснува дека грешните информации им ги дал “некој од вработените во Заводот”.
НАДЛЕЖНИТЕ во демир капиЈа СЕ ПРАВДААТ
Уфрлувањето штитеници од Специјалниот завод во Демир Капија во изборните списоци, надлежните институции вчера го објаснија како “случајна грешка”. Министерството за правда го правело списокот според податоците од личните документи, а МВР објаснува дека грешните информации им ги дал “некој од вработените во Заводот”. Случајот со четворицата штитеници, кои се најдоа на избирачкиот список на фиктивни адреси, беше случајно откриен од локалниот разгранок на ВМРО-ДПМНЕ. Тие, проверувајќи ги избирачките списоци, забележале дека на иста адреса, покрај семејството што живее таму, се запишани и други лица.
– Некој од вработените, кој ги давал податоците при подготвувањето на личните карти и пасошите за штитениците, најверојатно згрешил при соопштувањето на точната адреса на Заводот. Затоа адресите во некои документи се совпаѓаат со адреси на приватни куќи – вели началникот на неготинската полиција Новит Кузмановски.
Одговорните во Заводот велат дека личните документи за штитениците ги извадиле за да учествуваат на Специјалната олимпијада и на други меѓународни манифестации.
– Ни порано, ни сега, ни во иднина нема да се манипулира со нашите штитеници. Напротив, ќе се ангажираме за доброто на овие луѓе – вели Љуба Тегова, в.д. директорка на Заводот.
Партиите и вчера меѓусебно се обвинуваа за случајот. ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта дека нема минимум етика и човечност.
– Случајна грешка – е само лош изговор. Како можело МВР ноншалантно на сите штитеници да им издаде лични карти и пасоши со фиктивни живеалишта. Манипулацијата е очигледна – велат во општинскиот комитет на партијата.
Во СДСМ два дена не сакаа да го коментираат случајот, а потоа излегоа со контраобвинување дека повеќето штитеници биле уфрлени во списокот уште во 2000 година, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.
– Ние не ги обвинувавме за тоа. Не сакавме штитениците да ги вклучуваме во кампањи и да ги користиме во дневнополитички игри, како што правеше нашиот противник – вели претседателот на Општинската организација на СДСМ, Киро Глигоров.
Според него, одговорен за штитениците во Заводот е активист на опозициската коалиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД: Ќе го блокираме полноправното членство на Палестина во ОН, тие треба да преговараат со Израел
САД ќе гласаат против палестинската кандидатура за полноправно членство во Обединетите нации и ќе ја блокираат светската организација да признае палестинска држава.
„САД продолжуваат да тврдат дека најбрзиот пат до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори со Израел и палестинската управа со поддршка на САД и други партнери“, рече американскиот претставник.
Планирано е 15-члениот совет да гласа за нацрт-резолуцијата со која се препорачува на Генералното собрание на ОН од 193 држави „Државата Палестина да биде примена во членство во ОН“.
За да усвои резолуцијата, потребни се најмалку девет гласа и никакво вето од САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина. Дипломатите проценуваат дека резолуцијата би можела да собере 13 гласа, што би ги принудило САД да стават вето.
„Одамна јасно ставивме до знаење дека предвремените акции во Њујорк, дури и ако се во најдобар интерес, нема да резултираат со државност за палестинскиот народ“, рече американскиот функционер. Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач не-членка, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година.
Меѓутоа, барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа од најмалку две третини од членовите на Генералното собрание. Засилените напори на Палестина за полноправно членство дојдоа шест месеци по масакрот на Хамас во јужен Израел и војната во Појасот Газа по започнувањето на израелската офанзива и проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека „повеќе од кога било, неопходно е да се поддржат напорите со добра волја за воспоставување траен мир меѓу Израел и независна, одржлива и суверена палестинска држава“.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.