Свет
Во коруптивниот бизнис циркулираат една милијарда евра
На скалата на „Транспаренси интернешенел“ нашата земја го зазеде 103. место од вкупно 158 рангирани
На скалата на „Транспаренси интернешенел“ нашата земја го зазеде 103. место од вкупно 158 рангирани
Позицијата на светската листа значи дека не сме мрднале напред и дека лебдиме непродуктивно во место
КАТИЦА ЧАНГОВА
“Во коруптивниот бизнис во Македонија годишно циркулираат минимум неколку стотици милиони евра, а можеби и близу една милијарда евра. Ова не е конкретна и научно потврдена, но претпоставена, лабава процена која произлегува од постоењето на два таканаречени видови корупција во државата. И тоа голема корупција од која се губат буџетски средства преку земање провизии, доделување концесии и лиценци и мала корупција која го празни џебот на граѓаните преку поткуп на судии, полицајци, лекари, цариници, професори”, изјави вчера претседателот на “Транспарентност-Македонија”, Зоран Јачев.
На вчерашната прес-конференција Јачев соопшти дека Македонија се наоѓа на 103. од вкупно 158 места, на годинашната светска листа на држави за индексот на корупција на меѓународната организација “Транспаренси интернешенел”, за разлика од лани кога од 146 рангирани била на 97. позиција. На Македонија Ј прават друштво Гамбија, Свазиленд и Јемен. Иако падот на скалата е за неколку места, не би можел да се сфати како влошување бидејќи разлика во поени нема. За Македонија тие се идентични- 2,7 и годинава, исто како и лани. Мерилото на корупција е од 0 што значи дека целото општество е заразено, до 10 дека корупција не постои.
“Позицијата на светската листа значи дека не сме мрднале напред и дека непродуктивно лебдиме во место. Со индексот на степенот на корупција не се мерат напорите на државата за борба со корупцијата, туку постигнатите конкретни резултати. Целокупната клима во Македонија е далеку од поволна. Скалилото што го зазема некоја земја влијае на бизнис релациите, инвестирањето, евроинтеграцијата”, потенцира Јачев. Тој додаде дека за спречување на корупцијата треба да постои појасна, поцврста, недвосмислена и неспорна политичка волја.
“Мора да се зајакне законската рамка со која ќе се бориме против корупцијата. Администрацијата мора да се трансформира во квалификувана структура и помалку зависна од политиката. Медиумите ќе мора да го засилат истражувачкиот дел од својата работа во откривање на корупцијата и во жигосување на појавите и личностите, а истото се однесува и за полицијата и обвинителството. Институциите во системот мораат да покажат апсолутно единство во борбата против корупцијата”, порача првиот човек на “Транспарентност” коментирајќи дека она што го имаме во Македонија на тој план дефинитивно не е соработка.
Од регионот на Западен Балкан, Македонија го зазема деветтото место по корупција и по неа е само Албанија. Најдобро рангирани на светската листа се Бугарија, на 55 место и прва во регионот. На второто место и 65 во светот е Турција, третата позиција на Балканот и 70 на глобалната листа ја обезбеди Хрватска. По нив се Романија, Босна и Херцеговина и Србија и Црна Гора. Македонија првпат беше рангирана на оваа листа во 1999 година и тогаш го зазеде 65. место.
Зоран Јачев вели дека објавувањето на овој извештај случајно се совпаднал со големите настани, очекување на позитивниот одговор од Европската унија и парламентарните избори во идната година. “Иако многумина реагираат дека објавувањето на податоците може да биде некому во полза, тоа не го диктираме ние. Резултатите ги добивме пред една недела со ембарго до вчера, кога истовремено се објавуваат во целиот свет”, објасни претседателот на “Транспарентност-Македонија”.
Највисок меѓународен антикорупциски рејтинг имаат скандинавските земји. Најмалку корумпирани се Исланд, второпласирана е Финска која лани беше лидер, следат Нов Зеланд и Данска, а потоа Шведска. Централноазиските и јужните кавкаски републики покажуваат заштитнички однос спрема корупцијата и токму затоа имаат ниски оцени на скалата. Најслаб резултат имаат Бангладеш и Чад, со 1,7 индексни поени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.
Свет
Кулеба: Неприфатливо е Украинците надвор од државата да седат во ресторани, додека други умираат
Министерот за надворешни работи на Украина со ентузијазам ги пофали американските политичари за одобрувањето на долго одложуваниот пакет воена помош од 61 милијарда долари за Украина, но предупреди дека новите испораки нема веднаш да го свртат бранот на војната.
„Алелуја“, изјави Дмитро Кулеба во интервју за „Гардијан“, запрашан за реакцијата на гласањето на американскиот Сенат во вторникот. Тој рече дека „неговото верување е дека ќе има позитивен исход“, но Западот мора „да сфати дека ерата на мирот во Европа е завршена“ и да ја изгради својата одбранбена индустрија.
Во интервју за „Гардијан“, Кулеба рече дека се надева оти Белата куќа ќе претстави нов пакет оружје „за неколку дена, можеби дури и часови“ и дека е „само прашање на логистика“ да се префрлат залихите на линија на фронтот.
Претставници на Пентагон најавија дека одредена муниција веќе е складирана во Европа, а се очекува меѓу приоритетите да бидат артилериската и противвоздушната одбрана.
Кулеба, исто така, рече дека Украина идентификувала седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ кои би можела да ги користи за заштита на цивилите во поголемите градови надвор од Киев.
Тој исто така додаде дека украинскиот претседател Володимир Зеленски разговарал со Џо Бајден за воената помош во понеделникот. Кулеба рече дека сојузниците на Украина треба да се префрлат од „изразување сочувство на Украинците и ветување помош за закрепнување за да се спречи загубата на животи и уништувањето на земјата“.
Тој рече дека враќањето на американската воена помош, која со месеци ја задржуваат републиканците кои се усогласени со Доналд Трамп, нема да биде доволно за да се победи Русија. „Ниту еден пакет не може да ги запре Русите. Она што ќе ги спречи Русите е обединет фронт на цела Украина и сите нејзини партнери“.
Кулеба рече дека Западот треба да го зголеми своето производство на оружје, како што направи Украина, бидејќи Русија го престигна. „Русија ја надминува Украина со околу 10 спрема еден, додека Украина е без воздушна одбрана.
Кога гледам што постигна Русија во изградбата на одбранбена индустриска база за две години војна и што постигна Западот, мислам дека нешто не е во ред со Западот“, рече Кулеба. „Западот мора да разбере дека ерата на мирот во Европа е завршена.
Врвот на воено-индустриското производство на сојузниците на Украина не се очекува до крајот на 2024 година“, рече шефот на дипломатијата, посочувајќи дека Киев предвидува дека војната ќе продолжи и следната година. Се очекува Русија да започне летна офанзива и се верува дека е во процес на мобилизирање на дополнителни 100.000 војници за борбата.
„Не знам што ќе се случи утре или како ќе се однесуваат политичките елити во САД. Она што го научивме од првиот претседателски мандат на Доналд Трамп е дека има излез од секоја криза“, рече тој.
Кулеба рече дека одлуката за откажување на конзуларните услуги за украинските мажи на борбена возраст кои живеат во странство, објавена во вторникот, е праведна бидејќи „момчињата во рововите се многу уморни“.
„Тие не разбираат зошто владата не се обидува да привлече повеќе луѓе во воените напори“, рече тој. Кулеба рече дека не е јасно колку Украинци ќе се вратат, но неприфатливо е оние надвор од земјата да „седат во ресторани“, додека други умираат.
„Мислам дека на крајот на оваа војна само едната страна ќе преживее, а тоа ќе биде Украина. Но, кога велам преживее, не мислам дека Русија ќе престане да постои како земја“, вели тој.
Свет
Русија и Украина договорија размена на децата одвоени од нивните семејства за време на војната
Руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова денеска изјави дека Русија и Украина се договориле за размена на децата кои биле одвоени од нивните родители за време на конфликтот меѓу двете земји.
Преговорите за размената се водеа со посредство на Катар, при што беше договорено Москва да прими 19 деца и 29 од нив да испрати во Украина, пишува РТ.
Белова изјавила дека владата на Катар го следи списокот на деца кои ќе бидат разменети, како и дека ова е прво преговарање во живо меѓу Москва и Киев од почетокот на војната, пренесува Танјуг.