Свет
Американски војник со тајни информации заработил 410.000 долари: се обложил на падот на Мадуро
Американски војник осомничен за проневера на повеќе од 400.000 долари обложувајќи се на соборувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро е обвинет за измама, објави Министерството за правда на САД во четврток.
Војникот Ганон Кен Ван Дајк е обвинет за користење класифицирани информации за обложување на интервенција на САД во Венецуела на 3 јануари на веб-страницата за предвидувања Полимаркет, соопшти Министерството.
Стациониран во Форт Браг во Северна Каролина, осомничениот „учествувал во планирањето и извршувањето“ на операција за апсење на Николас Мадуро и негово доведување во Соединетите Држави, се вели во соопштението. „Тој имал пристап до чувствителни, нејавни и класифицирани информации за оваа операција“.
Почнувајќи од почетокот на декември, 38-годишниот војник поставил вкупно приближно 33.000 долари на 13 облози за потенцијална интервенција на САД во Венецуела или пад на претседателот Мадуро. „Како резултат на тоа, Ван Дајк ги добил своите облози на овие договори. Вкупно, тој наводно остварил профит од приближно 409.881 долари“, според Министерството за правда.
Тој е обвинет, меѓу другото, за незаконско користење на доверливи владини информации за лична корист, кражба на владини информации, измама и нелегални парични трансакции – обвиненија што носат потенцијална казна од неколку децении затвор.
„Мажите и жените кои служат во униформа имаат пристап до доверливи информации и им е забрането да ги користат овие високо чувствителни информации за лична финансиска корист“, рече вршителот на должноста државен обвинител Тод Бланш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп за Иран: Се’ е потпишано, многу сум среќен
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е потпишан договор со Иран со кој се предвидува целосно отворање на стратешки важниот Ормуски теснец за меѓународната пловидба.
„Многу сум среќен што можам да го кажам ова: Договорот е целосно потпишан. А теснецот, како што знаете, е веќе делумно отворен“, изјави Трамп пред новинарите веднаш по пристигнувањето во Евијан, Франција.
„Во петок ќе биде целосно отворен.“
Според најавите, официјалната церемонија ќе се одржи в петок во Женева, а во име на САД ќе присуствува потпретседателот Џеј Ди Венс.
Со овој договор се продолжува примирјето во траење од 60 дена, во текот на кои треба да се решат најспорните прашања, вклучително и иднината на иранската нуклеарна програма. Трамп нагласи дека евентуалното ублажување на санкциите кон Техеран ќе зависи од натамошното однесување на иранските власти. Веста за потпишувањето на договорот предизвика пад на цените на нафтата на светските берзи, додека вредноста на акциите забележа значителен пораст.
Свет
Трамп: По Иран ќе се фокусирам на Украина
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека по постигнувањето на договорот со Иран, вниманието ќе го насочи кон војната во Украина и состојбата во Либан.
На Самитот на Г7 во Франција, Трамп рече дека неодамна разговарал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со рускиот претседател, Владимир Путин
„Мислам дека можеме нешто да направиме на тоа поле. Навистина го мислам тоа. Мислам дека и двајцата се отворени за тоа“, изјави Трамп.
Во меѓувреме, Зеленски соопшти дека му предложил средба на Путин со цел да разговараат за завршување на војната, но дека рускиот претседател не бил подготвен за таков разговор.
Прашањето за понатамошната американска поддршка за Украина останува отворено, додека лидерите на Г7 во Франција разговараат и за глобалната економија, снабдувањето со критични минерали и развојот на вештачката интелигенција.
Свет
Трамп пристигна на Самитот во Франција, Макрон не го пречека лично
Американскиот претседател, Доналд Трамп, пристигна на Самитот на Г7 во француското одморалиште Évian-les-Bains, каде што светските лидери ќе разговараат за војната во Украина, економските прашања и неодамнешниот договор меѓу САД и Иран.
Трамп при пристигнувањето не беше лично пречекан од францускиот претседател Емануел Макрон, како што првично било планирано, туку од шефот на претседателскиот протокол. Сепак, двајцата лидери треба да одржат билатерална средба за време на самитот.
Непосредно пред патувањето во Франција, Трамп повторно се закани со воведување царини од 100 проценти за француското вино доколку Париз не го укине данокот за големите американски технолошки компании.
Макрон, пак, порача дека Франција нема да попушти пред таквите закани и оцени дека царините не им користат на земјите од Г7.
На самитот се очекува да биде разгледан и рамковниот договор меѓу САД и Иран за завршување на конфликтот и повторно отворање на Ормутскиот Теснец. Според најавите, меморандумот за разбирање треба да биде потпишан во петок во Швајцарија, додека за повеќе чувствителни прашања, вклучително и иранската нуклеарна програма, ќе следуваат дополнителни технички преговори.
Трамп за време на самитот треба да се сретне и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека западните сојузници продолжуваат да разговараат за понатамошната поддршка за Украина.
