Европа
Бил во кино, па на враќање убил двајца
Еден Швеѓанец е осомничен за убиство на двајца, што го извршил два дена пред католички Божик, откако претходно бил во кино каде го гледал новиот филм Star Wars, а потоа фатил автобус и такси за да стигне дома, во руралниот дел на земјата.
Дваесетгодишното момне, кое е во притвор, негира дека убил 71-годишна жена и 62-годишен маж во малото село Робо, во централна Шведска.
Двојката биле најдени сериозно ранети, а нешто подоцна починале, на 22 декември. Полицијата ја пребарала околината во потрага по убиецот, а тој бил уапсен следниот ден кога се појавил во болница со крвави раце, откако се искачил до автопатот. Пред судијата рекол дека рацете му се повредени затоа што бил нападнат и ограбен под закана со нож, а не побарал помош порано затоа што се онесвестил.
Тој живее во истата област со убиените, но истрагата не покажала дека се знаат на некој начин.
Според шведските медиуми, жената завиткувала подароци за Божик, кога убиецот пристигнал на нивната врата. Сосед се јавил во полиција, откако од куќата почнале да доаѓаат чудни звуци, јави регионалниот весник Hela Hälsingland.
Тој тврди дека го пропуштил автобусот за дома, па останал во блиското гратче.
Според обвинителот, убиецот ја поминал ноќта во шумата, во близина на местото на убиството, криејќи се од полицијата.
Порано вечерта, тој бил во кино во Худиксвал и го гледал „Rogue One: A Star Wars Story“. Од киното велат дека тој е чест посетител, ги знае сите што работат таму, а вечерта се однесувал нормално.
Неговите пријатели за Aftonbladet велат дека посетувал психијатар, а тоа го потврдил и неговиот адвокат./крај/тл/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русија и се закани на Полска
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков се закани дека Русија ќе ги таргетира нуклеарните оружја и објектите на НАТО, доколку тие бидат распоредени во Полска. Тој рече дека заедничките нуклеарни мисии на НАТО во близина на руската граница се сметаат за закана за нејзината безбедност, пренесува руската државна агенција ТАСС.
„Да не кажам ништо за трајно распоредување, за што зборуваат жешките глави во Варшава. Затоа сите оние политичари кои разговараат за таква опција во Полска и во странство треба да разберат: соодветните капацитети неизбежно ќе бидат цел. Тие ќе бидат први на список на нашето воено планирање“, се закани тој.
Полска во понеделникот објави дека е подготвена да прифати нуклеарно оружје на своја територија доколку НАТО, чиј член е, одлучи да го зајакне своето источно крило бидејќи Русија распоредува ново оружје во Калининград и Белорусија.
„Доколку нашите сојузници одлучат да распоредат нуклеарно оружје на наша територија како дел од дистрибуцијата на нуклеарно оружје за да ја зајакнеме безбедноста на источното крило на НАТО, ние сме подготвени на тоа“, изјави Анджеј Дуда за весникот Факт.
„Војната меѓу Русија на Владимир Путин и НАТО би завршила со неизбежен пораз на Москва“, изјави денеска полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
„Ние, Западот, не треба да се плашиме од конфликт со Путин, туку обратно“, рече Сикорски за време на говорот во Сејм, Долниот дом на полскиот парламент. Сикорски додаде дека рускиот воен и економски потенцијал „бледи во споредба со оној на Западот“, бидејќи НАТО има три пати повеќе воен персонал, три пати повеќе воздушен персонал и четири пати повеќе бродови од Русија.
Европа
Писториус: Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за војната во Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус тврди дека Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за да ја продолжи својата специјална воена операција во Украина.
Во интервју за телевизијата „АРД“, тој беше прашан дали го дели стравот на балтичките земји дека Русија ќе може да ја нападне територијата на НАТО за неколку години, тој одговори дека нема кристална топка за да ја предвиди иднината, пренесе ТАСС.
„Но, она што го велат воените експерти и специјалистите за оружје е дека Русија го зголемува производството на оружје“, рече тој.
Писториус истакна дека поголемиот дел од произведеното не се испраќа на фронт, туку оди во магацини. Според германскиот министер за одбрана, во случај на ескалација ќе биде вклучено целото НАТО.
„Во тој случај треба да можеме да се одбраниме, да водиме војна која ќе ни биде наметната. Затоа не штедиме напори за соодветно опремување на вооружените сили во Европа, во НАТО“, додаде тој.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.