Европа
Азилант во Германија со седум идентитети ја измамил државата за 22.000 евра

Суданец кој користел лажни идентитети за да ја измами германската држава за речиси 22.000 евра, е осуден во понеделникот на условна затворска казна од една година и девет месеци, што е првиот судски епилог по избувнувањето на овој скандал со кој за огромни суми е оштетена Германија.
Покрај тоа, на овој 25-годишен азилант од Судан му се досудени и 200 часови општествено полезна работа, од страна на окружниот суд во Хановер, откако е утврдено дека користел седум лажни идентитети за да дојде до социјална помош во различни германски општини.
Успеал да добие 21.700 евра едноставно регистрирајќи се под различни имиња. Пред судот преку адвокатот рекол дека парите му биле потребни за да им помогне на болните родители во Судан.
Пресудата од повеќе од една година вообичаено би била причина за депортација од Германија за младиот маж кому уште не му бил одобрен азилот. Но бидејќи доаѓа од Дарфур, кој е разорен од војната, веројатно депортацијата ќе биде одложена, дури и доколку неговото барање за азил биде одбиено.
Станува збор за првото судење од околу 300 случаи во сојузната германска земја Долна Саксонија во кои најчесто судански азиланти се обвинети за мамење на државата со користење на лажни идентитети.
На почетокот од февруари Државното обвинителство во Брауншвајг покрена истрага против службеници на Покраинското биро за прифаќање бегалци на покраината на Долна Саксонија (LAB) поради тоа што се обиделе да забошотат преку 300 случаи на измама од страна на подносителите на барања за азил во Германија.
Повеќето случаи се во врска со измамите на бегалци од Судан кои во Германија пристигнале со бегалскиот бран во летото 2015 година, на почетокот од јануари 2017 година изјави претседателот на комисијата во градот Брауншвајг, Јоерн Меменга. Тој штетата ја проценува на неколку милиони евра. Според него, постоеле сознанија дека бегалците неколкупати се регистрирале на различни места за повеќепати да добиваат социјална помош. Повеќето од нив се пријавувале со две или три различни имиња и презимиња, опишувајќи ги методите со кои се служеле. Понекогаш едноставно ќе пуштеле брада, ставале очила, ќе ја истрижеле косата.
Се сметаше дека за тоа не се виновни преоптоварените социјални работници кои во периодот на кулминацијата на бегалската криза регистрирале и до две илјади луѓе дневно. Секое лице ги измамило властите во просек за неколку илјади евра, а во еден случај исто лице користело дванаесет различни идентитети и така се стекнало со 45.000 евра.
Брауншвајг е град со 250.000 жители во сојузната покраина Долна Саксонија. Скандалот беше откриен откако службеничка на бирото за прифаќање и регистрација на бегалците (LAB) уште на почетокот од 2016 година открила над 300 случаи во кои подносителите на барање за азил користејќи се со лажни идентитети незаконски добивале парична помош за подносители на барање за азил. Откако тие случаи ги пријавила на управата на LAB, тие, како што тврди, ѝ наложила да ја забошоти целата ситуација, но таа случаите на измами ги пријавила во полицијата.
На службеничката којашто била вработена на одредено време и тоа во текот на најголемиот бегалски бран. во мај не ѝ бил продолжен договорот „породи непримерно однесување“, односно затоа што ги испратила документите во полицијата „на своја рака и без дозвола на претпоставените“.
Челниците на LAB потврдија дека сите пријавени случаи за користење двојни идентитети се однесувале на подносителите на барање за азил од Судан па директорот заклучил „дека не би било исправно да се свртува кон една етничка група“. Исто така, тврди дека доказниот материјал наводно „не бил доволно силен“.
Службеничката, којашто работела на шалтерот на кој на новодојдените бегалци им се делеле потврди со коишто можеле да подигнат храна, облека и пари, забележала дека повеќе мажи се појавуваат секогаш со нов идентитет. Во првиот бегалски бран на бегалците не им биле земани отпечатоци од прстите, а повеќето не пријавиле никакви лични документи.
„Постои сомневања дека LAB намерно ги криел случаите на незаконско примање социјална помош на основа на лажен идентитет“, соопшти обвинителството на Брауншвајг.
Министерот за внатрешни работи на Долна Саксонија, Борис Писториус, изрази жалење поради тоа што на службеничката не ѝ бил продолжен договорот, но рече дека во LAB „и вака и онака“ имале намера да ги испратат документите во полицијата. „Тоа се нормални постапки, ние до крајот на минатата година знаевме за овие случаи“, рече Писториус.
Но демохристијанската опозиција во Долна Саксонија бара формирање истражна комисија којашто би ја утврдила вистинската заднината на овој случај со забошотување на измамите. Конечната сума за којашто оваа сојузна држава е оштетена со измамите не е познат досега.
Германија минатата 2016 година бегалците ја чинеле 22 милијарди евра, соопшти мината седмица министерството за финансии./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
20-ина лица приведени по бомбашкиот напад во Анкара

Во полициските операции во Истанбул и Киркларели против Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција ја смета за терористичка организација, по бомбашкиот напад во Анкара, беа приведени 20 лица.
Турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја, денеска изјави дека 20 лица се приведени во акции спроведени на 26 адреси во Истанбул и Киркларели, јавува „Анадолија“.
Тој наведе дека утврдиле кои „се лицата што собирале помош за членови на терористичка организација, кои биле уапсени и осудени за активности на терористичка организација“.
„Фатени се 20 луѓе. Со молитви и поддршка на нашата драга нација нашата борба ќе продолжи одлучно сè додека не биде неутрализиран и последниот терорист“, рече министерот.
Работничката партија на Курдистан ја презеде одговорноста за самоубиствениот напад вчера во Анкара.
Бомбаш самоубиец активира експлозив во близина на Министерството за внатрешни работи во турскиот главен град Анкара неколку часа пред почетокот на седницата на парламентот по летниот распуст.
Двајца припадници на полициските сили се полесно повредени, а другиот напаѓач е убиен во размената на оган со полицијата, јавуваат медиумите.
Европа
Зголемена разликата во платите меѓу мажите и жените во Холандија

Родовиот јаз во платите во Холандија се зголеми и разликата во платите меѓу мажите и жените, кои вршат иста работа со исто образование и искуство, се зголеми од пет проценти во 2021 година на 7,4 проценти оваа година.
Зголемувањето на јазот настанало затоа што платите на мажите биле зголемени во поголем процент од зголемувањата што ги добивале жените кога 70 отсто од вработените во Холандија добиле зголемување на платата во последните две години, пишува холандскиот портал „Тајмс“.
Во просек, мажите сега заработуваат 16,4 отсто повеќе отколку во 2021 година, а жените забележале просечен пораст на платите од 9,1 отсто. „Едно можно објаснување е дека мажите, едноставно, бараат погласно покачување од жените во последните две години“, вели професорот по економија, Јап ван Мијен, од Универзитетот за бизнис во Нинрод. И мажите добиваат поголема стимулација од жените.
„Се чини дека мажите повеќе се грижат за тешките услови за секундарно вработување, а жените повеќе се грижат за суштинските аспекти на работата“, рече Ван Мијен, пренесува „Танјуг“.
Според порталот, мажите имаат трипати поголема веројатност да имаат службено возило или картичка за гориво и двојно поголема веројатност да добијат додаток за споделување профит и преместување. Разликата во платите значи и дека жените се финансиски поранливи од мажите – додека 87 отсто од мажите заработуваат доволно за да ги покријат сите месечни трошоци, истото тоа важи и за 82 отсто од жените.
Европа
Русија за потегот на САД: Ова е шоу за јавноста

Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, рече дека нацрт-законот за привремено финансирање, усвоен од американскиот Конгрес, кој ја изостави помошта за Украина, нема да промени ништо опишувајќи ја одлуката на Вашингтон како јавен настап, пренесе новинската агенција РИА.
Рјабков исто така рече дека ракетите од американско производство, кои претходно беа опфатени со сега веќе непостојниот договор за нуклеарни сили со среден дострел, може да се појават во Европа и во Азиско-пацифичкиот Регион, објави „Ројтерс“.
Вашингтон се повлече од договорот во 2019 година. Русија оттогаш рече дека нема да распореди такво оружје, освен ако Вашингтон не го направи тоа.